Летото е одлично време за читање, особено кога се криеме од овие пеколни денови, без оглед дали сме на одмор или не. Доколку сте љубители на историски драми и историски романси, а моментално немате инспирација што да читате, во продолжение можеби ќе најдете мотивација и инспирација за вашето следно четиво.
„Птиците умираат пеејќи“ – Колин Мекалоу

Издавачка куќа: БАТА ПРЕС
Опис: „Птиците умираат пеејќи“ е еден вистински класик, книга според која беше снимена и култната серија со истото име, која на времето беше емитувана и на МТВ. Се работи за една повеќегенерациска драма, која нема шанси да ве остави рамнодушни, јас барем во повеќе наврати пролеав солзи. На почетокот на книгата се запознаваме со малечката Меги, ќерка на сиромашно семејство што живее во Австралија, доселено од Нов Зеланд. Ние полека се запознаваме со цело семејство Клири и нивните комплицирани односи, нивната тешка историја и причината поради која се доселуваат во Австралија.
Книгата е поделена и на неколку различни делови фокусирани на одреден лик и член на семејството, но најголемиот фокус е растот и развојот на Меги, од малечко девојче во возрасна жена која ги држи уздите и ги надминува сите препреки во животот. Жена која доживеала многу загуби и трагедии и ние гледаме како животот ја челичи и ја обликува во силната жена која на крај гледаме дека се создаде. Во сето тоа, секако своја голема улога игра свештеникот Ралф, кој е сведок на растењето на Меги и во подоцнежните години развива и чувства кои знае дека како свештеник му се забранети, особено што тој е млад и амбициозен и има силни амбиции за висока позиција во Ватикан.
Книга која се растега низ многу различни временски периоди, вклучително и Втората светска војна и интересно е да се види влијанието на овој ужасен период од светската историја и неговото влијание врз далечната Австралија. Одлична и неверојатна книга што со цело срце ви ја препорачувам.
„Што знае ветрот“ – Ејми Хармон

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Опис: Доколку сте љубители на историски драми, но и на жанрот фантазија, оваа е одлична книга за овас, особено ако дополнително на тоа сте и романтична душа. Ејми Хармон во оваа книга создава една неверојатно интересна, но и комплексна приказна, која освен централната љубовна приказна прикажува и дел од тешката и насилна историја на Ирска и нејзината борба за независност.
Ен Галахер е родена во САД, но нејзиното потекло е од Ирска. Таа пораснала само со својот дедо кој ѝ е сè на светот. Но, кога тој се разболува и е на смртна постела, дедо Оин ѝ остава аманет по неговата смрт да ја истури неговата пепел во езерото во неговиот роден крај. Така Ен оди сама во Ирска, во држава за која читала и слушала, но во која никогаш не била, трудејќи се да најде логика, но и да ги најде своите корени. И потоа, по чуден сплет на околностите, Ен паѓа во езерото и се буди во 1921 година. Да, таа некако успева да патува низ времето. И сето она што следува потоа е како по сон, а Ен мора да го навигира овој нов живот во кој ништо не ѝ е јасно, а сите во околина мислат дека таа е всушност Ен Галахер, нејзината прабаба. Полека се отплеткува клопчето, но се јавуваат и многу опасности, но и љубов и утеха.
Многу убава книга која од срце ви ја препорачувам доколку сте љубители на историски драми. Иако не е сосема историска драма, имајќи предвид дека има и патување низ времето, сепак е одлично истражена книга, особено за тешкотиите и турбуленциите и тешката историја на Ирска и нејзиниот народ.
„Раскажувачот од Казабланка“ – Фиона Валпи

Издавачка куќа: КУЛТУРА
Опис: Доколку ве интересираат историски драми, особено сместени за време на Втората светска војна, ова е одлична приказна за вас. Еден особено интересен шарм додава фактот што дејството е сместено во Казабланка и целата атмофера е интересна, прикажан е една сосема поинаква култура. Ова е од оние книги што постојано се движат меѓу сегашноста и минатото, повлекувајќи паралели и откривајќи трогателни приказни што прават минатото да помогне за лечење рани во сегашноста.
Ние на почетокот се запознаваме со Зои, млада мајка за која уште веднаш насетуваме има брачни проблеми со сопругот и во обид да го спасат бракот, тие се селат во Мароко, каде нејзиниот сопруг прифаќа ново работно место. Еден ден, Зои кoја сè уште се прилагодува на новата средина, во нивниот нов дом пронаоѓа еден дневник и дрвена кутија. Понесена од љубопитството, таа дознава дека дневникот ѝ припаѓал на Џози, и го опфаќа временскиот период од Втората светска војна. Џози и нејзиното семејство побегнале од Франција во Мароко и планирале оттаму да заминат во Америка на сигурно.
И така, ние како читатели се движиме меѓу сегашноста и минатото, ја откриваме Казабланка од времето на Втората светска војна и Казабланка од сегашноста, го откриваме животот на едно девојче исплашено до хоророт на војната и една млада жена која самата се бори со различни проблеми во животот и истовремено е решена да дознае што се случило со Џози и нејзиното семејство.
„Другата сестра Болејн“ – Филипа Грегори

Издавачка куќа: МАТИЦА
Опис: Доколку сте љубители на историски драми и историска белетристика, ова е одлична книга за вас. Приказната за Ен Болејн е нашироко позната, а Хенри VIII е еден од најпознатите кралеви во историјата, особено поради неговото влијание за создавање на англиканската црква и неговите разводи. Според оваа книга има и многу популарен филм со Натали Портман и Скарлет Јохансон.
Приказната е претежно раскажана од гледната точка на Мери Болејн, постарата сестра која прва му станува љубовница на Хенри VIII и нејзиниот чуден сестринско-ривалски однос со нејзината сестра Ен Болејн и како доаѓа до тоа Мери да остане зад неа, а Ен да стане сопругата на Хенри. Книга полна со дворски сплетки и игри, интересни ликови, различни семејства и многу политика. На моменти мрачна, но со многу драматичност и емпатичност, ова е книга која нема да може да ја пуштите од рака додека не ја завртите и последната страница.
Секако, дел од настаните променети и преувеличени за драматичен ефект, дел од непознатите детали се обмислени од Грегори, но стилот на пишување е одличен, дава многу интересен контраст меѓу две сестри, два различни света, различни амбиции, а сепак се наоѓаат под чеканот и наковалната на болните амбиции на нивното семејство. Историјата на Хенри VIII е интересна, книгата исто така добро ја врши својата задача да го води читателот низ децениите и подемот и падот на сите околу кралот, но и неговиот личен, сопствен.
„Брачниот портрет“ – Меги О’Ферел

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Опис: Лукреција де Медичи е ќерка на едно од најпознатите семејства во Италија во 16 век. На 16 години таа се мажи со војводата од Ферара и на многу млада возраст мора да се справува со цел нов живот, ново место и луѓе. Но, Лукреција умира по само една година од свадбата.
Овој роман се обидува да го оживее ликот на темпераментната и необична Лукреција, која без да сака е турната во светот на возрасните и мора да навигира сопруг и брачни должности, додека се труди да најде свое место во овој свет. Голем дел од историските факти се преувеличени или променети за драматичен ефект, па така не е сосема уверлива приказна во однос на фактите, но сепак е одлично четиво со многу интересно изградени ликови и дава еден приказ на суровоста на тоа време, особено кон жените и очекувањата кои се имале од нив.
Ликот на Лукреција е некако недовршен и нецелосен, но тоа е само поради тоа што и нема многу историски детали за неа со оглед на тоа дека починала многу млада, па самиот роман остава празен простор и недоволна убеденост кај читателот, но од друга страна, интересно е да се патува низ Италија во средновековието, со прекрасни описи и интересни ликови кои оживуваат на страниците.
