Пролетта е длабоко навлезена во нашите животи, конечно дојдоа и прекрасните сончеви денови, но и ни пристигна и нов месец – мај! Но, со голема радост го чекаме и Саемот на книга, па во пресрет на Саемот, додека ја подготвувате вашата листа со книги, прочитајте ја традиционалната листа со препораки составена од книгите што ги прочитав во април, а доколку ви треба дополнителна инспирација, погледнете ја целата рубрика „Кафе и книги препорачува“.
„Приказничар“ – Жарко Кујунџиски
Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт: „Приказничар“ е збирка раскази на македонскиот писател Жарко Кујунџиски која се закити со наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело за 2024 година. Се работи за една одлична збирка составена од 29 раскази, некои многу кратки, некои малку подолги, но сите создаваат една компактна и прекрасна целина.
На оваа збирка и можете постојано да се навраќате, да изберете расказ по случаен избор и буквално да допре до вас токму во моментот кога ви е тоа потребно. Расказите се напишани во различни временски периоди, но секој од нив имаа што да каже и има одредена порака да пренесе, на моменти да замисли, па дури и да шокира.
Одамна немав прочитано толку шармантна збирка раскази, едноставно ја прочитав во еден здив и особено ми е драго што оваа збирка на раскази е од македонски автор, бидејќи е доказ за квалитетот на македонската книжевна сцена, за провокативните теми што заслужуваат подлабоко да се истражат, да се начнат и да се замислат нови приказни поттикнати од овие приказни, што ние како читатели ги восприемаме. Топла препорака!
„Празникот на прчот“ – Марио Варгас Љоса

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 5/5
Осврт: Минатиот месец го загубивме Марио Варгас Љоса, добитник на Нобеловата награда за книжевност. Почнав поинтензивно да ги читам неговите дела минатата година и сè повеќе го засакував како писател. „Празникот на прчот“ според многумина е неговото најдобро и најпознато дело и веќе ми беше на листата за читање за април кога дознавме дека починал.
Ова ми е дефинитивно омилената книга од Љоса (од оние што сум ги прочитала). Се работи за едно комплексно и моќно дело во кое обработува долг временски период од историјата на Доминиканската Република и диктатурата на Рафаел Трухиљо. Книгата започнува со Уранија Кабрал, ќерка на некогашниот прв човек на Трухиљо, која избегала од својата татковина во САД и не комуницирала со никого со децении, но сега доаѓа и се соочува со своите кошмари, присеќавајќи се на диктатурата на Трухиљо, на нејзиното детство и нејзиното семејство.
Овој дел се случува во сегашноста, многу по смртта на Трухиљо, но Љоса ја зачинува приказната со тоа што покрај Уранија, тој се навраќа назад во времето до 1961 година, кога група мажи планираат да извршат атентат врз Трухиљо. Тука ние се запознаваме со сите овие ликови и нивните причини зошто учествуваат во овој заговор, и дополнително навлегуваме во историјата на Доминиканската Република и монструозноста на режимот. Љоса дополнително ни дава и други парчиња од мозаикот што ни го доловуваат и самиот лик на диктаторот и што се случува во неговиот ум. Одлична и неверојатна книга со неверојатна комплексност и тежина, со навлегување во политичко-општествени контексти, но и мноштво интересни ликои што нема да ве остават рамнодушни.
„Божествена комедија“ – Данте Алигиери

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 4.5/5
Осврт: Не треба многу најави и објаснувања за едно од најпознатите дела во историјата на книжевноста. Поемата составена од три делови „Пекол“, „Чистилиште“ и „Рај“, е толку комплексно и прекрасно дело, кое претставува еден вид на портрет на средновековниот религиски, општествен, политички, филозофски и културен свет.
Ова дело е полно со религиски алузии, но и општествени критики, а знаејќи ја животната приказна на Данте, невозможно е да не се забележи дека во делото ги забележал и искоментирал и тогашните неприлики во неговата Фиренца.
Ова дело е и славење на неговата љубена Беатриче, за која тој ќе мине низ сè, па и заедно со поетот Вергилиј тој најпрво оди во „Пеколот“, што не залудно е едно од највлијателните дела во историјата на книжевноста. Сликите што ги создава Данте се мрачни и тешки и уште долго остануваат во умот на читателот, заедно со сите слики на круговите на пеколот. Подеднакво моќни и впечатливи се и „Чистилиште“ и „Рај“. Речиси сите го имаат прочитано „Пеколот“ во средно училиште, но искрено препорачувам да го препрочитате и „Пеколот“ и целото дело „Божествената комедија“ бидејќи заслужува да се препрочита и со возрасни очи, ќе останете трогнати, замислени и ќе ви се разбудат сите интелектуални и емотивни сетила.
„Вистинска приказна“ – Лукијан од Самосата

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 4/5
Осврт: Доколку сакате интересни, чуди и необични приказни, ова дефинитивно е книга за вас! Објавена во втор век, ова дело е сатира, фантазија, авантура, сè во едно! Нашиот наратор уште од самиот почеток ни „намигнува“ и ни кажува дека сè што ни кажува е лага и дека поради тоа што е лага, значи дека е искрен. Нараторот и неговата дружина тргнуваат на пат со брод, но на својот пат налетуваат на многу чудни и непознати места, дури завршуваат и на Месечината и учествуваат во војната меѓу народот од Месечината и народот од Сонцето.
Посетуваат и многу острови, сведочат и на необични битки и сето тоа е толку откачено и интересно, со нишки на хумор, што ќе дефинитивно ќе уживате во необичноста на целото патешествие. Оваа книга на некој начин и се смета за предвесник на научно-фантастичниот роман и дефинитивно може да се види влијанието што ова дело го имало и врз други авантуричстички романи во вековите што следувале. Ја препорачувам оваа книга за сите што сакаат нешто забавно, необично, откачено и интересно!
„Историја на слободата“ – Лорд Актон
Издавачка куќа: СЛОВО
Оцена: 4/5
Осврт: Оваа книга е одлична за љубителите на филозофија и општествено-политички теории. Многу интересно четиво, интересно од перспектива на времето кога e објавено, со интересна анализа на врските помеѓу слободата, демократијата, религијата и севкупната историја на развојот на политичките системи.
Се работи за неколку есеи на Лорд Актон, познат англиски историчар, политичар и писател од 19 век, кој повеќето луѓе го помнат по изреката: „Моќта корумпира, апсолутната моќ апсолутно корумпира.“
Заедничка нишка на есеите е размислувањето за слободата како концепт, од повеќе гледни точки: религиозен, општествен и политички, во кои Лорд Актон зборува и пишува за историските околности и развој што водат кон поголема слобода на граѓаните. Во еден од есеите, тој забележува: „Напредокот на секоја епоха е попречуван од нејзините непријатели, од неукоста и суеверието, од алчноста за победа и љубовта кон удобноста, од желбата за моќ на насилниците и желбата за храна на сиромашните.“ Зборувајќи за слободата, тој исто така објаснува и на што мисли кога зборува за слобода: „Под слобода ја имам предвид онаа сигурност која на секој човек му обезбедува заштита да го прави она за што верува дека е негова должност, наспроти влијанието на авторитетите и мнозинството, обичаите и мислењата. Државата е компетентна да наложи обврски и да повлече линија меѓу доброто и злото само во нејзината непосредна сфера.“ Одлична книга и ја препорачувам за сите оние што ги интересира оваа тематика.


