Пролетта веќе наголемо го зема својот залет, почнаа прекрасните сончеви денови, кои се совршени за читање со одлично кафе или некој друг омилен пијалок. Можете да читате во некој парк, на тераса или во двор и да уживате во прекрасните сончеви денови со некоја добра книга.
И така некако, дојде време и за стандардната рубрика, односно препорака за читање за соодветното годишно време, т.е прогласување на мојата книга за пролетта. Моја книга на пролетта 2025 година е неверојатното и кусо дело „Бели ноќи“ од Фјодор Достоевски. Оваа приказна со години беше на мојата листа, но никако не можев да ја пронајдам и конечно, зимава беше објавено ново издание на македонски јазик, а издавач е издавачкиот центар „Антолог“.

Доколку ги следите социјалните мрежи и странските медиуми, сигурно сте забележале во последните години дека „Бели ноќи“ стана вистинска сензација, особено на социјалната мрежа „Тик-ток“, а за тоа имаше прилози во многу медиуми, меѓу кои и „Гардијан“ и „Фајненшел тајмс“.
И така токму навреме се случи да ја прочитам и јас оваа приказна и морам да признаам дека ме освои уште со првата реченица и дефинитивно за мене е книга на пролетта. Прочитајте во продолжение и зошто!
За што се работи во приказната?
Оваа приказна се одвива на само 67 страници и во период од само четири ноќи. Неименуваниот наратор во оваа приказна една вечер лута низ улиците на Санкт Петербург и размислува за себеси, осаменоста и другите луѓе кога ја здогледува Настењка, млада девојка која делува многу тажно. Така тие започнуваат еден разговор и развиваат пријателство. Се работи за кратка и многу интензивна приказна, која нема шанси да ве остави рамнодушни.
Зошто треба да ја прочитате книгата?
Ова е далеку од најголемите и најславните дела на Достоевски, кој го напишал и објавил на свои млади 26 години. Но, уште од оваа приказна се наѕира неговата генијалност и зачетоците на она што ќе стане еден од најгенијалните умови на сите времиња.
Самиот лик на неименуваниот наратор е толку интересен и мистериозен. Ние уште од самиот старт не знаеме речиси ништо за него, освен неговите размислувања за време на прошетката и веднаш забележуваме дека е необичен, самиот се нарекува мечтател, малку е интровертен, нема многу пријатели, дури на моменти малку ме потсеќа на понежна верзија на нараторот од „Белешки од подземјето“, само што не е толку мрачен. И потоа гледаме како во него гори страст со запознавањето на Настењка. Во него се буди една искра и тој е толку возбуден што го започнува ова пријателство, иако од самиот старт е очигледно дека кај него има и повеќе од пријателски чувства иако таа од старт му напоменува дека не смее да се вљуби во неа. Од друга страна Настењка делува тажно, замислено, потиштено, но во неа исто така се раѓа интерес за нашиот наратор, сака да ја дознае неговата приказна и во тој момент тој си ја истура својата душа, како едвај да чекал друго суштество за да си ја испразни душичката.
Во еден момент тој има еден подолг монолог и зборува за мечтателот како концепт, но очигледно дека и самиот се става себеси во таа категорија. Тој вели:
„Мечтателот – ако е неопходна подетална определба – не е човек, туку знаете ли, некакво суштество од среден род. Тој најчесто живее некаде во недостапен кат, небаре се скрива во него дури и од дневната светлина, и, кога веќе ќе стигне во својот кат, веднаш ќе пушти корења во него, како школка, или, во најмала рака, тој е мошне сличен, во таа смисла, на онаа интересна животнинка, што е во исто време и животно и куќа и што се наречува желка.“
Иако тие поминуваат само четири ноќи заедно, очигледно е дека се создава еден интензивен однос, во кој и Настењка целосно му се доверува на нашиот наратор, за нејзината строга баба, но и за нејзината приказна зошто седи и чека секоја вечер, а нашиот наратор сака на кој било начин да ѝ помогне. Сето ова се случува многу брзо и на крај завршува интензивно и невозможно е да ве остави рамнодушни, но ќе мора самите да ја прочитате за да дознаете што се случува.
Мисли од книгата што ми оставија особен впечаток
„Тоа беше необична ноќ, таква ноќ, каква што веројатно само може да постои тогаш кога сме млади, мој љубезен читателу. Небото беше толку ѕвездено, толку светло, што откако ќе погледнеш во него, и без да сакаш ќе се прашаш: можно ли е под такво небо да живеат разни лути и каприциозни луѓе?“
„И се прашуваш себеси, па каде ми се моите мечти? И нишајќи со главата, си велиш: колку бргу летаат годините! И одново се прашуваш себеси: што си сторил ти со своите години? Каде си го погребал своето најубаво време? Си живеел или не?“
„Меѓутоа, колку радоста и среќата го разубавуваат човека! Како врие срцето од љубов! Се чини, сакаш да го излееш сето свое срце во друго срце, сакаш сè да биде весело, сите да се смеат. И колку е заразна таа радост!“
„Така, кога сме несреќни, посилно ја чувствуваме несреќата на другите; чувството не се растура туку се сосредоточува…“
„Слушајте, зошто сите ние не се однесуваме онака братски меѓу себе? Зошто и најдобриот човек секогаш како да скрива нешто од другиот и премолчува? Зошто веднаш отворено не се каже она што е во срцето, ако си сигурен дека не го кажуваш тоа во ветер? Зашто, секој така изгледа како да е пожесток отколку што е навистина, сите како да се плашат дека ќе ги навредат своите чувства ако ги искажат премногу бргу…“
„Боже мој! Цел миг блаженство! Зар тоа е малку, па макар и за цел еден човечки живот?…“
Бонус: Приказни што доаѓаат со ова издание на „Бели ноќи“
Во ова конкретно издание на се наоѓаат и уште две приказни „Слабо срце“ и „Кротка“, кратки, интензивни и иако се чувствува стилот на Достоевски, сепак се прилично различни од оние приказни на кои сме навикнати од Достоевски.
„Слабо срце“
„Слабо срце“ е куса и апсурдна приказна со многу добра порака, која ќе ја прочитате во еден здив. На почетокот се запознаваме со двајцата пријатели Аркадиј и Васја и Васја му соопштува на својот пријател дека ќе се жени и дека се заљубил во Лизањка. Но, Васја е многу чувствителен и со нежно срце и набргу почнува да се плаши за својата среќа бидејќи има одредена работа што треба да ја заврши, а рокот е многу краток и се плаши дека нема да успее. Преголемите емоции и полет на Васја ќе се покажат критични за неговиот ум и срце.
„Кротка“
„Кротка“ има сосема спротивен тон од „Слабо срце“, многу помеланхоличен и потежок, а и темата што ја истражува е многу тешка. Се работи за еден вид на „исповед“, каде еден сопруг размислува за самоубиството на својата млада сопруга. Тој „на глас“ размислува за сите околности што довеле до самоубиството, но и целосната приказна за тоа како се запознале со сопругата и што довело до нивниот брак, но и нивните проблеми. Иако ние приказната ја дознаваме од „едната страна“, сепак низ раскажувањето и исповедта можеме да нурнеме подлабоко и да истражиме и сфатиме еден потежок и потажен шаблон на настани што водат кон трагичен крај на еден млад живот.
*мислите и извадоците се преземени од: Достоевски, Фјодор М. „Бели ноќи; Слабо срце; Кротка“. Скопје: 2024, Антолог
