Од архивите: Интервју со Иво Андриќ од 1967 година…

Иво Андриќ е еден од најпознатите писатели што се родиле на Балканот, и единствениот книжевник од овие простори што ја добил Нобеловата награда за книжевност во 1961 година, а најпознат е по неговото неверојатно дело „Мостот на Дрина“, а на блогот можете и да прочитате прекрасни извадоци од ова прекрасно дело.

Денес на блогот можете да погледнете и прочитате еден кус извадок и едно кусо интервју од 1967 година, шест години по добивање на Нобеловата награда, кое е објавено на официјалната Јутуб страница на РТС (Радио телевизија Србија) и кое, иако кратко, дава многу интересни одговори на тие неколку прашања. Во продолжение прочитајте го интервјуто на македонски јазик, а најдолу погледнете го и видеото и интервјуто.

Н: Дали ви се наметнал некој проблем како создавач, на кој сте останале должен да одговорите?

И.А: Секако дека ми се наметнал проблем и тоа не еден, како на секој човек што живее и мисли, и секако дека останав должен во однос на многу од тие прашања.

Н: Што е животот: игра, измама, или тајна која сè уште не можеме да ја откриеме?

И.А: У, тоа е големо прашање. Јас верувам дека е и игра и измама и тајна, но пред сè мислам дека животот е битка, која секој човек и сите луѓе заедно ја водат на земјата додека се живи. Всушност тоа го потврдуваат сите древни филозофи, дека животот на човекот е битка на земјата.

Н: Државите можат да бидат, помалку или повеќе, неутрални, но писателите секако дека не можат, каде е нивното место?

И.А: Не знам како е со државите, но што се однесува до писателите, мислам дека во природата на повикот е да не можат да бидат неутрални, затоа што човекот кој дава слика за светот, и луѓето околу себе, и проблемите кои ги мачат тие луѓе, тој секако дава и свој став кон светот и тие луѓе и кон тие проблеми. Јас мислам дека е најдобро одговорот да се бара во она што го пишува писателот, затоа што тука најверојатно се гледа неговиот став, и неговиот однос кон светот и луѓето.

Leave a comment