Пред да се прослави како генијален писател, Михаил Булгаков работел како лекар. Неговиот пат кон книжевното признание започна со неговата неуморна љубов кон класичната руска книжевност. Во библиотеката на Булгаков имало многу книги, но само неколку оставиле најдлабок печат на авторот на „Господар и Маргарита“. Сестрата на Михаил Булгаков, Елена, се присетувала дека нивните родители никогаш не ги бомбардирале децата со досадни прашања како: „О, што читаш?“ или „Каде ја добивте таа книга?”
„Имавме секакви книги“, рекла Елена. Михаил уживал да чита песни од Александар Пушкин и авантуристички романи од Џејмс Фенимор Купер. Булгаков, пак, своитте први обиди да пишува ги направил кога бил тинејџер. Тој пишувал раскази за жителите на градот.

(Извор: Heritage Images/Getty Images; Pacific University Press, 2000; e-artnow, 2015)
„Што и да правите, не ги читајте советските весници пред вечера“, славно советувал Булгаков во неговата дистописка приказна, „Срцето на кучето“ (напишана во 1925 година, а официјално објавена во СССР дури во 1987 година). Таа фраза стана мото за неколку генерации советска младина. Булгаков самиот се откажал од читање советски весници, наместо тоа се одлучил за класична книжевност.
Книжевните влијанија на Булгаков датираат од 19 век. Полиците со книги на ѕидовите на домашната библиотека на Булгаков биле полни со ремек-дела на големи руски писатели, меѓу кои Фјодор Достоевски, Лав Толстој, Николај Некрасов и Иван Бунин. Но, само тројца автори веројатно имале книжевна ДНК слична на онаа на Булгаков. Авторот на „Белата гарда“ се одново им се враќал на овие дела за да бара одговори на животните прашања.
„Приказни“ од Михаил Салтиков – Шчедрин
Сатиричниот писател Салтиков-Шчедрин имал „извонредно влијание“ врз Булгаков, особено на почетокот на неговата кариера. „Кога бев млад, решив да ги сфаќам работите со здрава доза на иронија“, рече Булгаков, истакнувајќи дека сатиричарот одиграл голема улога во формирањето на неговиот светоглед.
Булгаков почнал да се запознава со делата на Шчедрин кога имал околу тринаесет години. „Навистина ми се допаднаа тие дела и постојано се навраќав на нив“. Подоцна, создавајќи сатирични фељтони само за забава, Булгаков рекол дека „ги имитирал техниките на Салтиков и веднаш постигнал резултати“. Булгаков рекол дека неколку пати морал да се расправа со другите и да слуша горчливи прекори од оние што ги исмејувал во неговите раскази.
Независната сатира и критика на Салтиков-Шчедрин му донесе посебно место во срцата на читателите. Ниту еден писател не ја критикувал, исмејувал и деконструирал руската реалност толку безмилосно и немилосрдно како што тоа го правел Салтиков-Шчедрин во своите сатирични дела. Револуционерниот руски физиолог Иван Сеченов (1829-1905) еднаш наздравил за Салтиков-Шчедрин, опишувајќи го како „најголем дијагностичар“. Михаил Булгаков, кој и самиот бил обучен лекар, го пофалил тој редок капацитет.
Салтиков-Шчедрин поминал голем дел од својот живот работејќи за владини агенции. Неговата примарна цел била да зборува против корупцијата и глупоста, алчноста и лицемерието, кражбата и предавството. Неговите сатирични басни и приказни, како што се „Изгубената совест“, „Несебичниот зајак“ и „Соседите“, напишани во 80-ти години на 19 век, не се детски приказни. Тоа е слика на општеството, заробено во човечка слабост, бирократска глупост и длабоко вкоренета алчност. Збирката приказни на Салтиков-Шчедрин е редок подвиг на тешка сатира што го издржала тестот на времето.
Писмата и дневниците на Антон Чехов
„Потребно е толку време за да се чувствувате среќни колку што обично е потребно за да го навивате часовникот“, велел Антон Чехов.
Еден од најголемите драматурзи во историјата бил неспоредлив интелектуален магнет за Булгаков. Сестрата на Булгаков, Надежда, рекла дека кога биле млади, делата на Чехов биле „читани и препрочитувани и постојано цитирани, а неговите едночинки беа изведени многу пати“.
Втората сопруга на Булгаков, Љубов Белозерскаја, исто така рекла дека нејзиниот сопруг се однесувал кон Чехов со должна стравопочит и посебна љубов т.е „некаква приврзана љубов каква што ја имате кон вашиот студиозен постар брат“.
Книжевните мотиви на Чехов се најдоа и во делата на Булгаков. И двајцата писатели биле професионално обучени како лекари. Авторот на „Театарски роман“ ги знаел записите на Чехов како и своите, се восхитувал на неговите дневници и многу од неговите писма ги знаел напамет. „Колку е убаво да се остане дома, да врне дожд и да знаете дека во вашата куќа нема отровни и здодевни луѓе“, напишал авторот на „Галеб“ во своите дневници. Околу 130 години подоцна, филозофските опсервации на Чехов се релевантни како и секогаш.
„Ревизор“ од Николај Гогољ
И покрај фактот дека Гогољ (1809-1852) и Булгаков (1891-1940) се родени во различни епохи, нивните имиња всушност стојат едно до друго.
„Го преферирам Гогољ како писател“, рекол Михаил Булгаков, цитиран од еден од неговите биографи.
Во своите писма, Булгаков често го нарекува авторот на „Носот“ – негов учител, а подоцна станал наследник на неговите книжевни традиции. Николај Гогољ бил еден од омилените автори на Булгаков. Тој првпат го прочитал магнум опусот на Гогољ, „Мртви души“, кога имал само девет години. Сместено во првата половина на 19 век, делото се врти околу пензионираниот функционер, Павел Чичиков, кој пристигнува во мал руски град со цел да купи „мртви души“, починати селани кои постојат само на хартија.
Романот на Гогољ влијаел на Булгаков до тој степен што тој напишал нешто налик на продолжение, со наслов „Авантурите на Чичиков“. Заплетот на сатиричната приказна (објавена во 1922 година) се заснова на хипотезата за „телепортирање“ на ликовите на Гогољ во Советска Русија. Булгаков напишал и драматична адаптација на „Мртви души“.
Освен тоа, сатиричната драма на Гогољ „Ревизор“ беше на врвот на листата на омилени книги на Булгаков на сите времиња. „Ревизор“ е сè што треба да знаете за просперитетната бирократија на Руската империја, со пресврт на иронија и сардонска духовитост. Длабоко корумпираните службеници во провинциски град дознаваат дека владата испраќа „ревизор“ на проверка. Веста слетува како бомба со сите кои брзаат да ги сокријат своите погрешни постапки за да делуваат безгрешно кога ќе пристигне инспекторот т.е „лошиот полицаец“. Идејата за погрешниот идентитет зазема централно место во романот на Гогољ, кој сè уште стои како негово неповторливо ремек дело.
