Зошто „Големиот Гетсби“ е толку неразбран роман?

Големиот Гетсби“ е синоним за забави, сјај и гламур – но ова е само едно од многуте недоразбирања за книгата што започнале уште со нејзиното прво објавување пред еден век, во април 1925 година. Во овој одличен текст на „Би-Би-Си“ на Хефизба Андерсон прочитајте за тоа зошто „Големиот Гетсби“ е толку неразбран роман, а сепак толку многу му се навраќаме. Доколку ве интересира повеќе за романот, можете да го прочитате и текстот на блогот: Книга на летото: „Големиот Гетсби“ од Ф. Скот Фицџералд!

(извор: Alamy/BBC)

Малку ликови во книжевноста, па и во животот, отелотворуваат една ера толку упорно и тврдоглаво, како што Џеј Гетсби го прави тоа со ерата на џезот. Речиси еден век откако е напишан, осудениот романтичар на Ф. Скот Фицџералд стана синоним за декадентни флертувачи, фонтани со шампањ и бескрајни забави. Навлезен во поп-културата, отсекувајќи го од текстот во кој е зачнат како лик, неговото име краси сè, од станови до восок за коса и парфем во ограничено издание. Сега е можно да се опуштите на софа Гетсби, да се сместите во хотелот Гетсби, дури и да јадете сендвич Гетсби – што во суштина е супер голем, зачинет чипс.

Колку и да ви звучи несоодветно ова последното, именувањето на што било по човекот што порано бил познат како Џејмс Гетс се чини повеќе од малку проблематично. Впрочем, екстравагантниот домаќин на забави е само еден дел од неговиот комплициран идентитет. Тој е исто така и шверцер на алкохол, до глава вмешан во криминални потфати, а да не зборуваме и заблуден демнач чие шоуменство почнува да изгледа сосема невкусно. Ако тој го отелотворува потенцијалот на американскиот сон, тогаш тој ги илустрира и неговите ограничувања: Гетсби е еден човек, да не заборавиме, чиј крај е предодреден да биде бесмислен колку што е и насилен.

Недоразбирањето е дел од приказната за „Големиот Гетсби“ уште од самиот почеток. Негодувајќи му на својот пријател Едмунд Вилсон кратко откако романот бил објавен во април 1925 година, Фицџералд изјавил дека „од сите рецензии, дури и од најентузијастичните, ниту една нема ни најмала идеја за што станува збор во книгата“. Колегите писатели и писателки како Едит Вортон многу ја фалеле, но како што раскажува критичарката Морен Кориган во нејзината книга „Продолжуваме со читање: како настанал „Големиот Гетсби“ и зошто опстојува“, популарните рецензенти во тоа време ја гледале книгата како криминалистичка белетристика и дефинитивно биле разочарани од неа. „Најновото од Фицџералд е тапа“ се појавило како наслов во „Њујорк Ворлд“. Романот постигнал скромна продажба, а до смртта на авторот во 1940 година, примероците од многу скромниот втор тираж ги имало во голем број, т.е не се продавале.

Среќата на „Големиот Гетсби“ почнала да се менува кога романот бил избран да биде испратен како подарок за американските војници. Околу периодот на завршувањето на Втората светска војна, речиси 155.000 примероци биле дистрибуирани во специјално издание за вооружените сили, создавајќи нова читателска публика преку ноќ. Со почетокот на 50-ти години на 20 век, процутот на визијата за американскиот сон ја забрза актуелноста на романот, а до 60-тите години, тој стана и сценски текст. Оттогаш стана толку моќна сила во поп-културата што дури и оние кои никогаш не ја прочитале книгата се чувствуваат како да ја прочитале, се разбира, со помош на Холивуд. Во 1977 година, само неколку години откако Роберт Редфорд ја играше главната улога во екранизацијата напишана од Френсис Форд Копола, се појави и кованицата т.е зборот „Гетсбиски“.

(насловна страница на американското списание GQ со Роберт Редфорд како Гетсби
извор: Getty Images/BBC)

Заедно со раздорната филмска екстраваганција на Баз Лурман од 2013 година, книгата поттикна и инспирираше графички новели, импресивно театарско искуство и телевизиски филм, емитуван во 2000 година, со Пол Рад, Тоби Стивенс и Мира Сорвино. И откако авторските права на романот истекоа во 2021 година, овозможувајќи му на секого да го екранизира без дозвола од имотот на Фицџералд, индустријата поврзана со Гетсби експлодираше. Првичните повици за екранизација на романот со Мапетите можеби не дадоа резултати (никогаш не вели никогаш), но еден мјузикл со песни од Флоренс Велч од групата „Флоренс + Машината“ минатата година премиерно беше прикажан во Масачусетс; посебен мјузикл, награден со Тони, „Големиот Гетсби“, сè уште се прикажува на Бродвеј и наскоро го чека премиера во Лондон; а авторката Мин Џин Ли и културниот критичар Весли Морис напишаа нови воведи за изданијата на книгата во 2021 година.

Ако сето ова ги остави пуристите на творештвото на Фицџералд да си ги „стегаат бисерите од ѓерданот“ поради негодување, сосема е можно дека додека некои такви проекти дополнително го овековечуваат митот дека организирањето тематска забава Гетсби може да биде нешто друго освен возвишено бесмислено, други може да дадат свежи увиди во текст чијашто блискост честопати нè води да се лизгаме над неговата сложеност. Земете го, на пример, новиот роман на Мајкл Фарис Смит, „Ник“. Насловот, се разбира, се однесува на Ник Каравеј, нараторот на Гетсби, кој тука добива своја целосно оформена позадинска приказна. Тоа е приказна за жител на Средниот Запад кој оди во Европа да се бори во Првата светска војна и се враќа променет, како поради виорната љубовна врска во Париз, така и поради рововската војна. Има простор за импулсивно патување во подземјето на Њу Орлеанс пред да се упати кон Вест Ег на Лонг Ајленд.

Невозможен сон?

Како и многумина, Смит првпат се сретнал со романот во средно училиште. „Едноставно воопшто не го сфатив“, вели тој за Би-Би-Си, од својот дом во Оксфорд, Мисисипи. „Изгледаше како многу луѓе да се жалат за работи за кои навистина не треба да се жалат“. Дури кога повторно го зел во раце додека живеел во странство во доцните 20-ти години, почнал да ја разбира моќта на романот. „Беше многу надреално читачко искуство. Се чинеше како нешто на речиси секоја страница да ми зборува на начин што не го очекував“, се сеќава тој.

Стигнувајќи до сцената во која Каравеј одеднаш се сеќава дека е неговиот 30-ти роденден, Смит бил исполнет со прашања за тоа каква личност всушност бил нараторот на Гетсби. „Ми се чинеше дека имало некоја вистинска траума што го направила толку одвоен, дури и од самиот себе. Ми помина низ глава мислата дека би било навистина интересно ако некој ја напише приказната за Ник“, вели тој. Во 2014 година, кога веќе бил објавен автор во своите 40-ти години, тој седнал да го стори токму тоа, не кажувајќи му го тоа ни на својот агент ниту на својот уредник. Дури кога го доставил ракописот десет месеци подоцна, дознал дека според Законот за авторски права ќе мора да почека до 2021 година за да го објави.

Смит посочува на цитат од еден од современиците на Фицџералд како клуч за разбирање на Каравеј. „Ернест Хемингвеј во [неговите мемоари] „Подвижна гозба“ вели дека не му верувале на никој кој не бил во војната, а за мене некако тоа делуваше како природен почеток за Ник.“ Смит го замислува Каравеј, справувајќи се со ПТСН и шок, враќајќи се дома во нација што повеќе не ја препознава. Тоа е далеку од бурниот хаос од целата таа забава, но Каравеј е, сугерира Смит, причината зошто романот на Фицџералд останува читан. „Можеби не е шампањот и танцувањето, можеби тоа се чувствата на испитување и размислување за тоа каде сме, чувството дека сè може да се распадне во секој момент, што го одржува Гетсби значаен од една генерација до друга.“

(Извор: Alamy/BBC)

Вилијам Кејн, експерт за американска книжевност и професор по англиски јазик „Мери Џует Гајзер“ на колеџот Велсли, се согласува дека Ник е клучен за разбирање на богатството на романот. „Фицџералд размислувал за структурирање во трето лице, но на крајот го избрал Ник Каравеј, наратор од прво лице кој ќе ја раскаже приказната за Гетсби и кој ќе биде посредник меѓу нас и Гетсби. Мораме да одговориме и да го разбереме Гетсби и, додека го правиме тоа, да останеме свесни дека му пристапуваме преку многу посебната перспектива на Ник и преку многу амбивалентниот однос на Ник кон Гетсби, кој е истовремено полн со пофалби и полн со строги критики, дури и во некои моменти полн со презир“, вели тој.

Како и Смит, Кејн првпат се сретнал со романот како студент. Тоа било поинаква ера – 60-тите години на 20 век – но сепак, малку внимание му било посветено на Ник. Кејн наместо тоа се сеќава на разговорите за симболизмот – легендарното зелено светло, на пример, и легендарниот автомобил на Гетсби. Тоа е потсетник дека, на некој начин, образовниот систем е подеднакво виновен како и поп-културата за нашите ограничени читања и сфаќања на овој значаен текст. Можеби е одличен американски роман, но, со помалку од 200 страници, неговото возвишено економично раскажување ги прави неговите точки на учење многу лесни за пристап. Иронично, со оглед на тоа што ова е роман на илузија и заблуда, во кој површините се клучни, премногу често ја занемаруваме текстурата на неговата проза. Како што вели Кејн, „Мислам дека кога го разгледуваме „Големиот Гетсби“, треба да размислуваме за него не само како за роман што е повод или појдовна точка за нас да разговараме за големите американски теми и прашања, туку навистина мора да навлеземе во богатството на вистинското пишување на Фицџералд од страница до страница. Да, мора да дојдеме до Гетсби, свесни за неговото општествено и културно значење, но исто така треба да се вратиме на него како книжевно искуство.“

Кејн го препрочитува романот на секои две или три години, но често се наоѓа себеси како размислува за него помеѓу тој период – на пример, во 2020 година, кога американскиот претседател Бајден, прифаќајќи ја номинацијата на демократите од Демократскиот национален комитет, зборуваше за правото да се следат соништата за подобра иднина. Американскиот сон е, се разбира, уште една од големите теми на „Големиот Гетсби“, и тема што продолжува да биде погрешно разбрана. „Фицџералд покажува дека тој сон е многу моќен, но дека е навистина многу тежок за повеќето Американци да го остварат. Тој им влева големи надежи, големи желби и е извонреден, напорите што толку многу од нив ги прават за да ги исполнат тие соништа и тие желби, но тој сон е надвор од дофатот на многумина, а многумина се откажуваат од премногу работи за да се обидат да го постигнат тој голем успех“, истакнува Кејн. Се чини дека Фицџералд сугерира дека меѓу пречките се и строгите класни граници што ниту една сума пари нема да му овозможи на Гетсби да ги премине. Тоа е став што одговара на расположението што Кејн вели дека го забележува кај своите студенти – одредена „меланхолија“ за американскиот сон, чувството разгорено од расните и економските нееднаквости што пандемијата само ги продлабочи.

Во други одредени аспекти, романот не „созреа“ толку добро. Иако Фицџералд покажа каде лежат неговите верности со тоа што ја истакна суровата грдотија на верувањата на Том Бјукенен за белата супремација, тој постојано ги опишува Афроамериканците како „bucks“. Романот може да биде фрустрирачки и од феминистичка перспектива: на неговите женски ликови им недостасува димензионалност и дејствување, и наместо тоа се гледаат низ призмата на машката желба. Но, патот сега е отворен за бесконечни креативни одговори на тие позастарени и непријатни аспекти.

Новообјавениот роман на Џејн Краутер, „Гетсби“, го ажурира заплетот во 21 век и ги менува половите за да се претстави женскиот лик Џеј Гетсби и машкиот Дени Бјукенен. А „Гембитот на Гетсби“ од Клер Андерсон-Вилер е мистерија за убиство која измислува помлада сестра за истоимениот антихерој на Фицџералд: Грета Гетсби. Сепак, до импресивен степен, обновеното внимание што го донесе истекот на авторските права и стогодишнината покажува не само колку е релевантен и заводлив текстот на романот на Фицџералд, туку и колку отсекогаш бил многу жив. Земете го на 27 години и ќе најдете различен роман од оној што сте го читале како тинејџер. Повторно погледнете го на 45 години и ќе се чувствувате како да читате сосема друга книга. Авторските права никогаш немале никакво влијание врз влијанието на зборовите што ги регулираат.

Кога Смит конечно можеше да го објави „Ник“ во 2021 година, тој повторно се навратил на „Големиот Гетсби“ пред да ја предаде својата последна и конечна верзија за печатење. „Мислам дека тоа ќе биде роман што постојано се развива во мојата глава и секогаш се менува врз основа на тоа кој сум јас“, вели тој. „Тоа е она што го прават одличните романи.“

Извор.

Leave a comment