Што читаше Кафе и книги во јуни?

Летото е веќе во полн замав! Повеќето веќе почнаа да одат на годишни одмори, а оние што остануваат во Скопје се кријат од жештините и често го минуваат своето слободно време со книга. Па така, ако сте во потрага по книга, можеби ќе се инспирирате од некои од препораките што може да ги прочитате во прилог.

Луѓето од свадбата“ – Алисон Еспак

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт
: Кога ја земав оваа книга за читање, не знаев многу работи за неа, само дека е бестселер и очекував да биде лесна книга која ќе ми го одмори мозокот. И, иако е книга што е напишана со лесен стил што ќе ве тера брзо да ги вртите страниците и иако изобилува и со хумористични моменти, сепак дел од темите се длабоки, чести и човечки и ќе ве замислат, натажат и ќе ве поттикнат на интроспекција. Книга започнува со кога Фиби се пријавува во еден убав, луксузен хотел. Таа го остава својот живот зад себе и доаѓа на ова прекрасно место, решена да си го одземе животот по депресијата низ која минува која се засилува со распаѓањето на нејзиниот брак.

Но, кога пристигнува таму, сфаќа дека таа недела во тој хотел ќе има свадба и таа е единствената што всушност не е во хотелот поради свадбата. По игра на случајност таа ја запознава Лила, невестата, која е шокирана кога дознава зошто е Фиби тука и ја приморува да биде дел од нејзината свадба. За време на овие настани Фиби открива еден целосно нов дел од себеси, од својот живот, размислува за својот брак, живот, за тагата што цел живот ја носи во себеси, како да е дел од нејзината ДНК и малку, по малку, излегува од корупката во која се стегнала. Одлична, меланхолична, забавна, но и полна со прекрасни книжевни референци и размислувања за животот, за личните загуби и битки кои другите не знаат да ги водиме.

Кој го уби Паломино Молеро?“ – Марио Варгас Љоса

Издавачка куќа: СЛОВО
Оцена: 5/5
Осврт
: Во текот на овие неколку години, Марио Варгас Љоса ми стана еден од најдрагите и најинтересните современи писатели и некако ми е криво што не започнав да го читам порано. Иако бев слушнала за неговите најпознати романи и почнав да ги читам по тој редослед, не бев слушнала за „Кој го уби Паломино Молеро?“ и кога го видов овој роман на Саем на книга, знаев дека морам веднаш да го имам и да го прочитам. На некој начин, ова е и карактеристичен и некарактеристичен роман на Марио Варгас Љоса. Книгата е кратка и се чита многу брзо, она што е карактеристично е што пишувањето на Љоса е остро, јасно, меко, со емоции, со интересни ликови, но и политичкото е неизбежно испреплетено и до срж поврзано со луѓето, со темата, покажувајќи како и љубовта и љубовното страдање може да е политичко, тешко, како корупцијата е присутна насекаде, дури и во малите места.

Некарактеристичен е од аспект на тоа дека е кратка мистерија, заснована на вистински настан. Паломино Молеро навистина постоел и бил убиен и тоа го разгневило Љоса и решил да напише краток роман во кој ќе го истражи целиот случај, секако додавајќи ја својата фикција во сето тоа. Паломино Молеро е млад човек чие тело го пронашле речиси масакрирано. Двајца полицајци се обидуваат да дознаат што се случило со него, но се чини никој не сака да зборува за тоа. Одлична книга, дефинитивно ја препорачувам!

Авантурите на Артур Гордон Пим“ – Едгар Алан По

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 4/5
Осврт
: Како што веќе имам напоменато во претходните препораки, последниве месеци се трудам почесто да читам книги што ни беа лектири кога бевме во средно училиште, со намера да видам како ќе ги доживеам како возрасна личност. Се сеќавам дека оваа книга ми беше многу страшна, морничава, но отсекогаш сум го сакала стилот на пишување на Едгар Алан По.

Во оваа приказна се запознаваме со Артур Гордон Пим, млад човек кој копнее по авантури и една вечер, заедно со неговиот најдобар пријател, решаваат да земат брод и да отпловат на море, но откако тоа завршува катастрофално, се враќаат назад, но тоа не ги обесхрабрува и ја планираат следната авантура. Откако Артур се качува и се крие на бродот, во исчекување да дојде неговиот пријател и да му рече дека може да престане да се крие и да се качи на палубата, започнуваат низа неволји кои сериозно се опасни по неговиот живот и тој мора да наоѓа различни начини да преживее и да се снајде. Ова е одлична книга за оние што сакаат авантури, приказни за морнари, бродови и пловење, а стилот на По е одличен.

Во трагата на бродот“ – Пер Петершон

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 4/5
Осврт:
Петершон е норвешки писател кој често истражува меланхолични теми, длабоко лични и со кои многумина можат да се поврзат. Во овој роман тој се фокусира на загубата, на болката да се изгубат блиските, на односите со луѓето во својот живот.

Се работи за прилично интроспективен роман во кој ги следиме мислите и доживувањата на Арвид, кој го загубил речиси целото свое семејство при една несреќа. Тој се труди да го одгатне својот живот, да го расплете клопчето на сеќавањата, размислува за односот со својот татко, а меѓувреме паралелно добиваме и слика за неговиот однос со неговиот единствен преживеан брат. Романот е исклучително меланхоличен, но интересно е што меѓу редовите може да се насети празнина, што всушност е празнината на Арвид, неговото лутање по сето она што му се случило, но тоа е она што прави да сочувствуваме со него и да размислуваме за нашите животни околности. Многу интересна приказна, ќе им се допадне на оние што сакаат лични романи, меланхолични, каде приказната е центрирана на нараторот и неговото непосредно доживување.

„Волшебниот прстен“ – Хедвиг Курц Малер

Издавачка куќа: БАТА ПРЕС
Оцена: 3.5/5
Осврт
: Оваа книга е еден вид на реобмислување на познатите бајки што сите ги знаеме. Иако не е директно поврзана со ниту една бајка, сепак самата премиса е прилично позната и ќе им се допадне на сите оние што сонуваат и мечтаат за среќни краеви и победата на доброто над лошото.

Романа е ќерка на стопанственик кој по смртта на неговата сопруга се преженува со жена која троши беспоштедно и кој умира оставајќи ја Романа одговорна да се грижи за финансиите. Нејзината маќеа и нејзините деца од првиот брак постојано ја задеваат и исмеваат Рамона дека е скржава и неправедна. Еден ден во нивната куќа доаѓа роднина на првиот сопруг на маќеата на Романа и маќеата и нејзината ќерка веднаш прават план, сето тоа додека ја оцрнуваат Романа. Но, штом ќе се појави еден мистериозен прстен што може да го процени карактерот на човекот, нештата почнуваат да се менуваат.

Ова е очигледно книга наменета за помлада публика бидејќи самиот стил на пишување е многу едноставен, речиси детски, така што тоа треба да го имате предвид, но приказната е интересна и е добро четиво за одморање и криење од жештините.

Leave a comment