„Поезијата е и стварност и фантазија, мит на јавето за блиското и далечно минато, за блиската или уште подалечна иднина.“
~ Ацо Шопов
Браќата Миладиновци, Григор Прличев, Славко Јаневски, Лилјана Чаловска, Гого Ивановски, Абдулазис Ислами, Фахри Каја, Бистрица Миркуловска, Адем Гајтани, Саме Лимани Жарноски, Игор Исаковски, Георги Сталев, но и македонската азбука, ќе бидат во фокусот на свеченото отворање на второто издание на Деновите на поезијата, во организација на Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и „Скопје Сити Мол“, што ќе се одржи од 19 до 21 мај 2025 година. По минатогодишното одлично издание, оваа година повторно ќе имаме можност да ја славиме поезијата и нејзината моќ.

Омаж ќе им биде оддаден и на двајца поети кои нè напуштија меѓу двете изданија на манифестацијата, Линдита Ахмети и Михаил Ренџов, како и на двајца поети кои изградија поетски мост помеѓу нашата земја и африканскиот континент, сенегалскиот франкофон поет Леополд Седар Сенгор и нашиот Ацо Шопов.
Од универзитетската фела, во активностите ќе се вклучат Наташа Аврамовска, Владимир Мартиновски и Весна Мојсова-Чепишевска; од издавачката, Јулијана Величковска и Билјана Црвенковска; а од уметничката, Сашо Гигов-Гиш, Петар Ренџов, Никола Ристановски и Игор Џамбазов.
Во текот на „Деновите на поезијата“, на поетската сцена во „Скопје Сити Мол“ ќе настапат современите македонски поети и поетеси: Павлина Атанасова, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Раде Cилјан, Зоран Анчевски, Славе Ѓорго Димоски, Санде Стојчески, Ивица Џепароски, како и поети дебитанти кои за првпат ќе ѝ се претстават на публиката, благодарение на „ПНВ Публикации“ и „Култура бета“: Јована Алексовска, Селин Есад, Христијан Илиевски, Максим Костадинов, Нино Наумовски, Милена Неделковска, Клаудио Серафиноски, Фотиј Сионис, Симона Срезовска, Бисера Стефановска, Методија Тасевски и Дарија Трендафиловска.
На истата сцена, посетителите ќе имаат можност да слушнат и поезија од македонски автори на грчки јазик, како и од грчки автори на македонски јазик (Сотирис Минас и Иван Антоновски), но и ќе се дискутира за развојот на македонската азбука и предизвиците што таа ги покренува во добата на современите технологии (Ласко Џуровски и Јулијана Величковска) и како се одвива меѓугенерацискиот дијалог во кругот на македонските поети (Македонски Пен центар).
Во чест на јубилејот 80 години од македонската азбука, ќе има сегмент посветен на децата кои ќе имаат можност и самите да ги цртаат буквите од „Бушавата азбука“ преку работилница во која ќе учествува издавачката куќа „Чудна шума“, а ученици од ОУ „Владо Тасевски“ ќе имаат и свој настап. Всушност, според соопштението, младите активно ќе учествуваат во програмата. Ученици од основни и средни училишта од целата земја ќе се натпреваруваат во рецитирање поезија во салите на киното „Синеплекс“ во „Скопје Сити Мол“, а на отворањето ќе настапат студенти од Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност: Давид Димоски, Никола Ѓоргиев, Анастасија Трајковска и Антонио Трајкоски.
Ќе има и поетска сцена, која годинава ќе биде отворена и за широката публика, а под мотото „Сите сме поети!“, посетителите ќе имаат можност на сцената да прочитаат песни и да го испробаат „Поетското тркало на среќата“. На располагање ќе им биде и „Sидот на поезијата“ на кој секоја испишана песна ќе биде исто така наградена.
Целосниот и детален распоред на активности можете да го погледнете тука, а за повеќе информации следете го и официјалниот настан на Фејсбук, од каде е и преземено соопштението и насловната слика.
