Еве го и јуни на нашиот праг, а тоа значи дека ни се наближува летото! Додека полека почнуваме да размислуваме за летните одмори, ова е и одличен период за читање, па така денес на блогот прочитајте ги стандардните препораки на блогот!
„Бели мугри“ – Кочо Рацин
Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 5/5
Опис: Додека се шетав низ штандовите на Саем на книга, вниманието ми го привлече ова издание на легендарната стихозбирка „Бели мугри“ од Кочо Рацин, едно од најзначајните дела на македонски јазик. Иако ја имам прочитано многупати и иако речиси секоја песна ја знам дури и да ме кренат од сон, решив да го додадам ова издание во мојата домашна библиотека и уште еднаш да ги препрочитам овие песни што ми се толку драги.
Не треба многу најави и објаснување за „Бели мугри“, дело кое колку е значајно од историски аспект за македонскиот јазик и македонската историја, истовремено делува толку безвременско и современо, покривајќи теми што и ден денес се многу важни за работникот, за обичниот човек, за маките и тешкотиите на работниците насекаде. Ова е дело кое никогаш нема да изгуби нималку од својата важност, ниту од аспектот за Македонија, ниту од својата тематска целина. Верувам дека секој од нас треба да ја има „Бели мугри“ на своите полици и одвреме-навреме да ја препрочитува и да се потсеќа на овие безвременски стихови.
„Сто љубовни сонети“ – Пабло Неруда
Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: Мај беше навистина дождлив и некако во мене ја поттикна желбата да читам повеќе поезија, па затоа се решив да ја земам во рака оваа стихозбирка на легендарниот Пабло Неруда. Одамна го немав читано Неруда, и решив дека е време повторно да уживам во големиот мајстор на поезијата.
Се работи за одлично издание со одличен препев и искрено се чита полека и бавно, со уживање во секој стих, секоја песна. Додека ја читав оваа стихозбирка се потсетив зошто Неруда е толку добар и зошто се смета за еден од најдобрите поети. Неговата мајсторија е очигледна, па дури и за оние што можеби и не се толку големи љубители на поезија. Неговите стихови можат да ве разнежнат, трогнат, да ве одведат во поубави светови, да направат да се чувствувате романтично, едноставно има некоја прекрасна мекост и убавина во начинот на кој ги гради стиховите. Доколку ви се чита поезија, ова е одлично издание за вас.
„Бруклински будалаштини“ – Пол Остер

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: Случајно ја видов оваа книга на една распродажба на книги и еден пријател ми ја препорача дури ги разгледував книгите, па решив да го послушам. Кога почнав да ја читам немав никакви очекувања, но како што навлегував во приказната, толку повеќе ми се допаѓаше. Наратор на приказната е Нејтан Глас, средновечен маж, кој по разводот и проблемите со здравјето се сели во Бруклин. Тој е во навистина мрачно расположение и неговите односи со ќерка му се нарушени и некако не гледа некоја поента во животот околу себе.
Но, за да го пополни времето, тој решава да ги запишува сите „човечки будалаштини“ со кои тој се среќавал, чудни случки, згоди и незгоди – и свои и на другите луѓе. Додека така живее, една средба со неговиот внук, син на неговата покојна сестра, и негов омилен внук, ќе се покаже клучна за неговиот живот да доживее пресврт. Тие двајца се еден вид огледало еден на друг. Том исто така минува низ еден вид сопствена животна криза и нивните заедничи дружби и авантури водат кон заеднички развој и раст кој се заокружува на еден многу симпатичен начин. Многу човечна и интересна приказна, необична и со необични ликови, но одлично е напишана и секој лик се развива и расте и тоа го зграпчува вниманието на читателот.
„Страдањата на младиот Вертер“ – Јохан Волфганг Гете

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4/5
Осврт: Јохан Волфганг Гете е еден од најзначајните европски и германски писатели, а „Страдањата на младиот Вертер“ е книга која силно е запечатена во книжевната историја и која и ден денес се смета за многу релевантна и предизвикува дискусии. Оваа книга ни беше и лектира во средно училиште и некако годиниве имам желба одново да ги прочитам книгите што сум ги читала на млади години, за да видам како ќе ги доживеам сега.
Се работи за неверојатно интензивна книга која ќе ја прочитате во еден здив, во голем дел е напишана во форма на писма, испратени од Вертер до неговиот пријател Вилхелм, во кои тој раскажува за неговите доживувања во новото место и следствено и неговото заљубување во Шарлота. Ние преку неговите записи следиме колку интензивна и опсесивна станува неговата љубов, особено бидејќи е невозможна, бидејќи таа е верена за друг. Чувствата на Вертер се толку интензивни што невозможно е дел од таа интензивност и еден вид анксиозност да не се префрли и на читателот, бидејќи насетуваме кон што води таа опсесивност, а знаеме дека можеме да бидеме само неми набљудувачи. Одлична книга која секој треба да ја (пре)прочита.
„Нана“ – Емил Зола

Издавачка куќа: НАМПРЕС
Оцена: 3.5/5
Осврт: Емил Зола е еден од најзначајните француски писатели, но со години некако не се „поклопуваа“ коцките да фатам некое од неговите дела во рака и конечно романот „Нана“ падна во моите раце.
„Нана“ е многу интересен роман, во кој Зола го сатиризира тогашното општество во кое секој ги гледа своите интереси, прави сплетки на сметка на другите, малограѓанштината скриена зад превезот на некакви вредности и висок општествен статус, но го поставува и статусот на жената во општеството олицетворен преку ликот на Нана, жена која одеднаш се појавува во француските општествени кругови преку една оперска претстава каде ја игра главната улога.
Одеднаш таа влетува во тие кругови кои претходно ѝ биле затворени и преку сопствени игри и сплетки и таа се труди да извлече што е можно повеќе корист за себе. Нана не е типична женска хеорина, напротив, нејзините постапки често се лицемерни, сплеткарски, па и може да се каже неетички во најмала рака, но преку неа Зола го изнесува на виделина и целокупното лицемерие во тоа „високо друштво“, каде секој секому му забива нож во грб, со цел за некаква материјална или општествена корист. Интересен роман, а стилот на Зола е многу интересен и ве вовлекува во тој свет што го гради и со нетрпение очекувам во иднина да продолжам да ги читам неговите дела.


