Емили Бронте е една од најпознатите писателки на сите времиња. Нејзиното ремек-дело „Оркански височини“ и до денес инспирира, восхитува, предизвикува дебати и дискусии и еден од најсаканите романи на сите времиња. Иако починала на само 30 години, на 19 декември 1848 година, нејзиното влијание и нејзината генијалност одекнуваат со векови.

Професорот Греам Јорстон на својот ЈуТуб канал објави краток документарец, кој можете да го погледнете подолу, и во кој дава еден кус преглед на краткиот живот на Емили Бронте. Како што вели тој, нејзиниот единствен роман „Оркански височини“ е чудно готско ремек-дело, кое ги збунувало и застрашувало критичарите во тоа време и исто како и нејзиното дело, и Емили била сметана за чудна личност, осаменичка, некомпромисна жена која не сакала празни муабети и општествени норми.
Емили се родила на 30 јули 1818 година во Јокшир за време на Индустриската револуција која го преобразила британското општество. Нејзиниот татко бил сиромашен Ирец, Патрик Бронте, кој подоцна станал англикански свештеник и објавил неколку стихозбирки. Нејзината мајка била Марија Бранвел која пораснала во добростоечко семејство, иако од нејзините писма и објавениот есеј „За предностите на сиромаштијата во религиските размислувања“ јасно е дека побожноста и религијата ѝ биле многу поважни од парите. Емили била петто од вкупно шест деца.
Понатаму во документарецот се потенцира дека иако не биле богати, тие сепак не биле ни сиромашни за стандардите од тоа време. Кога Емили имала три години, мајка ѝ починала, и додека постарите деца биле испратени во Училиштето за свештенички ќерки во Кауан Бриџ, нејзината тетка ги чувала помалите деца. По три години, и Емили им се придружила на своите сестри во истото училиште. Училиштето било брутално и бездушно место, кое најпосле било затворено поради појавата на тифус и децата се вратиле дома. Марија и Елизабет заболеле од туфус и умреле.
Шарлот секогаш тврдела дека нејзиното здравје никогаш не било исто откако била сместена во тоа училиште (за повеќе информации прочитајте го текстот „10 факти за „Џејн Ер“ на Шарлот Бронте“). За среќа, татко им и тетка им ги преземале обврските околу нивното образование. Нивната домашна библиотека содржела секакви книги: од класици до радикалните дела на Шели и Бајрон. Единствениот син во семејството бил Бранвел и тој еднаш добил кутија со играчки војници и тоа ги инспирирало да пишуваат поеми и приказни. На почетокот сите се вклучиле, но кога Емили имала 13 години, Емили и Ен почнале да измислуваат други приказни.
Сестрите биле окупирани со создавањето на овие митови и легенди, дури и кога веќе биле во своите дваесетти години, и кога се сметало дека веќе би требало да ги имаат надминато тие „детски работи“. Кога Емили наполнила 17 години, започнала да оди во училиштето за девојчиња „Роу хед“ каде Шарлот предавала, но наскоро морала да замине поради носталгија за домот. Шарлот подоцна напишала: „Слободата беше воздухот во ноздрите на Емили; без неа, таа пропаѓаше. Промената од сопствениот дом во училиште, и од нејзиниот многу тивок, многу осамен, но неограничен и невештачки начин на живот, во живот на дисциплинирана рутина (иако под најљубезно покровителство), беше нешто што таа не успеа да го издржи. […] Чувствував во срцето дека ќе умре ако не се врати дома, и со ова убедување го добив своето отповикување.“
Понатаму во документарецот, професорот Јорстон зборува за периодот кога Емили била учителка во Халифакс кога имала 20 години, иако тоа траело многу кратко. Потоа видеото се фокусира на периодот од 1842 година, кога Шарлот и Емили отпатувале во Белгија, каде биле примени во Академијата за девојки за да ги усовршат германскиот и францускиот јазик, но Емили се судрила со директорот Еже и неговите методи на предавање. Но, и покрај нејзините спротиставувања, на крајот сепак попуштила, па така десет есеи го издржале тестот на времето и се зачувани и даваат одличен увид во нејзиното креативно пишување. Нејзиниот песимистички и циничен поглед на човештвото и свесноста за суровоста на светот во која живеела го импресионирала господинот Еже кој напишал:
„Таа требало да биде маж – голем навигатор. Нејзиниот моќен разум би извлекол нови сфери на откритија од знаењето на старото; а нејзината силна, доминантна волја никогаш не би била обесхрабрена од отпор или тешкотии, никогаш не би попуштила освен со животот. Таа имаше логика и способност за аргументирање, необична кај маж, а уште поретка кај жена… она што го нарушуваше овој дар беше нејзината тврдоглава упорност на волјата, што ја правеше неумолива за какво било расудување кога стануваше збор за нејзините сопствени желби или за нејзиното чувство за тоа што е правилно.“
Според Јорстон, првичниот план на сестрите било да останат шест месеци во Брисел, но Еже им понудил да останат повеќе и да бидат учителки во замена за слободно сместување и образование. Иако ѝ било тешко, сепак Емили била упорна и постојано учела, но со текот на времето станала позатворена, потивка, не јадела, лошо спиела и почнала да делува болно.
Шарлот во еден од своите записи вели:
„Повторно се чинеше дека тоне, но овојпат издржа само поради силата на решителноста: со внатрешно каење и срам се осврна на својот поранешен неуспех и реши да го победи ова второ искушение. Таа победи: но победата ја чинеше скапо.“
Таа била спасена од веста дека тетка ѝ е сериозно болна и морале да се вратат дома. Кога стасале дома, дознале дека веќе починала. Таа и Шарлот останале да се грижат за татко им и се обидувале да го скрасат и смират нивниот див брат кој бил отпуштен од работа, многу пиел алкохол и конзумирал опиум. Во 1844 година повторно се обиделе да отворат училиште, но не успеале, бидејќи немало многу интерес од луѓето да ги испраќаат своите деца во толку оддалечено место.

(сестрите Бронте и нивниот брат Бранвел)
Според документарецот, токму во овој период Емили почнала одново да им се навраќа на своите поеми кои ги препишала во две тетратки. Шарлот ги открила овие записи и ѝ рекла на Емили дека треба да ги објави и така финансиски да му помогне на своето семејство. Но, Емили се разбеснила поради тоа што сметала дека Шарлот грубо ѝ ја нарушила приватноста и го одбила овој предлог. Нештата се промениле кога Ен собрала храброст и им признала на сестрите дека и таа тајно пишувала ракописи и поеми и тогаш Емили се согласила сите заедно да ги објават своите творби во една збирка. Во 1846 година, поемите на трите сестри биле објавени под машки псевдоними. Шарлот придонела со 19 поеми, а Шарлот и Ен придонеле со по 21 поема. Критичарите позитивно реагирале на збирката, особено на песните на Елис (псевдонимот на Емили), но оваа збирка не може да се каже дека ги збогатила, бидејќи се продале само два примерока.
Сепак, ова не ги обесхрабрило сестрите, кои веднаш започнале да пишуваат романи. „Оркански височини“ бил објавен во Лондон под истиот псевдоним (Елис) во 1847 година, во два тома, како дел од сет од три тома. Третиот том од овој сет всушност бил романот „Агнес Греј“ на Ен.
И двата романа ги збуниле критичарите. Некои ги осудувале поради прикажување на аморална страст. Списанието што ги фалело поемите на Елис (Емили), сметал дека се работи за „непријатна приказна“. Во САД се појавил осврт во „Греамс магазин“ во кој се вели: „Како едно човечко суштество би можело да се обиде да прочита една ваква книга, без да се обиде да се самоубие откако ќе прочита 12 поглавја е вистинска мистерија. Се работи за збир од вулгарна изопаченост и неприродни хорори“, додека други ја признале сировата сила на романот што подоцна ќе биде прогласен за една од најдобрите книги во историјата.
Но, Емили починала само една година по објавувањето и никогаш не била сведок на успехот на своето дело. Нејзиниот брат Бранвел починал два месеци пред неа, по години борба со неговите зависности од алкохол и опиум и откако за малку ќе ја изгорел куќата откако започнал оган во својот кревет. Емили присуствувала на неговиот погреб во септември 1848 година и токму таму најпрво закачила настинка која подоцна се развила во инфекција на белите дробови и на крај заболела од туберкулоза. Иако нејзината состојба се влошувала, таа одбивала секаква медицинска помош и не сакала воопшто ни да види лекар. На 19 декември 1848 година се облекла сама, одбивајќи помош од нејзините сестри, и почнала да се фаќа за домашните работи. Чувствувајќи се слабо, со шепот ѝ рекла на Шарлот: „Доколку сега викнеш доктор, би го видела“. Но, веќе било предоцна. Таа набрзо починала.
Меѓу останатите детали, документарецот исто така се осврнува и на ликот и карактерот на Емили, велејќи дека Емили не оставила детални дневници и многу писма и она малку што го знаеме за Емили е од она што Шарлот го споделила за Емили. Во предговор на второто издание на „Оркански височини“ од 1850 година, Шарлот напишала:
„Сестра ми не беше природно друштвена; околностите ѝ одеа во прилог и ја поттикнуваа нејзината склоност кон осаменост; освен за да оди во црква или да шета по ридовите, таа ретко го преминуваше прагот на домот. Иако нејзините чувства кон луѓето околу неа беа добронамерни, таа никогаш не бараше однос со нив; ниту, со многу малку исклучоци, некогаш доживеа таков однос. А сепак, таа ги познаваше: ги знаеше нивните патишта, нивниот јазик, нивните семејни истории; можеше да слуша за нив со интерес и да зборува за нив детално, сликовито и точно; но ретко разменуваше збор со нив.“
Шарлот рекла и дека умот на Емили често патувал по поинакви патишта од нејзиниот. Некои велат дека ова е намерно митологизирање од страна на Шарлот која ја преувеличила срамежливата и повлечена природа на Емили со цел таа да ја преземе улогата на мајчинска спасителка. Некои други велат Шарлот создала параван за да го сокрие шокантното однесување на Емили и нејзиниот лабав контакт со здравиот разум, со цел нејзиниот карактер, историја и поеми да бидат поприфатливи за буржујската читателска публика. Но што ако описот на Шарлот всушност ја одразува вистинска слика за необичниот карактер на Емили? Има ли други извори за нејзините уникатни карактеристики?
Елен Нуси, другарка на Шарлот, рекла дека Емили имала малку пријателки и Ен ѝ била најблиск, дека тие биле како близначки и никогаш не се одвојувале. Потоа документарецот изложува различни примери за посебноста и затвореноста на Емили, уште од нејзините денови во Брисел, поткрепувајќи ги со неколку различни примери и сведоштва од луѓе, меѓу кои била и извесна г-ѓа Џенкинс која во неколку наврати вечерала со сестрите и рекла дека Емили речиси никогаш не кажувала повеќе од еден збор. Исклучок од ова била Луиз де Бесон-Пјер, соученичка која ја сакала Емили. Емили сигурно го ценела ова пријателство, затоа што ѝ подарила цртеж. Понатаму, во видеото се споменува и дека фактот дека секој опис за животот на Емили ја потенцира нејзината љубов за природата, мочуриштата и животните, особено нејзиното куче Купер.
При крајот на документарецот, Јорстон ја цитира Ева Хоуп, авторка на книгата „Кралици на книжевноста од викторијанската ера“ од 1886 година, во која таа го сумира ликот на Емили како „чудна мешавина од плашливост и спартанска храброст“. Хоуп понатаму вели:
„Таа беше болно срамежлива, но физички беше храбра до изненадувачки степен. Сакаше малку луѓе, но тие малкумина ги сакаше со страст на саможртвена нежност и посветеност. Кон недостатоците на другите луѓе таа имаше разбирање и им простуваше, но себеси постојано и најстрого се набљудуваше, никогаш не дозволувајќи си да отстапи ниту за момент од она што го сметаше за своја должност“.
Според Јорстон, има малку сомнеж дека Емили била уникатна личност. Таа била осаменичка, не била флексибилна и одбивала промени. Не се грижела за општествените норми и туѓото мислење за неа, но била неверојатно талентирана уметница, музичарка и писателка. Таа повеќе сакала да живее во светот на фантазија кој таа самата го создавала, отколку да прави празни муабети со други луѓе.
Во продолжение погледнете го целосниот документарец:
