„Каква и да си, дојди“ – Рабиндранат Тагоре

Рабиндранат Тагоре (7 мај 1861- 7 август 1941) е бенгалски поет, новелист, музичар, сликар и драмски писател кој имал големо влијание врз бенгалската литература и музика. Во 1913 година ја добил Нобеловата награда за книжевност за делото „Гитанџали“. Уште од својата осма година, Тагоре започнал со пишување поеми. На шеснаесет години, ја објавил својата прва збирка поезија, а своите први раскази и драми ги напишал во 1877 година. Во негова чест, денес ги читаме неговите стихови.

Каква и да си, дојдиРабиндранат Тагоре

Каква и да си, дојди; не се колебај при облекувањето.
Косата нека ти биде расплетена, и патецот заплеткан, и елекот раскопчан, што е тоа важно.
Каква и да си, дојди; не се колебај при облекувањето.
Со итри чекори дојди по тревата.
Ако исчезне руменилото од твоите нозе, зашто има паднато роса, ако прстените околу твоите нозе се рашират, ако бисерот испаѓа од твојата гривна, што е тоа важно.
Со итри чекори дојди поо тревата.
Глеј, се трупаат облаци на небото.
Јата жерави долетуваат од далечни брегови, а напати ветерот дува преку пустината.
Преплашен добиток бега кон шталите в село.
Глеј, се трупаат облаци на небото.
В залуд го палиш светилникот на столот заради своето дотерување – трепери и се гаси на ветрот.
Кој гледа дека на твоите капаци нема црнило? Твоите очи се потемни од тмурните облаци.
В залуд го палиш светилникот на столот заради своето дотерување – трепери и се гаси на ветрот.
Каква и да си – дојди; не се колебај при облекувањето.
Ако венецот за твојата коса уште не е исплетен, што е тоа важно; ако синџирот околу твојот лакт не е закопчан, нека го.
Небото е покриено со облаци – доцна е.
Каква и да си – дојди; не се колебај при облекувањето.

Leave a comment