„BookBuddy“ – Прва неформална дигитална библиотека!

Доколку сте страсни читател(к)и и барате некаков нов предизвик и еден покреативен пристап кон читањето и избирањето книги, сигурно ќе ве заинтригира веста за првата неформална дигитална библиотека BookBuddy (Книжевен пријател), проект и нова дигитална алатка на издавачката куќа „Антолог“, преку која читателите и читателките ќе можат да позајмуваат книги преку еден многу интересен пристап.

Како што се наведува во објавата на „Антолог“, се работи за „платформа преку која на книгите ќе им се даде можност да живеат многу животи, а на читателите да имаат побогат социјален пристап до сродните луѓе и да добијат поголема достапност до книжевните дела објавени во различни временски периоди.“

Иако како читатели обожаваме да купуваме што е можно повеќе книги (дури има и име за тоа), сепак факт е дека живееме во време на брза потрошувачка и дигитална изолација, па оттаму е инспирацијата за оваа платформа, која според „Антолог“, претставува „свеж и хуман концепт што ја слави моќта на споделувањето и враќањето на смислата на литературата“. Концептот на платформата е плурален и антиконсумерски, т.е „наместо постојано купување нови книги кои потоа завршуваат заборавени на полици, BookBuddy им дава континуиран живот на книгите и создава мрежа на љубопитни и штедри читатели кои веруваат дека книгите треба да циркулираат – од рака во рака, од ум до ум.“

Како функционира оваа платформа?

Најпрво треба да се регистрирате и да направите профил на страницата: https://bookbuddy.antolog.mk/. Откако ќе се регистрирате, можете да додавате книги кои ги поседувате и сакате да ги споделите со другите, а можете и да ги прелистувате книгите што се веќе поставени на платформата и да си изберете книга што ви се допаѓа и да ја позајмите од други корисници.

Откако ќе изберете книга, се договарате со корисникот (оној што ја поставил избраната книга) како да ја добиете: преку пошта, лична средба или преку некој друг меѓусебен договор. Секако, оној што ја позајмува книгата, мора да ја чува и совесно да се однесува кон книгата и по читањето да ја врати книгата во истата состојба, а преку платформата ви се гарантира флексибилност и лесна комуникација.

Секако и дека се поттикнуваат сите корисници да го оценуваат искуството со позајмувањето или споделувањето книги и на тој начин да помогнат во изградба на доверба и репутација на платформата. Дополнително, од „Антолог“, велат дека „тимот на BookBuddy е секогаш тука за поддршка, модерација и превенција на злоупотреби“ и дека позајмувањата се „на сопствена одговорност, но правилата, можноста за пријавување корисници го прават искуството фер и безбедно“.

За почеток ќе бидат достапни дваесетина наслови во издание на издавачката куќа „Антолог“, но тимот на BookBuddy се надева дека бројот многу бргу ќе порасне до неколку десетина дела.

BookBuddy е дел од проектот „Создадено во Европа: Moќта на различноста“, со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија.

За повеќе информации, следете ја веб-страницата на „Антолог“ и нивните профили на социјалните мрежи на Фејсбук и Инстаграм.

Leave a comment