Александар Дима: Животот и книжевното наследство на еден голем романсиер…

Александар Дима е еден од најпознатите и најчитаните автори во Франција, најпознат по неговите дела „Грофот од Монте Кристо“ и „Тројцата мускетари“. „Грофот од Монте Кристо“ е едно неверојатно ремек-дело, беше препорачано на блогот како Книга на зимата. Сепак, неговиот однос со Франција понекогаш бил комплициран. Како човек од мешано потекло, тој бил подложен на расизам во текот на целиот свој живот, а поради политичките пресврти во Франција за време на неговиот живот, тој дури извесен период заминал во доброволно прогонство. Како и да е, Дима секогаш го живеел животот со полни гради, а истовремено создавал неверојатни книжевни дела. Во текст за е-магазинот „The Collector“, Кетрин Дент го истражува животот и кариерата на Дима и размислува за книжевното наследство што тој го оставил зад себе.

Раниот живот и семејната историја на Александар Дима

Александар Дима е роден како Дима Дејви де ла Пајлетери во Вилер-Котре во Ајна, Пикардија, Франција, на 24 јули 1802 година. Неговиот татко бил Томас-Александар Дима, кој бил роден во француската колонија Сен-Доминг (денешен Хаити). Томас-Александар Дима бил син на францускиот благородник и генералниот комесар во артилеријата на колонијата, Александар Антоан Дејви де ла Пајлетери и Мари-Сесет Дима, поробена жена од афро-карипско потекло, која била негова наложница. Така, презимето Дима било наследство од неговата поробена баба и се верува дека значи „од фармата“ (du mas), што се однесува на нејзиниот статус на робинка.

Откако неговите двајца постари браќа починале, Антоан, дедото на Дима, ја наследил титулата маркиз и семејните имоти во Франција. Враќајќи се во Франција за да го бара ова наследство, тој потоа ја продал Мари-Сесет, нивните две ќерки и постарата ќерка на Мари-Сесет. Меѓутоа, тој го задржал Томас-Александар, кого го запишал во воено училиште за да може да се приклучи на француската војска, бидејќи не постоела можност неговиот син од мешана раса да може да ја наследи семејната титула и имот по неговата смрт. Томас-Александар продолжил да се истакнува во својата воена кариера и бил унапреден во чин генерал на 31-годишна возраст. Со тоа, тој станал првиот војник од афро-карипско потекло што го достигнал тој чин во француската армија.

И покрај неговиот аристократски дедо и истакнатата воена кариера на неговиот татко, Дима често се соочувал со расизам во текот на својот живот. Покрај тоа, по смртта на неговиот татко во 1806 година, семејството минувало низ тешки времиња. На петнаесетгодишна возраст, тој се приклучил на адвокатската канцеларија на Менесон во Вилер-Котре пред да се пресели во Париз. Таму тој се вработил во домаќинството на војводата од Орлеан.

Ја започнал писателската кариера среде политички превирања

Дима, кој денес нашироко се смета за еден од најголемите и најчитаните автори во Франција, ја започнал својата книжевна кариера пишувајќи драми и статии. Неговата прва драма, „Анри III и неговиот двор“, поставена во 1829 година, била дочекана со критичко и комерцијално признание, дозволувајќи му на Дима да се занимава со пишување како кариера со полно работно време.

Една година по првата изведба на „Анри III и неговиот двор“, Дима бил вклучен во револуцијата од 1830 година (Втората револуција во Франција) во која Шарл X бил исфрлен од тронот и заменет од поранешниот работодавец на Дима, војводата од Орлеан. Војводата потоа продолжил да владее како Луј-Филип, Граѓанскиот крал.

По оваа промена на моќта, Дима почнал да се фокусира на пишување романи наместо драми, верувајќи дека пишувањето романи ќе се покаже како попрофитабилен потфат. Неговиот прв роман, кој бил објавуван во вид на серијал од јули до септември 1836 година, а подоцна и како една книга во 1839 година, беше „Контесата од Салцбург“. Во 1838 година, тој ја ревидирал претходната драма „Капетанот Пол“ и ја преработил и претворил во роман, а една година подоцна, го објавил романот за деца „Капетан Памфил“, кој носел силна, експлицитна порака против ропството.

Во текот на неговата кариера, Дима често соработувал со други писатели, факт што одиграл голема улога во тоа што создал толку голем број дела. Во пишувањето на неговиот роман „Мајсторот за мечување“ од 1840 година, тој соработувал со сопствениот мајстор за мечување, Аугустин Грилие. Очигледно, Грилие оставил голем впечаток кај Дима, бидејќи тој продолжил да го спомнува својот мајстор за мечување во „Грофот од Монте Кристо“ и „Корзиканските браќа“.

Во 1843 година, Дима го објавил романот „Жорж“, чие дејство се одвива на она што тогаш било познато како Островот де Франс (денес Маурициус). Истоимениот протагонист, Жорж, е човек од мешана раса кој може да „помине“ како бел. Откако е отфрлен од белите плантажери на островот, тој формира група црна милиција која успешно ја пренасочува напаѓачката британска колона. Белите плантажери, сепак, одбиваат да ја признаат храброста на Жорж и неговите војници. Жорж потоа е испратен во Франција да се школува. Кога се враќа на островот, плантажерите не го препознаваат. Но, кога неговата совест го принудува да го предводи поробеното население на островот во бунт против белите сопственици на робови, тој ја загрозува не само својата социјална положба, туку и неговиот живот.

„Жорж“ содржи одредени детали поврзани со заплетот кои всушност биле скицирани од долгогодишниот соработник на Дима, Огист Маке и подоцна биле искористени и пренаменети при пишувањето на „Грофот од Монте Кристо“, објавен следната година. Со дејство кое се одвива во период кој се протега од 1815 до 1839 година и го опфаќа падот на Наполеон од власт, реставрацијата на Бурбоните и првата половина од владеењето на кралот Луј-Филип, романот ги одразува политичките превирања во (тогашната м.з) поновата историја на Франција преку тешкотиите и неволјите на главниот протагонист.

Во 1844 година, тој го објавил и романот „Тројцата мускетари“, и тој денес е најпознат токму поради овие романи. Иако соработката на Дима со Грилие била пријателска, неговите односи со Маке се влошиле по огромниот успех на овие два романи. Во 1851 година, соработката била сосема прекината кога Маке му поднел тужба на Дима, барајќи поголемо признание како коавтор и да добие дел од авторските права на делата. Судот, сепак, пресудил во корист на Дима. Маке ја продолжил својата кариера како писател и објавувал историски романтични романи, драмски дела, оперско либрето и станал офицер на Легијата на честа.

Животот во доброволно прогонство

По Февруарската револуција од 1848 година (Третата револуција во Франција), кралот Луј-Филип абдицирал во корист на својот деветгодишен внук, побегнал од Париз маскиран и се упатил кон Англија со чамец. Набрзо била прогласена Втората француска република, а Луј Наполеон Бонапарта бил прогласен за претседател пред да истече годината. (Три години подоцна, тој се прогласил себеси за доживотен претседател, а следната година за император Наполеон III).

Поради неговите врски со соборениот крал, Дима побегнал во Брисел во 1851 година – потег што имал дополнителна предност што му овозможил да избега од своите доверители. Во 1859 година, тој се преселил во Русија, каде францускиот јазик бил втор најчесто зборуван јазик меѓу повисоките ешалони на општеството и каде неговите дела (кои во тоа време биле преведени на многу јазици) биле многу популарни.

Само две години подоцна, сепак, тој одлучил повторно да се пресели, насочувајќи го својот фокус кон Италија. Во 1861 година, се формирало кралството Италија, а Виктор Емануел II бил прогласен за крал. По неговото пристигнување таму, Дима се посветил на движењето за обединување на Италија (Risorgimento), користејќи ги своите вештини за пишување за да го основа весникот „L’Indipendente“. Неговиот ангажман бил таков што тој дури се спријателил и со Џузепе Гарибалди, колега масон. Дима придонел со свои пари за да плати оружје за каузата и бил меѓу трупите на Гарибалди кога триумфално влегле во Неапол, откако го нападнале градот во 1861 година. Под новиот режим, Гарибалди го поставил Дима за директор за ликовни уметности во Италија.

Откако веќе го напишал „Le Corricolo“ („Скици од Неапол“) во 1843 година, неговото време во Италија како дел од Risorgimento го инспирирало да ги напише „Бурбоните од Неапол“ во 1862 година. Делото било објавено во делови во „L’Indipendente“, весникот на Дима. Сепак, Дима на крајот паднал во немилост и се вратил во Париз во 1864 година.

Брзиот начин на живот и трајното наследство на Дима

Иако Дима заработил многу пари од романите што ги напишал, тој водел екстравагантен начин на живот и често останувал без пари. Тој исто така бил член на Club des Hashischins – во кој исто така членувале и Виктор Иго, Оноре де Балзак, Шарл Бодлер и Ежен Делакроа и кои се состанувале секој месец во Париз за да конзумираат хашиш.

На 1 февруари 1840 година, Дима се оженил со актерката Ида Ферие, но тие немале деца. Меѓутоа, Дима имал најмалку четири вонбрачни деца и имал (според Клод Шоп) околу четириесет љубовници. Меѓу овие љубовници била и американската актерка, уметница и поетеса Ада Исак Менкен, со која се верува дека имал афера во 1866 година. Тој, исто така, добил син – кој го носел истото име и презиме, Александар Дима – со неговата љубовница Мари-Лор Кетрин Лабеј, шивачка. Не само што неговиот син го зел неговото име, туку и ги следел стапките на својот татко и станал познат романсиер и драматург (најпознат по делото „Дамата со камелии“).

Александар Дима починал на 5 декември 1870 година, на 68-годишна возраст, најверојатно од срцев удар. Во тоа време, неговата смрт била засенета од тековната (и, барем за Франција, катастрофална) француско-пруска војна, а неговата книжевна репутација донекаде избледела.

Меѓутоа, оттогаш, неговата репутација повторно заживеала. Во 1970 година, за да се одбележи стогодишнината од неговата смрт, во негова чест беше именувана станица на метрото во Париз, додека во 2002 година, по повод 200 години од неговото раѓање, тогашниот француски претседател Жак Ширак повторно ја закопа пепелта на Дима во Пантеонот во Париз, покрај книжевните великани како Виктор Золего и Ела.

Овој потег се сметаше за контроверзен бидејќи локалните жители на Вилер-Котре истакнаа дека самиот Дима изјавил дека сака да биде погребан во неговиот роден град. Сепак, целата процедура продолжи, а церемонијата – во која ковчегот на Дима беше опкружен со четворица републикански гардисти облечени како четворицата мускетари – беше емитувана на телевизија. За време на својот говор, Ширак отворено проговорел за расизмот кој Дима го почувствувал, и во животот и по смртта, и изрази надеж дека оваа церемонија на повторно погребување ќе помогне на некој начин да се исправи таа неправда.

И животот и наследството на Александар Дима биле нарушени од предрасуди. Во текот на неговиот живот се сретнал со расистички ставови и бил мета на расистички навреди, што – како што може да се види во случајот со „Жорж“ и „Капетанот Памфил“ – влијаело на неговото творештво и кај него се создала длабока омраза кон ропството и расната дискриминација. Истовремено, неговите дела биле отфрлени и наречени популистички и евтини: популарноста на неговите романи придонела кон тоа тој да се збогати, но исто така им обезбедила на неговите клеветници „аргументи“ против него. Како и да е, во последниве години, имаше обиди да се ревидира и да се рехабилитира неговата репутација како писател и општеството да се искупи, на некој мал начин, за негативната улога што расизмот ја одиграла и во неговиот живот и во однос на тоа како тој потоа бил читан и прифатен од критичарите. Делумно благодарение на овие напори и на сопствените вештини на Дима како раскажувач, неговите дела се едни од најчитаните дела на француската книжевност и сè уште се читаат и сакаат ширум светот до ден-денес.

Извор.

Leave a comment