Џејн Остин е една од писателките што и после два века сè уште е неверојатно релевантна. Нејзините романи и приказни нашироко се читаат, а покрај тоа, нејзините приказни се чини дека се идеални за екранизации и реобмислувања во форма на филмови, серии и други уметнички форми. Една од најпознатите екранизации на делата на Џејн Остин е филмот „Гордост и предрасуди“ од 2007 година, за кој веќе пишувавме на блогот. Но, подеднакво е сакана и популарна и телевизиската серија на Би-Би-Си од 1995 година, со неверојатната изведба на Колин Фирт како господин Дарси.

(Самослик на Дејзи Едгар-Џонс со примерок од „Разум и чувствителност“)
Уште една популарна екранизација е и филмот „Разум и чувствителност“ од 1995 година со Ема Томпсон и Кејт Винслет во главните улоги, снимен според истоимениот роман на Остин, кој доби седум номинации за Оскар и за кој Ема Томпсон доби Оскар за најдобро прилагодено сценарио.
Сега, 30 години по овој филм, како што објави магазинот „Варајети“, официјално е потврдено дека во Велика Британија започна снимањето на новата екранизација на „Разум и чувствителност“, во продукција на „Focus Features“, истата продукциска компанија што го создаде филмот „Гордост и предрасуди“ од 2007 година.
„Разум и чувствителност“ е првиот објавен роман на Остин, кој бил објавен анонимно и каде на насловната страница под насловот, на местото каде што треба да стои името на автоката, пишува само „Една дама“. Овој роман ги следи различните карактери и случки на сестрите Елинор и Маријана Дешвуд откако смртта на нивниот татко ги принудува да го напуштат имотот на нивното семејство.
Познатата млада актерка Дејзи Едгар-Џонс ќе ја толкува улогата на Елинор, а Есме Крид-Мајлс ќе ја толкува улогата на Маријана. Катриона Балф ќе се појави во улогата на г-ѓа Дашвуд, мајката на Елинор и Маријана, Џорџ Мекеј ќе го видиме како Едвард, Фиона Шо ќе ја игра улогата на г-ѓа Џенингс, Френк Дилан ќе биде Џон Вилоуби, Херберт Нордрум ќе биде полковник Брендон, а Боди Реј Бретнах ја игра најмладата сестра на Дашвуд, Маргарет.
Џорџија Оукли е режисерка на „Разум и чувствителност“, а авторката на бестселери Дајана Рид е сценаристка. Тим Беван и Ерик Фелнер од Working Title се продуценти заедно со Индија Флинт за November Pictures и Џо Волет.
Сè уште не е познато кога ќе излезе филмот, иако се претпоставува дека големи се шансите да го видиме филмот на големото платно и/или малите екрани некаде во текот на 2026 година.
