Oбјавен конкурс за наградата „Антево перо“ за необјавена поетска книга!

Доколку пишувате поезија и досега не сте ја објавиле, имате можност да се пријавите на конкурсот за наградата „Антево перо“ за 2025 година., востановена во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, Анте Поповски. Наградата „Антево перо“ за 2025 година се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавена поетска книга т.е поетски ракопис.

Како што се наведува во објавениот конкурс, покрај наградата „Антево перо“, се доделуваат и придружни награди, „Антев златник“ и „Антев часовник“, но комисијата го задржува правото да не ги додели придружните награди.

На Конкурсот можат да се јават сите автори кои имаат необјавен поетски ракопис на македонски јазик, без разлика на националноста, возраста, литературниот „стаж“ или државата во која живеат. Со оглед на тоа што покрај наградата „Антево перо“, на Конкурсот се доделува и наградата „Антев часовник“, Комисијата препорачува творците кои се помлади од 25 години, да наведат дека спаѓаат во оваа категорија на автори иако во конкурсот е наведено дека возраста воопшто нема да влијае на Комисијата при распределба на наградите т.е доколку Комисијата оцени дека некој од младите автори има збирка која заслужува да ја добие наградата „Антево перо“, возраста воопшто нема да биде елиминаторен услов.

Наградата се состои во непрофитно објавување на поетскиот ракопис, со назнака на името на наградата на корицата од книгата, и со отстапување на комплетниот тираж од 300 примероци на авторот или авторката. Книгата ќе биде претставена и промовирана со посебен осврт од наш истакнат литературен творец во рамките на Mеѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.

Ракописите треба да бидат напишани во Times New Roman, фонт 12 и да бидат испратени во електронски формат pdf или word на електронската адреса: manifestacijaantevopero@gmail.com заклучно со 5 август 2025 година, но кандидат(к)ите не мора да го чекаат последниот рок, затоа што Комисијата ќе ги прегледува ракописите сукцесивно, онака како што пристигнуваат.

Кандидат(к)ите можат ракописот да го достават под свое име и презиме, или под шифра. Во вториов случај, авторството го докажуваат со копија од ракописот, по објавувањето на резултатите.

Пристигнатите ракописи ќе ги разгледува тричлена Комисија, во состав:

  1. проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетска професорка, писателка и книжевна критичарка)
  2. д-р Атина Цветаноска, (книжевна истражувачка, книжевна критичарка и херменевтичарка) и
  3. Жорж Поповски (новинар, член на семејството на Анте Поповски).

*Третиот член, има право на вето на одлуката на Комисијата, доколку смета дека делото кое Комисијата сака да го награди е под достоинството на поетското творештво на Анте Поповски, или го навредува јавниот и естетскиот вкус.

Комисијата својата одлука ќе ја соопшти кон крајот на август 2025 година.

Извор.

Leave a comment