Францускиот автор кој во 1894 година го предвидел крајот на книгите и подемот на подкастите…

Крајот на деветнаесеттиот век сè уште е широко познат како fin de siècle, француски термин што потсетува на големи, претстојни културни, социјални и технолошки промени. Според барем еден француски ум активен во тоа време, меѓу тие промени би бил и fin des livres (крајот на книгите, м.з), барем онака како што човештвото во тоа време ги знаело. „Не верувам (а напредокот на електричната енергија и модерниот механизам ми забранува да верувам) дека Гутенберговиот изум може да заврши поинаку освен порано или подоцна да падне во состојба на запуштеност“, вели ликот во центарот на приказната „Крајот на книгите“ од 1894 година, напишана од Октав Узан. „Печатењето, кое од 1436 година деспотски владее над човечкиот ум, според мене е загрозено со смрт од „раката“ на различните уреди за регистрирање на звук кои неодамна беа измислени и кои малку по малку ќе бидат доведени до совршенство.“

(Илустрација на футурологистот Албер Робида/извор: Public Domain Review)

Првпат објавена во издание на списанието „Скрибнер“ (достапно на Интернет архивата, но најчитливо е доколку се поврзете преку оваа веб-страница), „Крајот на книгите“ раскажува разговор меѓу група мажи од различни дисциплини и области, сите возбудени да шпекулираат за иднината откако слушнале дека во лондонскиот Кралски институт е прогласено дека крајот на светот „математички сигурно ќе се случи за точно десет милиони години“. Учесникот што го претскажува крајот на книгите, донекаде иронично, се нарекува Библиофил; но, авторот на приказната, Октав Узан, бил познат токму по такви ентузијазми. Верувајќи дека „успехот на сè што ќе ја фаворизира и охрабри мрзеливоста и себичноста на луѓето“, Библиофилот тврди дека снимањето на звук ќе стави крај на печатењето исто како што „лифтот го отстранил макотрпното искачување по скали“.

Некаде околу 130 години подоцна, секој што бил во Париз знае дека лифтот сè уште не ја завршил таа работа, но голем дел од она што го предвидува библиофилот навистина се остварило, барем во форма на аудиокниги. „Одредени наратори ќе бидат барани поради нивното убаво обраќање, нивната заразна симпатија, нивната возбудлива топлина и совршената точност, фината интерпункција на нивниот глас“, вели тој. „Авторите кои не се чувствителни на вокалните хармонии или на кои им недостасува флексибилност на гласот неопходна за убаво искажување, ќе ги искористат услугите на изнајмени актери или пејачи за да го складираат своето дело во прилагодливиот цилиндар.“ Можеби повеќе не користиме цилиндри, но описот на Узан за „џебен апарат“ што може да се „чува во едноставна кутија од оперско стакло“ сигурно може да нè потсетува на вокменот, iPod-от или кој било друг преносен аудио-уред што сме го користеле.

(Илустрација на футурологистот Албер Робида/извор: Public Domain Review)

Сето ова треба да потсети и на уште еден феномен од дваесет и првиот век: подкастите. „Дома, шетајќи, разгледувајќи“, вели библиофилот, „среќните слушатели ќе го доживеат неописливото задоволство од усогласувањето на хигиената со поуката; од негувањето на своите умови додека ги вежбаат своите мускули“. Ова исто така ќе го преобрази новинарството, бидејќи „во сите простории на весниците ќе има сали за говорење каде уредниците со јасен глас ќе ги снимаат вестите што ги добиваат преку телефонска пошта“. Но, како да се задоволи зависноста на човекот од сликата, што била добро видлива дури и тогаш? „На големи бели екрани во нашите домови“, „кинетограф“ (кој денес би го нарекле телевизор) ќе проектира фиктивни и фактички сцени што вклучуваат „познати мажи, криминалци, убави жени. Тоа нема да биде уметност, вистина е, но барем ќе биде живот“. Сепак, колку и да е впечатливо неговото предвидување во други аспекти, библиофилот не знаел – иако Узан можеби знаел – дека книгите ќе истраат низ сето тоа.

Статијата првично била објавена на Public Domain Review, пренесена на блогот преку Open Culture.

Leave a comment