Ана Ахматова е една од најпознатите поетеси на 20 век. Нејзините песни и стихови имаат извршено неверојатно влијание во поезијата, а и ден денес се чинат релевантни. За време на својот живот, таа минала низ многу искушенија и предизвици, а денес на блогот можете да прочитате едно кусо сиже и анализа на нејзиниот живот и творештво, преку текст на Викторија Ќурлин за веб-порталот VoxFeminae.

(извор: Liden & Denz)
Во годините обележани со војни, револуции и прогони, Ана Ахматова била една од ретките поетеси кои избрале да останат во Русија наместо да емигрираат. Често забранувана во Советскиот Сојуз како дел од „декадентната и индивидуалистичка буржоазија“, таа се прославила и дома и во странство со нејзините песни во кои зборува против суровоста на сталинистичкиот режим, решена да не дозволи трагедијата на нејзиниот народ да биде заборавена од времето.
Родена како Ана Андреевна Горенко на 23 јуни во 1889 година во предградието на Одеса, Бољшој Фонтан во јужна Украина, Ана имала аристократско потекло од страната на нејзините родители, а нејзиниот татко бил поморски инженер. Детството го поминала во Царское Село, во близина на Санкт Петербург, а на седумнаесетгодишна возраст – откако нејзините родители се развеле – се преселила во Киев, каде што завршила средно училиште и се запишала на правен факултет. По една година се преселила во Санкт Петербург и таму почнала да студира книжевност.
Своите први стихови почнала да ги пишува на единаесетгодишна возраст, поради што три години подоцна го привлекла вниманието на Николај Гумилев, кој бил неколку години постар од неа, и во периодот од 1905 до 1910 година, тој постојано ѝ се додворувал и неколку пати ја запросил, понекогаш заканувајќи ѝ се дека ќе изврши самоубиство доколку Ахматова не се согласи да се омажи за него
Таткото на Ана, сепак, не бил воодушевен од талентот на неговата ќерка и нејзината растечка слава во Петербург и ѝ наредил да „не го оцрнува неговото чесно име“. Оттогаш, па сè до крајот на својот живот, Ана престанала да го користи своето родено презиме и го зела презимето Ахматова, презимето на нејзината баба, преку кое, наводно, го следела своето потекло од татарските хани на Кримскиот хан.
Ахматова се омажила за Гумилјов во 1910 година, повеќе поради попуштање на неговото упорно додворување отколку поради љубовна страст. Медениот месец го поминале во Париз, град што ѝ оставил силен и длабок впечаток на Ахматова и кој неколкупати е тема на нејзините песни. Заедно со Гумилев, Осип Манделштам и неколку други поети, Ахматова го основала поетскиот правец акмеизам, кое во 1912 година добило поформална структура во форма на Еснафот на поети и манифест во книжевното списание „Аполо“. Истата година, Ахматова го родила синот Лев, нејзиното единствено дете, но неговата свекрва ја презела грижата за него.
Акмеистите ја нагласувале вредноста на чистотата на формата, прецизноста и економичноста на јазикот и сметале дека вештината на пишувањето е клуч за поезијата, наспроти ефемерната инспирација и мистицизмот на симболизмот. Поезијата на Ахматова се издвојува, заедно со онаа на Манделштам, како најдобра реализација на акмеистичките идеали, на кои таа додава силна интроспекција, психологизам и космополитизам.
Во 1912 година, Еснафот на поети ја објавил нејзината прва збирка поезија, „Вечер“, чие прво издание било распродадено преку ноќ. Со нејзината следна збирка „Бројаница“, објавена во март 1914 година, Ахматова станала една од најпознатите уметници во царската престолнина и дел од предводниците на т.н. Сребреното доба на руската книжевност.
Во поемата „Јули 1914 година“, Ахматова пророчки го навестува виорот на страдањата во Русија што започнале со избувнувањето на Првата светска војна и продолжиле со револуцијата, граѓанската војна и репресијата од советскиот режим. Спротивно на она за што подоцна ја обвиниле властите, Ахматова се покажала како исклучително чувствителна на историските настани и сочувствителна кон страдањата на нејзината татковина и народ. Периодот на Светската војна и Граѓанската војна се покажале како исклучително плодни за неа, па објавила уште три збирки поезија: „Бело јато“ (1917), „Жилавец“ (1921) и „Anno Domini MCMXXI“ (1922). Во својата поезија таа зборува за ужасите на војната, љубовта кон татковината, загубата и Бога, постојано усовршувајќи го својот поетски израз.

(извор: inyourpocket.com)
Во 1921 година, советската тајна полиција го погубила Николај Гумилев, тогашниот поранешен сопруг на Ахматова, под обвинение за контрареволуционерна активност. Тоа бил првиот голем удар за Ахматова, која станувала сè поизолирана и осамена по Октомвриската револуција. Големите уметници од сребреното доба главно емигрирале на Запад по револуцијата, а работата на малкумината што останале станувала сè потешка. Како хероина на „декадентната“, „буржујската“ и „ненародната“ уметност, Ахматова се нашла меѓу писател(к)ите чие творештво било неофицијално забрането во 1925 година со резолуција на Комунистичката партија на СССР.
Во следните десет години, Ахматова престанала да пишува поезија и се свртела кон преведување, пишување есеи и критика и студиозното проучување на Александар Пушкин. Иако била почитувана меѓу експертите, преведувачката работа не ѝ донела соодветни приходи, па во тие години живеела во голема сиромаштија, а кругот на пријатели од предреволуционерните денови станувал сè потесен.
Нејзиниот пријател Осип Манделштам бил уапсен најпрво во 1934 година, а потоа во 1938 година и осуден на прогонство на рускиот Далечен Исток; тој починал неколку месеци подоцна во трансферен камп. Николај Пунин, љубовникот и долгогодишен пријател на Ахматова, исто така неколку пати бил апсен и осуден на затвор, а умрел во логор во 1953 година. Нејзиниот син Лев Гумиљов бил затворен неколку пати за време на владеењето на Сталин; неговите апсења и затворски казни во 1935 и 1938 година биле директен поттик за Ахматова да се врати на пишувањето.
Инспирирана од затворањето на нејзиниот син, сопствената осаменост и сеприсутното страдање на рускиот народ, Ана Ахматова составила циклус песни наречен „Реквием“ од 1938 до 1940 година, споменик на „Големиот терор“ од доцните 1930-ти. Иако „Реквием“ не било целосно објавено во СССР сè до 1987 година, делото сепак неформално циркулирало и било отпечатено во Западна Германија во 1963 година. Поемата станала дел од руската колективна меморија за ужасите на сталинистичкиот терор токму затоа што е многу лична – и самата Ахматова поминала 17 месеци во редовите надвор од затворот „Крести“ за затворањето на Лев – но и затоа што поетесата се вкотвила во вековната традиција на руската книжевност и духовност.
Ахматова го дочекала почетокот на Втората светска војна во Русија во Ленинград – поранешен Санкт Петербург – кој останал под нацистичка опсада сè до 1944 година. Таа била евакуирана од градот во 1942 година во Ташкент, денес главен град на Узбекистан, каде ја создала првата верзија на нејзиното најголемо дело, „Песна без херој“. Во овој период, таа дополнително се оддалечила од љубовните теми и се насочила кон патриотизмот, филозофијата и духовноста.
Крајот на војната не ѝ донел мир на Ахматова, бидејќи во 1946 година, со една нова резолуција на Централниот комитет на Комунистичката партија, Ахматова добила забрана за објавување поезија, а во 1949 година, Лев по трет пат бил уапсен и осуден на десет години затвор во Сибир. Тоа довело до тоа Ахматова за прв и последен пат да пишува прорежимски стихови, надевајќи се дека така ќе ги смири властите и ќе добие помилување за нејзиниот син. Тоа се случило дури во 1956 година, по смртта на Сталин, а во тоа време односот на власта кон нејзиното творештво почнал да омекнува, а во 1958 година била објавена збирката од нејзините собрани дела „Песни“.
Во последните години од животот, Ахматова енергично се занимавала со пишување: ја завршила „Песна без херој“, ја составила полуавтобиографската песна „Енума Елиш“, напишала мемоари и нацрти за неколку романи. Ахматова, исто така, е примала и советувала цела генерација нови руски поети. Советските власти решиле да капитализираат од нејзината слава и уметнички талент, а нејзината работа била превреднувана во официјалниот наратив – таа повеќе не била „декадентна буржујка“ туку „достојна претставничка на нацијата“, нејзините песни биле печатени во повеќе изданија и таа уживала исклучителна популарност дома и во странство. И покрај ова, делото „Реквиемот“ не било објавено.
Во 1965 година ја добила престижната книжевна награда „Таормина“ и почесен докторат на Универзитетот Оксфорд, и по тој повод отпатувала во Италија и Англија. По срцевиот удар во ноември 1965 година, била хоспитализирана и починала на 5 март 1966 година во санаториумот Домедово во близина на Москва. Таа била погребана во нејзиниот сакан Санкт Петербург.
Забележувајќи го низ својата поезија поголемиот дел од несреќните искуства во Русија во 20 век, Ана Ахматова со текот на времето стана глас на човештвото во светот на превирања и војни. Нејзините песни се и сведоштво и пророштво и остануваат радикални и политички релевантни и денес, како што биле и во времето на нивното создавање.
