На 25 јуни 1934 година се родил еден од најголемите македонски писатели и книжевници. Петре М. Андреевски. Неговото книжевно наследство е толку големо, а негoвите дела и мисли и денес се цитираат, споделуваат и читаат. Во негова чест, денес на блогот имате можност да слушнете и погледнете едно постаро интервју со Петре М. Андреевски емитувано на ТВ Скопје од 1968 година, а интервјуто го води Снежана Липковска.

Липковска: Ви се допаѓа ли амбиентот во кој ќе го водиме разговорот?
Андреевски: Мислам дека амбиентот е погоден и за поголеми доживувања, на пример за подолгорочни возбуди, меѓутоа мојата возбуда во овој момент е од подруга природа.
Липковска: Има ли нешто што не ви се допаѓа во сево ова?
Андреевски: Па… Се надевам дека заборавивте да ме претставите.
Липковска: О… да, мислев дека публиката ве знае веќе, речиси сум сигурна дека знае дека сте Петре Андреевски, поет кој за својата книга „Дениција“ ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ на последните „Струшки вечери на поезијата“… Или мислите дека кај нас поетите ја немаат таа популарност да бидат препознаени?
Андреевски: Да… и не само затоа што поетите не се филмски артисти или телевизиски спикери, и не само затоа што имињата на поетите навлегуваат ни хоризонтално, ни вертикално во крстословките од дневните весници, и не само затоа што фотографиите на поетите се нерентабилни за илустрираните списанија со неделен хороскоп, туку можеби затоа што поетите треба да бидат препознавани во поезијата, а поезијата денеска е на работ од интересирањата на современиот човек.
Липковска: Се зборува дека вашата „Дениција“ мошне добро се продава во книжарниците дури и пред наградата. Каде лежи тајната на нејзиниот успех кај публиката?
Андреевски: Јас не знам како се продава книгата и не знам каков е интересот и приемот кај публиката на таа книга, меѓутоа ако е тоа така, мислам дека тајната лежи можеби и во самата Дениција, само зашто Дениција:
„беше учителка по дишење во сите челичарници,
на сите жетви и косидби, на сите спортски натпревари.
Таа можеше кај што сака да ја задржи ровјата
и да го пренесе дождот кај што ќе помисли
и да го спушта копното и да го поткрева небото
и да каже каков снег ќе паѓа во иднината.
Поради неа сè уште имаше луѓе без свои луѓе
и луѓе без своја татковина.
Поради неа секој ѕвек на новиот босилек
им се јавуваше како пријател на тажните и уплаканите.
Поради неа сè уште не можеше да се дознае
дали е постаро јајцето или пилето,
гладот или жедта.
Поради неа и не пресушуваа корзата по градовите,
поради неа и јас дишев како што дишеше таа
оти таа ми ја одржуваше и земјината тежа.
Нејзините дојки беа и земни полови
и сè што имав загубено беше меѓу нив пронајдено.
Таа имаше свој ракопис, свои гатанки и балкони,
таа имаше свој терзија и свои магнетни полиња,
како и песната што имаше своја песна.
Таа беше дулец што ги разведува небесните кладенци.
И поведение на копривата, расонета во љубовна возбуда.
Нејзината исхрана беше под заштита на сите народи
и кај што ќе запреше таа – таму се градеа и нови населби.
И кога сè спиеше нејзината убавина беше будна
и неа сите вилаети ја сонуваа во продолженија.“
(Во вториот дел од прашањето, Андреевски всушност рецитира дел од песната „Уште едни податоци за Дениција“ од збирката „Дениција“, м.з)
Липковска: „Дениција“ е книга на љубовна поезија. Дали би сакале да ни ја речете вашата дефиниција на љубовта?
Андреевски: Па мислам дека колку што има љубови, толку има и дефиници. Затоа неправда е да се дефинира љубовта. Неправда е затоа што во една дефиниција не можат да влезат сите љубови и сите љубовници.
Липковска: Едно индискретно прашање. Дали постои навистина жена со име „Дениција“?
Андреевски: Не, за жал. Дениција не постои ни како оддлена личност, ни како личност што го носи нејзиното име. Дениција постои во секоја жена, на секое место и во секое време. Дениција беше време на моето време, а јас само сведок на нејзиното столетие.
Липковска: Дали би сакале да ни прочитате некоја песна која е објавена во вашата книга „Дениција“?
Андреевски: Со задоволство, но поземувајќи го гласот на Иван Антонов.
Понатаму во прилогот следи прекрасната интерпретација и рецитирање на Иван Антонов на песните: „Песна за мојата песна“, „Болеста на Дениција“, „Четврто писмо“, проследени со интересен колаж од снимки на Андреевски и Липковска.
Во продолжение погледнете го видеото. Прекрасно видео и одлична можност да види Андреевски во неговите помлади години, да се чуе и неговиот глас и размислувања и секако никогаш доста од слушање на неговите стихови.
