Пет книги од Марио Варгас Љоса што треба да ги прочитате!

Светот пред неколку седмици се прости од Марио Варгас Љоса, перуанскиот писател и нобеловец, кој на светот му остави огромно книжевно наследство. Тој напишал многу прекрасни дела во својот живот, а денес, во негова чест, на блогот можете да прочитате предлози за читање, пет одлични романи, кои сигурно ќе можете да ги најдете и на претстојниот Саем на книга, па ако сте во потрага по инспирација, можеби некој од овие романи ќе ве инспирира да го прочитате.

Празникот на прчот“ – Марио Варгас Љоса

Осврт: „Празникот на прчот“ според многумина е неговото најдобро и најпознато дело. Ова ми е дефинитивно омилената книга од Љоса, барем од оние што сум ги прочитала. Се работи за едно комплексно и моќно дело во кое обработува долг временски период од историјата на Доминиканската Република и диктатурата на Рафаел Трухиљо. Книгата започнува со Уранија Кабрал, ќерка на некогашниот прв човек на Трухиљо, која избегала од својата татковина во САД и не комуницирала со никого со децении, но сега доаѓа и се соочува со своите кошмари, присеќавајќи се на диктатурата на Трухиљо, на нејзиното детство и нејзиното семејство.

Овој дел се случува во сегашноста, многу по смртта на Трухиљо, но Љоса ја зачинува приказната со тоа што покрај Уранија, тој се навраќа назад во времето до 1961 година, кога група мажи планираат да извршат атентат врз Трухиљо. Тука ние се запознаваме со сите овие ликови и нивните причини зошто учествуваат во овој заговор, и дополнително навлегуваме во историјата на Доминиканската Република и монструозноста на режимот. Љоса дополнително ни дава и други парчиња од мозаикот што ни го доловуваат и самиот лик на диктаторот и што се случува во неговиот ум. Одлична и неверојатна книга со неверојатна комплексност и тежина, со навлегување во политичко-општествени контексти, но и мноштво интересни ликои што нема да ве остават рамнодушни.

Авантурите на лошото девојче“ – Марио Варгас Љоса

Осврт: Марио Варгас Љоса има еден многу специфичен и интересен стил на раскажување, со одлична нарација и одлични ликови, дури и кога се движат на тенка морална линија. Овој конкретен роман е навистина многу интересен, проткаен со една тежина и анализа на многу општествени норми и динамики, но и на тоа што може траумата да им направи на луѓето. Нараторот на приказната е Рикардо, кој ја раскажува неговата животна приказна што е нераздвоено испреплетена со приказната на една мистериозна девојка која уште од неговите детски денови влегува и излегува од неговиот живот, а секојпат одново се појавува со нов идентитет и ново име. Тој не знае ништо за нејзиното минато и секојпат кога мисли дека ќе ја реши загатката, таа некако исчезнува од неговиот живот.

Дејството опфаќа неколку децении од животот на Рикардо и „лошото девојче“, прекарот што тој ѝ го дава бидејќи не го знае нејзиниот вистински идентитет и Љоса, освен личното и интимното, дава еден општ преглед и на политичките и општествените промени што се случуваат низ светот во тоа време. Одлична прикзна што цело време ќе ве држи заинтересирани и нема да сакате да ја пуштите сè додека не дознаете која е всушност и мистериозната девојка и што ќе се случи на крајот.

Смрт на Андите“ – Марио Варгас Љоса

Осврт: Нобеловецот Марио Варгас Љоса секогаш знаел како да го искомбинира чудното, мистичното, со политичкото и општественото. „Смрт на Андите“ започнува со тоа што капларот Литума и неговиот заменик Томас и дознаваат дека повторно исчезнал човек од околијата, а тоа би било трето исчезнување во кус период и тие мора да истражат да дознаат што се случило, но тоа е тешко, бидејќи луѓето од селото не им веруваат и не се многу расположени да зборуваат со нив.

Во меѓувреме, тие се оставени сами на себе и се зближуваат преку раскажување на своите животни приказни, особено Томас кој ја раскажува приказната за неговата најголема љубов и што се случило со неа. Но, Љоса тука и маестрално вткајува и други приказни за други луѓе, во вид на кратки вести, што имаат за цел да дадат еден поширок општествено-политички контекст за Перу, што дава уште подобра основа за сите случувања во книгата. Одлична нарација, интересни ликови, добра мистерија, со сигурност ќе уживате во оваа книга.

Тетка Хулија и скрибоманот“ – Марио Варгас Љоса

Осврт: Многу работи можат да се кажат за творештвото на Љоса, но сите ќе се согласат дека е неверојатно уникатен и дека кога ќе фатите да читате негова книга, знаете дека ќе читате нешто сосема различно од останатите. Како и секогаш, и овој роман дефинитивно влегува во таа категорија.

Се работи за еден многу млад човек, Марито, кој работи за едно локално радио и кој сè уште се труди да си го најде местото во овој свет. Дејството е сместено во период кога во Лима биле многу популарни радио-драмите, па така Марито се запознава со ексцентричниот Педро Камачо, ангажиран да пишува радио-драми што стануваат неверојатно популарни. Истовремено, тетка Хулија доаѓа во градот и таа и Марито развиваат специфичен однос. Меѓу драмските заплети, навлегуваме и во дел од содржините на радио-драмите и сè тоа заедно сочинува едно многу интересно читателско искуство.

„Разговор во катедралата“ – Марио Варгас Љоса

Осврт: „Разговор во катедралата“ е едно монументално дело, во кое преку навраќањата низ личната историја на неколку ликови, Љоса ни ја ткае и изнесува општествената и политичката ситуација во Перу околу 50-тите години на минатиот век. На толку интересен и комплексен начин ја гради приказната и ги изнесува на виделина корупцијата, злото и опресијата на тогашната диктатура, што е невозможно да останете рамнодушни.

Сантијаго е новинар за еден весник и сосема случајно го сретнува Амбросио, кој порано бил шофер на неговиот татко, тие се гледаат првпат по долго време и седнуваат на едно место и почнуваат да зборуваат за своите животи. Оттука почнуваат да се испреплетуваат судбини, животи и случаеви и дознаваме за нивната лична историја, но и за историјата на целото општество. Ова е роман кој бара многу внимание и фокус, бидејќи и самата нарација и движењето меѓу спомените, ликовите и самиот стил на раскажување се навистина комплексни. Но, дефинитивно е дело кое вреди да се прочита и ќе ви ја нахрани душата, истовремено и ќе ве растресе читајќи за грозоморностите на една диктатура.

Leave a comment