Каква слика се создава во вашата глава кога ќе помислите на Агата Кристи? Можеби е сликата на една постара дама со блескав брош? Или, онаа позната фотографија каде е опкружена со многу нејзини романи? Спремни сме да се обложиме дека првата фотографија што ви паѓа на памет не е оваа, на 31-годишната Кристи која ужива во сурфањето во Јужна Африка.

(извор: ©The Christie Archive Trust)
Всушност, Агата Кристи била многу страсна сурферка, спорт кој првпат го искусила во 1922 година, додека била на патување со нејзиниот прв сопруг Арчи. Се смета дека таа е првата жена од некоја од западните држави што застанала на даска за сурфање! На Летните олимписки игри во 2021 година, сурфањето првпат беше воведено како натпреварувачки спорт и по тој повод, официјалната веб-страница на Агата Кристи објави нешто повеќе за неочекуваната љубов на Кристи да јава по брановите.
Книгите „Автобиографија“ и „Големата турнеја“ ја откриваат страста на писателката за совладување на уметноста на сурфање и неколку предизвици со кои се соочила додека ги запознавала брановите.
Во „Автобиографија“ се наоѓа еден многу интересен цитат од Агата Кристи:
„Секогаш кога можевме да украдеме слободно време – поточно кога Арчи можеше – земавме воз и одевме во Музенберг, ги земавме нашите даски за сурфање и излегувавме заедно сурфајќи.“
Таа уживала во деталите за даските во Јужна Африка и постојано пишувала за нејзината желба да ги подобри вештините за сурфање во писма до нејзината мајка во 1922 година. Во „Големата турнеја“ приложено е едно писмо до нејзината мајка од февруари 1922 година, во кое таа напишала: „Сепак, пливањето делува малку попитомо откако ќе го искусиш сурфањето! Ќе купиме лесни заоблени даски (кои не забиваат во средината) и апсолутно ќе ја совладаме умешноста“ и во истото писмо додала: „Попладне повеќе капење во Музенберг, и купивме даски за сурфање со заоблени краеви – многу полесно и помалку болно, и верувам дека би можеле одлично да се забавуваме со нив во Пејнтон кога ќе имаме тежок ден.“
Засилени со самодоверба од ова пријатно искуство во Јужна Африка, Арчи и Агата отпатувале на Хаваи каде можеле да одморат некое време од работните обврски на турнејата. Во „Автобиографија“, Кристи се сеќава на нејзината возбуда по пристигнувањето во Хонолулу:
„Стигнавме во раните утрински часови, влеговме во нашите соби во хотелот и веднаш, гледајќи низ прозорецот како луѓето сурфаат на плажата, истрчавме набрзина надолу, ги изнајмивме нашите даски за сурфање и се втурнавме во морето.“
Но, како што таа понизно признава во писмото: „Ние, се разбира, бевме целосно неискусни“. Тие избрале лош ден за сурфање, ден кој требало да биде резервиран за експертите во спортот, но глупаво признава дека „ние, кои сурфавме во Јужна Африка, мислевме дека знаеме сè за тоа“. Вознемирен набљудувач ги предупредил додека биле надвор од водата, но тие сепак не бил вознемирени. Секој ден се враќале во водата во Хаваи, се соочувале со изгореници од сонце, невритис и се разбира, неизбежните дефекти на гардеробата какви што може да се очекуваат во морето… Во друг дел од „Автобиографија“, Кристи вели:
„Сите денови ги поминувавме на плажа и сурфање, а малку по малку научивме да бидеме стручни и умешни, или во секој случај стручни и умешни од европска гледна точка.“
Во „Автобиографија“, Кристи заклучува дека ништо не се споредува со возбудата од сурфањето:
„Нема ништо слично на тоа. Ништо не се споредува со минувањето низ водата со она што ви се чини со брзина од околу двесте милји на час; докрај од далечниот сплав, додека не пристигнете, нежно успорувајќи, на плажата и втемелени меѓу меките бранови што течат. Тоа е едно од најсовршените физички задоволства што сум ги искусила.“
Сепак, овој авантуристички дух не бил само празничен феномен. Кристи исто така била искусна пливачка во нејзиното родно место Торки и никогаш не пропуштала шанса да го направи тоа. Во својата автобиографија, таа со задоволство размислува за нејзината љубов кон капењето:
„Капењето беше една од радостите во мојот живот и остана така речиси до мојата денешна возраст.“
Кристи е само една од многуте жени кои толку елоквентно ја споделиле својата љубов кон спортот. Таа се појави и во една книга за сурферките и пионерските жени низ вековите кои се занимавале со овој спорт. „Таа сурфа: Подемот на женското сурфање“, ко-уредено од Лорен Л. Хил е инспиративно четиво, кое ја содржи и гореприкачената слика на Агата Кристи.

Изненадувачки е да се прочита дека учеството на жените во овој спорт значително се зголемило само во последните три децении. Жените сега сочинуваат од 20 до 30 проценти од сурферите и за среќа тој број продолжува да расте, но претходно доминирале мажите. Изгледа Кристи не дозволила тоа да ја обесхрабри.
Во „Таа сурфа“ е наведено дека „хавајскиот збор за сурфање, налу, исто така се преведува како „да се истражува, да се бара вистината и потеклото на нештата“.
Агата Кристи, исто така, ја покажала својата љубов кон сурфањето преку романот „Човекот во кафено одело“. Нејзината темпераментна протагонистка, Ен Бедингфелд, или „авантуристката Ана“ како што ликот се нарекува себеси, оди на сурфање во Кејп Таун и тешко е да не се гледаат нејзините зборови како оние на Агата Кристи, имајќи го на ум она што го знаеме за страста на авторката кон спортот.
„Сурфањето изгледа совршено лесно. Не е. Не велам ништо повеќе. Многу се налутив и прилично ја исфрлив мојата штица од мене. Како и да е, решив да се вратам при првата можност и да пробам уште еднаш. Јас нема да бидам победена. Сосема по грешка, тогаш добро поминав на мојата штица и бев во делириум од среќа. Сурфањето е такво. Или енергично пцуеш или пак си идиотски задоволен од себе.“
~ Ен Бедингфелд, „Човекот во кафено одело“
