10 нешта што можеби не ги знаете за Натаниел Хоторн…

Натаниел Хоторн е еден од најпознатите американски писатели од 19 век, автор на многу романи и раскази, а негово најпознато дело е романот „Скарлетно слово“, одличен роман за тесноградоста на осудувачката и малограѓанска средина и човековото лицемерие. Хорон бил роден на 4 јули 1804 година, а починал на 19 мај 1864 година. Денес на блогот прочитајте неколку интересни факти за неговиот живот и творештво.

(Извор: World History Encyclopedia)

Тој бил соученик од колеџ на друг познат писател – и претседател

Покрај тоа што се сретнал со идниот американски претседател Френклин Пирс додека студирал на колеџот Боудин во Мејн, Хоторн бил дел од класата од 1825 година со Хенри Водсворт Лонгфелоу и тие останале доживотни пријатели. Лонгфелоу служел како носач на ковчегот погребот на Хоторн, а подоцна ја напишал песната „Ѕвоната на Лин“ во негова чест.

Тој делумно го сменил презимето за да го скрие мрачното минато на неговото семејство

Пра-прадедото на романсиерот, Џон Хаторн (John Hathorne), бил водечки судија на судењата за вештерки во Салем, а Хоторн (Nathaniel Hawthorne) бил прогонуван од срамното минато на неговиот предок. Некои веруваат дека набргу по дипломирањето на Боудин, авторот додал „w“ на своето презиме делумно за да го направи правописот да одговара на изговорот и, исто така, да се огради од фигурата за која напишал дека е „толку впечатлива во мачеништвото на вештерките, што може да се каже дека нивната крв оставила дамка врз него“.

Хоторн бил основач на утопистичка комуна

Во 1841 година, Хоторн станал член на повелбата на „Брук Фарм“, земјоделски колектив основан од унитарниот свештеник Џорџ Рипли во близина на Бостон. Авторот очекувал дека животот на фармата ќе му овозможи повеќе време за пишување, но тој брзо се налутил на Трансценденталната комуна додека макотрпно сечел слама, молзел крави и копал ѓубриво што Рипли го нарекол „рудник за злато“. Рацете на Хоторн биле полни со „жуљеви“ и го попречувале неговото пишување и тој се прашувал како некој може „да очекува убави приказни од човек кој храни свињи“. Разочаран, тој по само неколку месеци заминал од комуната, што подоцна го инспирирало неговиот роман „Романсата на Блитдејл“ од 1852 година.

Живеел во истите куќи како и двајца други познати трансцендентални автори

Во 1842 година, Хоторн и неговата новопечена сопруга Софија се преселиле во Олд Манс во Конкорд, Масачусетс, дом во кој Ралф Валдо Емерсон претходно го составил првиот нацрт на „Природата“, есејот што го започнал Трансценденталното движење. Друг Трансцендентален водач, Хенри Дејвид Торо, засадил зеленчукова градина за наследство на Хоторнови кога тие се преселиле во Олд Менс. Една деценија подоцна, Хоторнови се преселиле во друга куќа на Конкорд со книжевно минато – Вејсајд, домот од детството на авторката Луиза Меј Алкот.

(извор: Sepia Times/Universal Images Group via Getty Images/History.com)

Изборот на Захари Тејлор довело до објавување на „Скарлетното слово“

Соочувајќи се со финансиски проблеми како писател, Хоторн преку неговите врски во Демократската партија во 1846 година добил политичко назначување и добил позиција во Царинската куќа во неговиот роден град Салем, Масачусетс. По инаугурацијата на Захари Тејлор во 1849 година, колегите и членови на Виговата партија на претседателот го обвиниле Хоторн за „корупција, беззаконие и измама“. Жестоката борба на Хоторн да ја задржи својата владина функција била покриена од партиските весници ширум земјата, но тој на крајот сепак бил отпуштен во јуни 1849 година. По неговото отпуштање, романсиерот со месеци се нурнал во пишувањето на „Скарлетното слово“, кое многумина го сметаат за негово најдобро дело.

Романот „Скарлетното слово“ бил инстантен бестселер, но не од книжевни причини

Кога „Скарлетното слово“ бил објавен во пролетта 1850 година, првичниот тираж од 2.500 примероци бил распродаден за само 10 дена. Меѓутоа, со оглед на публицитетот околу отпуштањето на Хоторн во 1849 година, читателите првично помалку биле заинтересирани за приказната за Хестер Прин отколку за воведот на романот, „Царинската куќа“, во кој бодликавото пенкало на Хоторн ги исмејувало неговите политички непријатели.

Служел и како американски дипломат

Набргу откако Хоторн го завршил пишувањето на „Приказните од Тенглвуд“ во 1853 година, Сенатот ја одобрил неговата номинација за конзул на САД во Ливерпул, Англија од тазе инаугуриранот претседател, што во тоа време било меѓу најпрофитабилните дипломатски позиции. За време на неговите четири години во дипломатскиот кор, Хоторн не објавил ниту едно позначајно дело.

Најмладата ќерка на Хоторн е предложена за светица

Роуз Хоторн, која првично се занимавала со книжевна кариера како и нејзиниот татко, се преобратила во римокатолицизмот со својот сопруг. По смртта на нејзиниот петгодишен син и нејзиниот сопруг, таа се преселила во стан во сиромашна населба во Њујорк и почнала да се грижи за неизлечивите пациенти болни од рак. Потоа се приклучила на верски ред и станала калуѓерка, мајка Мери Алфонса. Во 1900 година, таа ги коосновала Доминиканските сестри од Хоторн за да ја продолжи својата работа со сиромашните пациенти болни од рак. Во 2003 година, таа беше номинирана за светица.

Хоторн бил одвоен од сопругата 142 години

Седум години откако Софија Хоторн го погребала својот сопруг на гробиштата „Слипи Холоу“ во Конкорд, таа починала во Лондон. Таа била погребана еден океан подалеку од нејзиниот сопруг заедно со нивната ќерка Уна кога починала во 1877 година. Во 2006 година, телата на сопругата и ќерката на Хоторн биле откопани од лондонските гробишта „Кенсал Грин“ и нивните останки биле префрлени и закопани до него.

Поранешен претседател на САД го пронашол мртвото тело на Хоторн

Откако му се влошило здравјето на авторот во пролетта 1864 година како веројатна последица од рак на гастроинтестиналниот тракт, стариот пријател на Хоторн од колеџ, поранешниот претседател Френклин Пирс отпатувал со него во Белите Планини во Њу Хемпшир со надеж дека разредениот воздух во регионот може да биде еликсир. Вечерта на 18 мај во хотелот „Пемиџвасет хаус“ во Плимут, Њу Хемпшир, Хоторн решил порано да си легне по вечерата со тост и чај. Во текот на ноќта, Пирс се разбудил за да го провери својот пријател во соседната соба. Поранешниот претседател ја ставил раката на челото на Хоторн и открил дека тој е мртов. Присуството на Пирс како совршено да одговарало на пасусот од романот на Хоторн „Романса на Блитдејл“: „Среќен е човек што има таков пријател покрај себе, кога ќе дојде време да умре!“

Извор.

Leave a comment