Кон животот и творештвото на Хенрик Ибзен…

Норвешкиот драматург Хенрик Ибзен е еден од најпознатите драматурзи на сите времиња, чии претстави биле поставувани и кај нас, а моментално во МНТ е поставена неговата драма „Народен непријател“, одлична претстава која веќе ја имам препорачано на блогот. Во продолжение прочитајте нешто повеќе за неговиот живот и творештво.

Кој бил Хенрик Ибзен?

Хенрик Ибзен се родил на 20 март 1828 година во Скиен, Норвешка. Во 1862 година бил протеран во Италија, каде што ја напишал трагедијата „Бранд“. Во 1868 година, Ибзен се преселил во Германија, каде што го напишал едно од неговите најпознати дела: драмата „Куќата на една кукла“. Во 1890 година, тој ја напишал „Хеда Габлер“, создавајќи еден од најозлогласените ликови на театарот. До 1891 година, Ибзен се вратил во Норвешка како книжевен херој. Починал на 23 мај 1906 година во Осло, Норвешка.

Детството

Како дете, Ибзен не покажувал многу знаци за театарскиот гениј што подоцна расцутил во него. Тој пораснал во малиот норвешки крајбрежен град Скиен како најстар од петте деца на Кнуд и Марихен Ибзен. Неговиот татко бил успешен трговец, а мајка му сликала, свирела клавир и сакала да оди во театар. И самиот Ибзен изразил интерес да стане уметник.

Семејството се соочило со сериозна сиромаштија кога Ибзен имал осум години поради проблеми со бизнисот на неговиот татко. Речиси целото нивно претходно богатство морало да се продаде за да се покријат долговите, а семејството се преселило на зафрлена фарма во близина на градот. Таму, Ибзен минувал голем дел од своето време читајќи, сликајќи и изведувајќи магични трикови.

На 15 години, Ибзен го напуштил училиштето и почнал да работи. Тој добил позиција како чирак во аптека во Гримстад. Ибзен таму работел шест години, користејќи го своето ограничено слободно време за пишување поезија и сликање. Во 1849 година, тој ја напишал својата прва драма „Катилина“, драма напишана во стихови по моделот на еден од авторите што извршиле големо влијание врз него, Вилијам Шекспир.

Рани дела

Ибзен се преселил во Кристијанија (подоцна позната како Осло) во 1850 година за да се подготви за приемните испити за да студира на Универзитетот во Кристијанија. Живеејќи во главниот град, се дружел со други писатели и уметнички типови. Еден од овие пријатели, Оле Шулеруд, платил за објавувањето на првата драма на Ибзен, „Катилина“, која не наишла на некој голем прием од публиката.

Следната година Ибзен имал судбоносна средба со виолинистот и театарски менаџер Оле Бул. На Бул му се допаднал Ибзен и му понудил работа како писател и менаџер за Норвешкиот театар во Берген. Оваа позиција била интензивен вовед за сè што е театарско, па дури и вклучувала и патување во странство за да дознае повеќе за неговиот занает. Во 1857 година, Ибзен се вратил во Кристијанија за да води друг театар. Ова се покажало како фрустрирачки потфат за него, иако други тврделе дека лошо управувал со театарот и повикувале на негово менување. И покрај неговите тешкотии, Ибзен нашол време да ја напише „Комедија на љубовта“, сатиричен поглед на бракот, во 1862 година.

Пишување во прогонство

Ибзен ја напуштил Норвешка во 1862 година и извесно време живеел во Италија. И токму таму, во 1865 година, ја напишал „Бранд“, трагедија во пет чина за свештеник чија трескавична посветеност кон неговата вера го чини неговото семејство, а на крајот и неговиот живот. Претставата го направила познат низ цела Скандинавија. Две години подоцна, Ибзен создал едно од неговите ремек-дела, „Пер Гинт“, еден модерен поглед на грчките епови од минатото, а стиховната игра го следи насловниот лик во една потрага.

Во 1868 година, Ибзен се преселил во Германија. За време на неговиот престој таму, неговата социјална драма „Столбовите на општеството“ за првпат била изведена во Минхен. Претставата била отскочна даска за неговата кариера, а набрзо следело и едно од неговите најпознати дела, „Куќата на една кукла“. Оваа драма од 1879 година создала вистинска бура од реакции низ Европа, драма која ја истражува борбата на Нора со традиционалните улоги на сопруга и мајка и нејзината потреба за себеистражување. Ибзен уште еднаш ги довел во прашање прифатените општествени практики од тоа време, изненадувајќи ја својата публика и поттикнувајќи дебата. Во тоа време, тој се вратил во Рим.

Неговото следно дело, „Сеништа“ од 1881 година, поттикнало уште повеќе контроверзии поради начнување теми како што се инцестот и венеричните болести. Негодувањето било толку силно што претставата била изведена за поширока публика дури две години подоцна. Неговото следно дело, „Народен непријател“ покажа човек во конфликт со својата заедница. Некои критичари велат дека тоа бил одговорот на Ибзен на бурните реакции што ги добил за „Сеништа“. Ибзен ја напишал „Жени од морето“ (1888 г.), а потоа набрзо се упатил назад во Норвешка, каде што ќе го помине остатокот од својот живот. Потоа следело едно од неговите најпознати дела, „Хеда Габлер“. Со Хеда Габлер (1890 г.), Ибзен создаде еден од најозлогласените ликови на театарската сцена. Хеда, ќерка на генерал, е млада сопруга, која почнува да го мрази својот научник сопруг, но сепак ја уништува поранешната љубов која академски стои на патот на нејзиниот сопруг. Ликот понекогаш се нарекува и женски Хамлет, по познатата трагична фигура на Шекспир.

Назад во Норвешка

Во 1891 година, Ибзен се вратил во Норвешка како книжевен херој. Можеби заминал како фрустриран уметник, но се вратил како меѓународно познат драмски писател. Поголемиот дел од својот живот, Ибзен живеел речиси целосно повлечено. Но, се чинело дека тој напредувал кон центарот на вниманието во неговите подоцнежни години, станувајќи еден вид туристичка атракција во Кристијанија. Тој, исто така, уживал во настаните што се одржале во негова чест во 1898 година по повод неговиот седумдесетти роденден.

Неговите подоцнежни дела се чини дека имаат повеќе саморефлексивен квалитет со зрели главни ликови кои гледаат наназад и живеат со последиците од нивните претходни животни избори. И се чини дека секоја драма завршува со темна нота. Првата драма напишана по неговото враќање во Норвешка била „Градежникот Солнес“. Насловниот лик се среќава со жена од неговото минато која го охрабрува да си го исполни ветувањето. Во „Кога ние мртвите ќе се разбудиме“, напишана во 1899 година, стар скулптор налетува на една од неговите поранешни модели и се обидува да ја врати својата изгубена креативна искра. Тоа воедно била и неговата последна претстава.

Последни години

Во 1900 година, Ибзен имал серија мозочни удари поради кои не можел да пишува. Живел уште неколку години, но не бил целосно присутен во голем дел од овој период. Ибзен умрел на 23 мај 1906 година. Неговите последни зборови биле „Напротив!“. Сметан за книжевен титан во времето на неговата смрт, тој добил и државен погреб од норвешката влада.

Иако Ибзен одамна не е меѓу живите, неговото творештво и дела продолжуваат да се изведуваат низ целиот свет. „Пер Гинт“, „Куќата на една кукла“ и „Хеда Габлер“ се најпродуцираните претстави денес. Актерките како Џилијан Андерсон и Кејт Бланшет, ги играа ликовите на Нора и Хеда Габлер на Ибзен, кои се сметаат за две од најтешките театарски улоги. Покрај неговите драми, Ибзен напишал и околу 300 песни.

Делата на Ибзен го издржале тестот на времето затоа што тој се запознал со универзалните теми и ја истражувал човечката состојба на сосема поинаков начин од оние пред него. Авторот Џејмс Џојс еднаш напишал дека Ибзен „предизвикал повеќе дискусии и критики од кој било друг жив човек“. До денес, неговите претстави продолжуваат да ја предизвикуваат публиката.

Личен живот

За разлика од многу други писатели и поети, Ибзен имал долг и навидум среќен брак со Сузана Даае Торесен. Двојката се венчала во 1858 година и следната година го добиле своето единствено дете, синот Сигурд. Ибзен имал и син од претходна врска. Тој добил дете во 1846 година додека работел како чирак. Иако обезбедувал одредена финансиска поддршка, Ибзен никогаш не го запознал момчето.

Извор.

Leave a comment