Македонска поезија: „Балада за непознатиот“ од Кочо Рацин!

На 13 јуни 1943 година загинал Кочо Рацин. И покрај неговата прерана смрт, тој е еден од најзначајните книжевни и општествени дејци, кој е несомнено вткаен длабоко во историјата на Македонија, а неговото дело „Бели мугри“ е едно од најзначајните во македонската поезија и книжевност. Во негова чест читаме стихови токму од оваа стихозбирка.

Балада за непознатиот – Кочо Рацин

Натаму – в поле битолско
чемрее врба проклета –
под врбата незнаен гроб,
в гроб лежи војник непознат.

Лежи од војна световна,
лежи — и веќе земјосал —
силно го тага изела
задека тука загинал.

Никој крај него немаше –
вишното небе врз него,
земјата скришна под него,
над гробот врба стушена.

А таде – в гори зелени
в сума гробишта лежеа
делии – одбор јунаци
за татковина паднати.

В полноќ се над ним дрвјата
од жалба силна свиваа –
горските бистри езерца
в силна светлина светеа.

И од ним – самовилите
една по една идеа –
од гроб до гроб го дигаа
јунак до јунак – на оро.

И кога сите минеа
покрај врбата стушена –
делии се запираа
незнаен брат си викаа:

„Ја стани, море јабанец
на оро со самовили!
Зора се зори – петлите
скоро ќе в село пропеат!”

А тој од гробот тепкаше
дума врз дума чемерна: –
„Минете, браќа, врвете,
не сум ви лика – прилика!

Кој умрел за татковина
и за човечки правдини –
каде вас, братко, не гинел,
со вас до векот живеел.

Вие му песна пеете,
вие го с песна жалите –
така се сите раѓате
и така си умирате!

А тука – зошто паднав ја?
зошто ме куршум прониза,
зошто ме земја притисна –
за кого лудо загинав?

Кажете, браќа, кажете,
кажете – па поминете –
мене ме ништо не дига,
мојата смрт е – карасмрт!”

Делии глави веднеа,
немеа самовилите –
тешко на тија, горко им
така што гинат на војна!

Немеа – туку петлите
в селото веднаш писнаа –
самовилите в горите
с делии в раци лиснаа!

Пусто остана полето,
пусто зазори зората –
чемрее в поле врбата,
чемрее – тажи непознат.

Leave a comment