Доколку сте љубители на расказите како книжевен формат, можеби ќе ве заинтересира новото издание на „Или-Или“, збирката раскази од Максим Ристески, насловена како „Нешто трето“.
„Нешто трето“ ќе има своја книжевна промоција во понеделник (5 мај) од 19 часот, во кафе-барот „Кашмир“. Промотори ќе бидат Ана Мартиноска и Ивица Димитријевиќ, а настанот ќе го модерира Игор Анѓелков.

Како што се наведува во објавата на официјалниот настан на Фејсбук, пренесувајќи го освртот на Ана Мартиноска кон делото, расказите на Максим Ристески „кријат комплексни светови и длабоки пораки за промените кои се случуваат во духовната стварност, а кои без сомнение ќе бидат предизвикувачки за македонската читателска јавност. Обликувани во јасен, богат и сликовит израз, со обмислени и динамични реченици и внимателно селектиран избор на зборови, расказите од оваа збирка на Ристески се потврда за стилската особеност и дарба на овој раскажувач, кој допрва треба да биде вистински препознаен од критиката и публиката“.
