Водич кон животот и творештвото на Херман Хесе…

Херман Хесе е еден од најпознатите европски автори на 20 век и добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1946 година. Тој е најпознат по неговите дела „Сидарта“, „Демијан“, „Степски волк“ и често е дел од задолжителната литература за читање во училишните програми. Освен неговиот талент како романописец, Хесе е уникатен и по неговите длабоки анализи и филозофија и согледувања на човековата природа. Денес на блогот можете да прочитате повеќе за неговиот живот и филозофија, благодарение на одличното анимирано видео на ЈуТуб каналот „Sisyphus 55“, кое можете и да го погледнете на крајот од текстот.

Нашата адолесценција често е одбележена со обиди за процутувања или копнеж за пробивање на сопствениот пат. Повеќе ги нема деновите со едноставна послушност, сега сме во потрага по поголема автентичност и можеби некаква духовно или егзистенцијално просветлување. Ниту еден друг автор не го опфатил ова подобро ова чувство на младешка копнеж по чуда како што тоа го направил германскиот автор Херман Хесе.

Иако го обвинуваат за премногу романтични карактери кои се сфаќаат себеси многу сериозно, токму овие обвиненија совршено ја прикажуваат есенцијата на духовно изгубените млади луѓе.

Роден во еден мал град опкружен со темна шума во летото 1877 година, Хесе растел во многу невообичаени околности. Тој бил дел од германско побожно семејство составено од мали и длабоумни групи кои биле екстремно посветени на верата. Неговото религиозно наследство ги обликувало неговите размислувања во годините што доаѓале. И покрај тоа, Хесе се мачел целосно да се вклопи во овие чудни околности. Неговите баба и дедо инспирирале чувство на отуѓеност од домаќинството и неговиот дедо често им раскажувал приказни на младите за Индија, како и за филозофски книги. Хесе со задоволство го примал ова новостекнато знаење, а неговата мајка изјавила: „Ова мало човече има живот во него, неверојатна сила, моќна волја за неговите четири години, навистина неверојатен ум.“

Голем дел од неговото време поминато во густата и темна шума го посветил на читање, истражување на реката и мостот на неговиот град, и комуницирал со чудните жители. Откако неговото семејство се преселило во Базел, тој почнал да минува низ голема лична криза. Почнал да пуши и да пие, дури пробал и да си го одземе животот, и избегал од неговата богословија за по неколку денови да биде пронајден во поле. Тој исто така имал депресија и низ текот на животот имал сериозни проблеми со менталното здравје.

За среќа, Хесе пронашол прибежиште во пишувањето. Тој започнал како чирак во една книжарница, и тоа му овозможило да ги истражува своите интереси во пишувањето и прилично ги зголемил своите книжевни апетити. Тој ги читал делата на Гете, Шилер, а особено го сакал Ниче. Идеите на Ниче за спротиставените чувства на хаос и ред, со години го обликувале светогледот на Хесе. Талентот на Хесе убедил еден издавач да му даде два договора за две стихозбирки, но тие не само што воопшто не се продавале и биле комерцијален неуспех, туку и длабоко ја навредиле мајка му, која сметала дека тие се неодредени креации создадени од грев.

По овој период, Хесе дополнително се изолирал себеси, а ова време го искористил за негување и култивирање на неговите уметнички и духовни димензии. По краткото и инспиративно патување во Италија, неговите напори се покажале восхитувачки. Со помош на книжарницата во која работел, Хесе го објавил романот „Писанија и поеми оставени од Херман Лаушер“, и иако до ден денес има мешани оцени за ова дело, сепак тоа било неговиот клуч што му ја отворил вратата и му овозможил потоа да го објави делото „Петер Каменцинд“, книга за еден измачен, но амбициозен човек кој има аспирации еден ден да стане поет. Неговата борба со зависности, неговата потрага по автентичност и неговото целокупно духовно патување, постојано се појавува во творештвото на Хесе.

Романот постигнал значителен успех во Германија, па дури и самиот Сигмунд Фројд изјавил дека тоа било една од неговите омилени книги. Овој комерцијален успех му донел еден период на среќа на Хесе. Тој потоа се омажил со Марија Бернули, која доаѓала од познато семејство на математичари и тие основале семејство околу Боденското езеро, и таму тој ги минувал деновите во пишување и проучување на будизмот и идеите на Шопенхауер. Овој период на истражување и учење го турнало во уште една спиритуална криза, па така тој почнал да посакува да избега во Индија и се заморил од неговиот удобен живот со Марија.

Тој на крај навистина отпатувал во Индија, иако се покажало дека на крај се разочарал од лошите услови и постојаното присуство на колонијализам. Хесе ѝ се вратил на сопругата која во меѓувреме развила шизофренија, а во тој период починал неговиот татко и дополнително неговиот син Мартин сериозно се разболел. Низ сето ова, Хесе изгубил голем дел од неговата надеж, но за среќа налетал на Карл Јунг, кој му ги преточил на Хесе своите теории за патот на херојот и колективното несвесно.

Хесе се почувствувал обновен, изнајмил една вила која изгледала како замок, наречена „Каса Камуци“, и со месеци живеел сам, пишувајќи и цртајќи, и за првпат во животот се чувствувал навистина среќен. За време на овој период, Хесе го напишал едно од неговите најпознати и најсакани дела, „Сидарта“, книга која демонстрира голема почит кон индиската култура и будистичката филозофија. Тој сметал дека не може да го напише вториот дел од книгата без да мине низ истото спиритуално просветлување на неговиот протагонист, и се обидел да го направи истото, со тоа што целосно се изолирал и ги минувал деновите сосема сам, читајќи го Светото писмо.

Хесе подоцна објавил многу други книги како што е „Степскиот волк“ и дури и ја добил и Нобеловата награда за книжевност. Тој бил сведок на подемот на нацизмот и сето ова го набљудувал со голема загриженост, а јавно ги искажал своите ставови против антисемитизмот. По неколку години пишување на кратки раскази и цртање со водени боици, Хесе тивко починал во 1962 година.

Филозофијата на Хесе

Една од најчестите теми во делата на Хесе е идејата човек да оди по сопствениот пат и да живее автентично, без оглед на ризикот од изолација. Без оглед на тоа дали се работи за Сидарта во будистичка Индија, Херман во ерата на џезот во Германија или Голдман во Средниот век, секој од ликовите на Хесе се мачи да најде духовна единственост во свет кој делува дека го отфрла јадрото на неговото битие. Секој карактер личи на бунтовниот тинејџер кој штотуку развил интерес за егзистенцијализам. Тие делуваат арогантно и имаат чувство на супериорност над другите, тие нонстоп зборуваат за конформитетот и неможноста да се вклопат. Тие страдаат, премногу пијат и понекогаш посакуваат да имаат храброст да си го одземат сопствениот живот. А пред сè, тие веруваат дека нивните внатрешни животи се уникатни, комплексни и неразбрани.

Во продолжение, на пример, прочитајте го овој извадок „Степски волк“ и како Хесе го опишува германското општество:

Без воопшто да сакаат, тие се јавуваат на телефон и водат разговори, седат со часови на бироа и канцелариски столчиња; и сè е задолжително, механичко и спротивно на ритамот, и сè може да се направи или да се остави незавршено исто така и од машини; и навистина, токму оваа непрестајна машинерија ги спречува да бидат, како мене, критичари на сопствените животи и да ја препознаат глупоста и плиткоста, безнадежната трагедија и расипништвото на животите што ги водат.

Покрај мизеријата на овие ликови, Хесе аргументира дека нивниот неконформистички карактер е есенцијална состојка за добар живот. Тој верува дека неговото пишување е „одбрана (понекогаш и очаен апел во име) на личноста на човекот, поединецот.“ За Хесе, разбирањето на темната страна на сигурноста е прв чекор кон индивидуализација. Да не се знае е подобро отколку да се знае што било со сигурност.

Но, каде воопшто постои сигурност? Зарем ова не би завршило со релативизам и нихилизам? Тука се враќаме кон одбраната и заложбите на Хесе за поединецот, кој според него во себе го носи и држи она што е добро и правило. Според Хесе: „Можеш да го најдеш само во себе. И ете го, таму живее Богот кој е повисок и понесебичен… Мудреците од сите времиња го прогласиле, но тој не ни доаѓа од книги, тој живее во нас, и целото наше знаење за него е безвредно освен ако не ни го отвори внатрешното око.“

Секако Хесе не се залага за херметички живот полн со интроспекција, туку за обидувањето човек да го пронајде доброто внатре во себеси и тоа понекогаш бара поголема свесност за сето она што е околу нас. За жал, „агресивното брзање“ во модерното општество го ограничува нашиот капацитет да го сториме тоа. Мотото е „Колку што може повеќе за што е можно покусо време“. Хесе се залага за практикување на умереност, за прослава на малите радости кои инаку би ги промашиле, за фокусирање на сегашноста. Хесе вели:

Само пробајте барем еднаш – дрво, или барем значителен дел од небото, може да се види насекаде. Дури и не мора да биде сино небо; на некој начин светлината на сонцето секогаш се чувствува.

Токму на крајот од „Сидарта“ го гледаме овој микс од неконформност, автентичност и славење на сегашноста. По многу обиди да пронајде просветлување, преку интелектуални потраги, прифаќање на хедонизмот и зборовите на многу духовни учители и водичи, Сидарта пронаоѓа вистинска мудрост во струите на реката. Токму овој безграничен и течен тоталитет на неговото патување, искуството на човечкиот живот го прави неговото постоење целосно.

Во продолжение погледнете го и одличното видео:

Leave a comment