Ќе се снима екранизација на „Љубовна хипотеза“ од Али Хејзелвуд!

Љубителите на романтични комедии сигурно ќе се израдуваат кога ќе слушнат дека и официјално е потврдено дека се подготвува филмска екранизација на светски познатиот роман „Љубовна хипотеза“ од Али Хејзелвуд кој стекна голема популарност и кај нас во Македонија, а беше препорачан и на блогот.

Како што извести веб-порталот „Дедлајн“, актерката Лили Рајнхарт (најпозната по својата улога во серијата „Ривердејл“) ќе ја игра главната улога и истовремено ќе биде и извршна продуцентка на филмот“, додека главната машка улога ќе ја игра Том Бејтман („Убиство во Ориент Експрес“).

Приказната се врти околу Олив Смит, докторандка по биологија и д-р Адам Карлсен, професор кој е познат по својот строг и незгоден карактер, кои по сплет на комични околности започнуваат да глумат дека се во врска и секако работите почнуваат да се развиваат од таму. Али Хејзелвуд е позната по својот лесен и шармантен стил на пишување, со карактери со добра смисла за хумор, така што овој роман е добар и за да се насмеете.

Клер Сканлон ќе го режира филмот според сценариото на Сара Ротшилд, а Елизабет Кантилон ќе биде продуцентка, а покрај Рајнхарт, Кетрин Хагедорн и Али Хејзелвуд исто така ќе се појава како извршни продуцентки, додека филмот ќе се снима за „Амазон МГМ Студиос“.

Романот на Хејзелвуд десет месеци не се симнуваше од листата на најдобро продавани книги на „Њујорк тајмс“, пробивајќи се меѓународно во 40 земји, меѓу кои и Македонија, а книгата беше прогласена и за најдобра романса на годината од „Амазон“. Хејзелвуд е позната и по други книги, од кои кај нас можете да ги најдете „Љубов, теоретски“ и „Љубовни неврони“, сите во издание на издавачката куќа „ТРИ“, а доколку сакате да прочитате и куси осврти објавени на блогот, тоа можете да го сторите тука и тука.

Во официјалната изјава која беше дел од соопштението за екранизацијата, авторката Хејзелвуд вели:

„Искрено, сè уште не можам да верувам дека ова се случува? Елизабет Кантилон, Клер Сканлон и Лили Рајнхарт создадоа, продуцираа или глумеа во проекти кои многу ги сакам и сум многу почестена што тие избраа да го внесат својот талент во овој проект. Книгите и филмовите се многу различни медиуми и имам целосна доверба во овој брилијантен тим. Едвај чекам да го видам крајниот производ што ќе го создадат. Се надевам дека ќе се забавуваат снимајќи исто како што се забавував и јас додека ја пишував книгата.“

Извор 1.
Извор 2.

Leave a comment