Епскиот книжевен серијал на Даглас Адамс, „Автостоперски водич низ галаксијата“, го сакаат научниците и технолошките директори, вклучувајќи го и Илон Маск. Во 1986 година, авторот во интервју за „Би-Би-Си“ зборувал за неверојатното потекло и инспирацијата за една многу успешна мултимедијална франшиза. Во продолжение прочитајте го текстот на Францис Агустин за „Би-Би-Си“ за инспирацијата и како дошло до тоа да се создаде ова култно дело.

(фотографија на Џон Флеминг)
Замислете едно навидум обично утро да се разбудите на планетата Земја, само за да дознаете дека постојат планови за уништување на планетата. Така британскиот писател Даглас Адамс го започнува „Автостоперскиот водич низ галаксијата“. Во текот на следните неколку децении, приказната ќе заземе свој живот, прераснувајќи во голема франшиза која сега вклучува книги, телевизиска серија, игран филм, сценски емисии, стрипови, па дури и видео игра. Исто така, предизвикува бескрајни филозофски дебати за универзумот и остави неизбришлива трага во поп културата. И сето тоа започнало како мала радио комедија на Би-Би-Си.
„Автостоперскиот водич низ галаксијата“ се врти околу незгодите на Артур Дент, обичен човек од заспано англиско село кој дознава дека некои вонземјани планираат да ја уништат Земјата за да направат место за вселенскиот автопат. Дент и неговиот пријател, вонземјанин кој преземал човечки идентитет и се вика Форд Префект, се возат во вселенски брод за да го избегнат уништувањето на планетата. Заедно со шарена екипа составена од вселенски претседател со две глави, уште еден преживеан од Земјата и депресивен робот, тие се впуштаат во авантури низ галаксијата додека собираат податоци и истражуваат за меѓупланетарната енциклопедија, истоимениот „Автостоперски водич“.
Додека приказната опфаќа научни сложености и сложени идеолошки слоеви, Адамс му рекол на Тери Воган во телевизиско шоу во 1986 година дека идејата за приказната му дошла во 1971 година додека „лежел пијан на поле во Инсбрук“. Додека лежел потпивнат под трепетливите ѕвезди, држејќи го примерокот од „Автостоперски водич низ Европа“, Адамс решил дека некој треба да смисли сличен водич за целиот Млечен пат.
До 1977 година, Адамс веќе имал пишувано за неколку радио емисии и му било дадена шанса да им понуди на Би-Би-Си идеја за негова сопствена радио емисија. Неговата прва идеја било да создаде антологија од шест епизоди наречена „Краевите на Земјата“, каде во секоја епизода Земјата би завршувала на различен начин. Адамс на крајот се вратил на идејата за водичот како фокус на приказната. „Всушност никогаш не се замислував како писател на научна фантастика“, му рекол тој на Воган. „Се гледав себеси првенствено како писател на комедии, а станав писател на научна фантастика само затоа што многу претерував.“
„Автостоперскиот водич низ галаксијата“ бил првата радио комична програма произведена во стерео наместо во живо пред публика во студио. Проектот првично бил наведен како радио-драма, бидејќи „Би-Би-Си“ дозволувале само драми да се снимаат во стерео. „[Адамс] ја познаваше музиката, знаеше каков звук сака, знаеше како ќе звучи крајот на светот“, изјавил продуцентот Сајмон Брет за „Би-Би-Си Буклаб“ во 2000 година. Адамс и Брет ги избрале актерите Сајмон Џонс и Џефри Мекгиверн за улогите на Дент и Префект, а Питер Џонс го раскажувал делот од „Книгата“.

(извор: Corbis)
Програмата тивко била емитувана доцна во среда навечер во март 1978 година и добила мешани критики. Еден слушател се пожалил на „Радио Тајмс“, нарекувајќи ја епизодата „глупава, невоспитана, детинеста, бесмислена…“. Но, исто така била пофалена за фасцинантниот концепт и неговата иновативна музика и ефекти со „богата текстура“.
„Би-Би-Си Ентерпрајзс“ ја одбил можноста да објави роман заснован на серијалот, но Ник Веб, кој во тоа време бил уредник во „Пан Букс“, се сложил Адамс да ја прилагоди неговата приказна во роман. „Мислев дека [Автостоперот] е вербално духовит и умешен и полн со филозофски шеги – а јас обожавам филозофски шеги – но тој исто така имаше трик како да екстраполира нешто на сосема рационален начин, до точка на лудило“, изјавил Веб за „Би-Би-Си“. „И тогаш ќе си ја почешате главата, ќе си го почешате задникот и ќе си помислите: „Па, каде точно е интелектуалниот трик?“ Затоа што кога одите дел по дел, сè си има смисла, но потоа доаѓате до точка на надреален апсурд“.
Google, SpaceX и пошироко
На крајот, Адамс напиша пет книги и создаде серијал, заедно со две радио-серии и телевизиско шоу. Франшизата доби и многу посветени следбеници – иако нејзините обожаватели не беа секогаш отворени за да признаат дека го сакаат она што во 80-ти години на 20 век се гледаше како немодерен жанр. „Всушност, луѓето никогаш не сакаат да го признаат тоа“, рече Адамс. „Секогаш кога потпишувам книги доаѓаат возрасни мажи и ми велат: „Дали би го потпишал ова, те молам, тоа е за моето мало момче?“ И потоа ќе дојдат мали момчиња и велат: „Дали би го потпишале ова, ве молам, за татко ми е?“
Сепак, „Автостоперскиот водич низ галаксијата“ сега има приврзаници ширум светот, а книгата е преведена на повеќе од 30 јазици. Посветените фанови секоја година на 25 мај го слават Денот на пешкирите од почит кон Адамс, кој напиша: „Пешкирот е најопштото корисно нешто што може да го има еден меѓуѕвезден автостопер“. Во 1999 година, тој основаше форум на заедницата наречен „h2g2“, исто така познат како „Автостоперски водич низ галаксијата: издание за Земјата“, каде што луѓето можеа во реално време да придонесат со записи во колекцијата на титули и вињети за животот на Земјата.
Некои обожаватели се привлечени од ова дело особено поради неговите филозофски согледувања и примената во идните технологии. Истражувачката лабораторија за вештачка интелигенција на Google, „DeepMind“, беше именувана во знак на почит кон „Adams’s Deep Thought“, суперкомпјутер кој во приказната го пресметува одговорот на „Крајното прашање на животот, вселената и сè“. Една од најдобрите шеги во серијалот е околу тоа колку е некорисен одговорот: тоа е бројот 42.

(извор: The Antiquarian Booksellers’ Association of America)
Основачот на Tesla, Илон Маск, постојано го истакнува фактот колку го обожава Адамс, нарекувајќи го писателот „најдобриот филозоф досега“ и истакна дека приказната е „толку длабока што луѓето дури и не ја разбираат“. Тој на новинарката Алисон ван Дигелен во 2013 година ѝ рекол дека книгата му помогнала низ егзистенцијалната криза што ја имал како тинејџер. „Ова дело истакна важна поента, а тоа е дека многу пати прашањето е потешко од одговорот“, рекол тој. Приказната ги поттикнала и високите амбиции на Маск за мултипланетарната иднина на човештвото, а во 2018 година тој во вселената лансираше автомобил Tesla со примерок од романот во преградата и знак на контролната табла со една од клучните фрази: „Не паничи!“ Сепак, критичарите тврдат дека Маск погрешно го разбира делото на Адамс, при што историчарката од Харвард, Џил Лепор, пишува во „Њујоркер“ дека автостоперот е „сатирична и остра осуда на империјализмот“.
Во 2001 година, Адамс почина од срцев удар на 49-годишна возраст. Во тоа време, тој работеше на сценариото за првиот долгометражен филм од неговата приказна, кој потоа постхумно беше објавен во 2005 година. Во 2009 година, авторот Еоин Колфер, со поддршка од имотот на Адамс, продолжи да ја пишува шестата книга од серијата, „И уште нешто…“.
Духот на вселенската комедија на Адамс живее и во другите форми на популарната култура. Ваквите мотиви како бројот „42“ и „Не паничи“ може да се најдат во различни научно-фантастични дела, меѓу кои и „Доктор Ху“, „Ѕвездени патеки“, „Изгубени“ и „Досиеја Х“. Духот на делото живее и во технологијата, додека измислените изуми на Адамс продолжуваат да се појавуваат во реалниот свет. „Не сум особено загрижен дали нешто што ќе измислите навистина ќе се случи или што и да е“, рече тој. „Ги исмејувам луѓето кои потоа ќе го користат.“
