Летото е во полн ек, заедно со жешките денови, одморите, плажите и морињата. Овие денови малку и залади, па можеме да земеме здив, но љубителите на книги секако продолжуваат со читање без оглед на временските (не)прилики. Иако летото е на својот почеток, јас сепак си ја пронајдов мојата книга на летото, која од срце ви ја препорачувам и вам, иако верувам дека голем дел од луѓето веќе ја прочитале, но ова може да е и добар поттик да го препрочитате овој величествен роман. Книга за летото на Кафе и книги е „Дервишот и смртта“ од Меша Селимовиќ, прекрасен и длабок роман кој отвора прекрасни, важни и трогателни прашања.
За што се работи во книгата?
Дејството на романот се врти околу Ахмед Нурудин, дервиш, шејх на теќе во една провинциска касаба. Тој е побожен, мирен, повлечен, живее изолиран свет, сам за себе и по себе, без многу врски со надворешниот свет, иако живее во него. Но, ние го запознаваме откако дознава дека неговиот брат Харун е уапсен и затворен во тврдината. Сите шепотат, но никој не му кажува зошто е тој затворен, ниту што направил, и тој се обидува на својот ненаметлив начин да дознае. Но, неправдата, луѓето и сето она што му се случува околу него го променува одвнатре, го полни со гнев и желба за одмазда, водејќи кон еден маѓепсан круг од кој не може да излезе.
Зошто треба да ја прочитате?
Затоа што е едно неверојатно филозофско дело, полно со неверојатен увид и неверојатни дијалози, ние како читатели сме сведок на преобразба, на еден вител од чувства и емоции, нурнувајќи во длабочините на човековата психологија и меѓучовечките односи, но и односот на човек кон Бога, кон општеството, за дихотомијата меѓу љубовта и омразата, отуѓеноста и блискоста, доброто и злото.
Романот е поделен на два дела: Во првиот дел полека се запознаваме со Ахмед, со неговата тивка верба, неговата душа, неговата потрага по мир, верен и преден на својата вера, кој некако живее сам за себе, отуѓен од чаршијата и чаршиските муабети и случувања. Кога дознава дека брат му е уапсен, тој е шокиран, не знае како да се чувствува, но чувствува обврска дека му е нанесена неправда и дека мора да дознае што се случило и дека мора да го ослободи.
Сè се менува кога тој оди кај сопругата на кадијата кој го наредил апсењето и кога таа го замолува да зборува со нејзиниот брат Хасан и да го убеди да се откаже од неговото наследство во нејзина полза. Тука гледаме како работите во Ахмед се менуваат, како нешто во него се прекршува, како сè она што дотогаш го знаел да паѓа во вода, почнува поинаку да го гледа светот и правдата и неправдата и како се раѓа никулецот во него за да бара можност како да го ослободи неговиот брат.
Но, нешто се менува и во природата на Ахмед. Или пак можеби само неговата вистинска природа почнува да се пробива? Истата вечер еден бегалец се крие во неговиот двор и во него се раѓа возбудата дека од него зависи дали ќе го предаде на властите или ќе го скрие… Истовремено, сите овие промени внатре во него го прават носталгичен, му се враќаат спомени од друго време, едно поедноставно време… Но, на Ахмед почнуваат да му се откриваат првите опасности и тој завршува во затвор.
Во вториот дел, Ахмед повторно нурнува во своите спомени од периодот кога бил во војна и детето чија мајка била стрелана, дете кое го зема под своја закрила и живее со него и е надарен за калиграфија. Мула-Јусуф е помлад од него, но тој е тука и иако минало време, се чувствува одредена далечина меѓу нив. Иако Мула-Јусуф делува како релативно спореден лик, игра огромна улога во целокупното дејство и е мотор за многу од дејствата што ќе го покренат Ахмед да дејствува, особено кога ќе дознае дека брат му е мртов. Во него се јавува нов пламен, пламен на омразата и желбата за одмазда, желбата да ја истера својата правда. Во него се борат двете страни: онаа што љуби и онаа што мрази, Ахмед кој верува во луѓето, во Бог и природата, во добрината, но и Ахмед кој е отуѓен, кој не верува во ништо, кој мрази и сака да се одмазди за својот брат.
Но, тоа го носи Ахмед кон некои непознати краишта, го носи кон тоа да се издигне на неверојатна позиција и станува кадија. Но, дали тој оди по права патека со малку кривини или всушност влегува во еден круг од кој и самиот не знае како влегол и како ќе излезе? Кога тој доаѓа на позицијата на претходниот кадија, за чиј пад и тој е одговорен, сфаќа како е кога ќе го почувствува гневот од народот, сфаќа дека почнал да прави работи што никогаш не сметал дека ќе ги прави, ја чувствува моќта на власта помешана со неговата болка од загубата на брат му. Во еден момент, таа спирала почнува да оди надолу, сè до конечниот расплет во кој не може да има победник, само поглед кон еден живот, кон едни спомени, кон едно „што можеше да биде“… На крајот Ахмед мора да се соочи сам со себе и својата душа, со своите спомени и со својата совест.
Овој роман е неверојатен затоа што Селимовиќ нè внесува во еден вртлог од неверојатни емоции, нурнуваме во внатрешниот живот на Ахмед, неговите внатрешни борби, несигурност, спомени и треперења. Преку Ахмед и неговите внатрешни монолози, но и неговите дијалози, особено со Хасан, кој му станува вистински другар и потпора, Селимовиќ отвора комплексни филозофско-психолошки теми, кои нè приморуваат да нурнеме и внатре во себе, да погледнеме во едно метафизичко огледало и да ги преиспитаме своите ставови, својата природа, како таа е испреплетена со човечката, т.е општата природа.
Хасан наспроти Ахмед е исто така интересна дихотомија. Тие двајца се сосема различни, но сепак стануваат пријатели, а сепак преку нивните дијалози ние гледаме два спротиставени животи, две спротиставени филозофии. Хасан кој е „расипикуќа“, но кој е слободен, никому не му прави штета освен на себеси, кој секому сака да му направи добро, кој е отворен и директен, малку и импулсивен. Ахмед, кој е затворен, побожен, мирен и повлечен, но полн со контрадикторни чувства во себе, кои особено се засилуваат по затворањето на брат му.
Некаде прочитав дека овој роман има нешто „достоевско“ во себе и се сложувам, преку личната приказна на Ахмед, Меша Селимовиќ нурнува во општочовечкото, психолошкото, изнесува на површина психолошки шаблони и патеки низ кои минува човековата душа, и истражува животна и човечка филозофија претставена преку неколку ликови, често спротиставени еден на нив. Така и ги поставува овие филозофии една наспроти друга.
Прекрасен роман кој треба да се прочита неколку пати во животот, па токму и затоа сметам дека заслужува да ја понесе титулата Книга на летото за 2025 година и верувам дека уште долго ќе размислувам на прочитаното, голем дел од тоа што го прочитав ќе остане да се крчка во мојот ум, присетувајќи се на различните аспекти и дијалози и извонредни филозофски точки.
Извадоци и мисли што ми оставија особен впечаток
„Го повикувам за сведок времето, почетокот и крајот на
Сè – дека секој човек секогаш е во загуба.“
„Не знам што ќе биде забележано, ама во куките на буквите ќе остане нешто од она што престојувало во мене, па веќе нема да се губи во виорите магла, како да не ни било, или да не знам што било. Така ќе можам да се видам себеси каков станувам, тоа чудо што не го познавам, а ми се чини дека е чудо што не сум бил секогаш тоа што сум сега.“
„Имам четириесет години, грда доба: човек е уште млад за да има желби, а веќе стар да ги остварува. Тогаш во секого се гасат немирите, за да стане силен од навика и од стекнатата сигурност во немоќта што доаѓа.“
„Светот одеднаш ми стана тајна, и јас на светот, застанавме еден наспрема друг, зачудено се гледаме, не се распознаваме, не се разбираме веќе.“
„Да казнуваше Бог за секое сторено зло, на земјата не ќе останеше ниедно живо суштество.“
„А побуната е заразна, може да поттикне незадоволства, кои секогаш ги има, личи на јунаштво, а можеби и е јунаштво, зашто е отпор и несогласување, изгледа убаво зашто ја носат занесеници што умираат за убави зборови, сè ставаат на коцка зашто сè нивно е несигурно. Затоа е привлечно, како што понекогаш на човек му изгледа привлечно и убаво сè што е опасно.“
„Што ли се случува толку одеднаш, кој камен се извлекува од темелот, па сè почнува да се урива и да се рони? Животот изгледаше цврста ѕидарија, не се гледаше ниедна пукнатина, а ненадеен потрес, бесмислен и непогрешлив, ја урна таа горда ѕидарија како да е од песок.“
„Секогаш сите знаат за несреќата и за злото, само доброто останува скриено.“
„Доцна е, сеќавања, залудно се јавувате, бескорисни се вашите немоќни утехи и потсетувањата на тоа што можело да биде, зашто тоа што не било, не ни можело да биде. А секогаш изгледа убаво тоа што не се остварило. Вие сте измама што раѓа незадоволство, измама што не можам и не сакам да ја избркам, зашто ме разоружува и со тивка тага ме брани од страдањето.“
„Нештата не постојат додека не се кажат. Нештата не можат да се кажат додека не постојат.“
„Илјада пати ќе се покаеш за тоа што ќе го кажеш, ретко за тоа што ќе го премолчиш, знаев за таа мудрост кога не ми беше потребна.“
„Правдата е како здравјето, мислиш на неа кога ја нема, и навистина е неодредена, ама можеби најмногу е желба да се удави неправдата, а таа е многу одредена. Секоја неправда е еднаква, а на човек му се чини дека е најголема таа што му е нему направена. А ако му се чини, тогаш така и е, зашто не може да се мисли со туѓа глава.“
– А дали повеќе луѓе можат да мислат иста мисла? И дали тогаш мислат со туѓа глава?
– Две вистински човечки мисли никогаш не се исти, како ни две дланки.
– Што е вистинска човечка мисла?
– Таа што обично никому не му се кажува.
„Па татко ми рече: памти, несреќата е што кај нас никој не мисли дека е на вистинското место, и секој секому е можен соперник; луѓето ги презираат тие што не успеваат, а ги мразат тие што се издигнуваат над нив; навикни се на презир ако сакаш мир, или на омраза ако се согласиш на борба. Ама не влегувај во битка ако не си сигурен дека ќе го кутнеш противникот. Не вперувај го прстот на туѓата нечесност ако не си доволно јак да не мораш да го докажуваш тоа.“
„Требаше да се убива минатото со секој ден што ќе се угаси. Да се избрише, да не боли. Полесно би се поднесувал денот што трае, не би се мерел со она што веќе не постои. Вака се мешаат призраците и животот, па нема ни чисто сеќавање ни чист живот.“
„Тешко е додека не се одлучиш, тогаш сите пречки изгледаат непреодни, сите тешкотии несовладливи. Ама кога ќе се откинеш од себеси неодлучниот, кога ќе си ја победиш малодушноста, се отвораат пред тебе ненасетени патишта, и светот веќе не е тесен ни полн закани.“
„Можеби би требало да ги мразам, ама не можам. Јас немам две срца, едно за омраза, друго за љубов. Ова што го имам, сега знае само за тага.“
„Се колнам во времето, кое е почеток и завршеток на сè, дека секој е секогаш во загуба.“
„Власта од Бога ли е? Ако не е, од каде ѝ е правото да ни суди? Ако е, како може да погреши? Ако не е, ќе ја урнеме; ако е, ќе ја урнеме. Ако не е од Бога, што нè обврзува да ги трпиме неправдите? Ако е од Бога, дали се тоа неправди, или казна поради повисоки цели? Ако не е, тогаш над нас и над тебе и над сите нас е извршено насилство, и потоа сме пак виновни што го поднесуваме.“
– Тешко ќе се разберат двајца луѓе што мислат различно.
– Лесно ќе се разберат двајца луѓе што мислат.
„Кога луѓето ќе пронајдат убава мисла, би требало да ја чуваат под стакло, да не се извалка.“
„Ја криеме љубовта, така и ја задушуваме.“
„Добрината за него е како изгрејсонцето: за гледање.“
„Суровоста во името на благородноста е страшна, би ги ни врзала и нозете и рацете, би нè убила со лицемерие. Подобра е суровоста што почива на сила, барем можеме да ја мразиме. Така се издвојуваме и ја чуваме барем надежта.“
„Така е поарно, без слатки зборови, без празна насмевка, без мамење. Сè е убаво додека не бараме ништо, а опасно е да се искушуваат пријателите. Човек си е верен само себеси.“
– Не би е битно дали е евтино, туку дали е праведно.
– Правдата може да биде скапа.
– И неправдата исто така.
„Осамен меѓу гробовите, заборавив на омразата.“
„Љубовта е веројатно единственото нешто на светот што не треба да се објаснува ни да ѝ се бара причина.“
*мислите се преземени од Селимовиќ, Меша. Дервишот и смртта. Скопје: АНТОЛОГ, 2025

