Ете го и август на нашиот праг! Без оглед на тоа дали се вративте од одмор или ќе одите во следниот период, сигурно имате желба за читање и бегање од реалниот свет. Традиционално, денес на блогот прочитајте ги стандардните препораки за читање составени од книгите што ги прочитав во јули.
„Приказна за два града“ – Чарлс Дикенс

Издавачка куќа: ТОПЕР
Оцена: 5/5
Осврт: Како што минуваат годините, така сè повеќе го засакувам Чарлс Дикенс. Неговиот стил на пишување, неверојатната сочувствителност кон неговите сопствени ликови, начинот на кој ги гради приказните е навистина величествен. Токму таков е случајот и со „Приказна за два града“, прекрасна приказна со неверојатни ликови што невозможно е да не ве трогне и допре од длабочината на душата.
Главното дејство на приказната паралелно се случува во Париз и Лондон, непосредно пред и за време на Француската револуција од 1789 година. Приказната започнува со еден мистериозен пат, ќерка и татко кои повторно се наоѓаат после многу години и кои наоѓаат нов живот во Лондон, еден младич кој се наоѓа на судење за предавство и кој го бранат двајца адвокати, едниот навидум млад и перспективен, а другиот си го троши животот залудно. Иако сите живеат во Лондон, секој од нив на некој начин е длабоко поврзан и со Париз, градот кој е на работ на социјални немири, каде сиромаштијата е сè поголема, а трпението на народот сè помала. Тука во Париз го запознаваме и кафанчето и неговите сопственици, еден брачен пар кој не може да мижи на неправда и е дел од движењето кое на крај ќе води кон револуција.
Неверојатно величествена и раскошна приказна, со многу интересни ликови. Покрај главните ликови, споредните ликови се подеднакво важни и неверојатно добро изградени. Книга која има сè: драма, љубов, историја, општествено-политички коментари и неверојатна сочувствителност и проникливост. Со денови после читањето размислував за сите сцени и бев трогната од она што го прочитав. Дефинитивно треба да ви биде на листата на читање!
„Проклета авлија“ – Иво Андриќ

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт: Колку повеќе го читате Андриќ, толку повеќе сфаќате зошто токму тој ја добил Нобеловата награда за книжевност. Неговата неверојатна способност да проникне во човековата душа, да ги фати и запише сите особености на човекот, и добрите и лошите, да биде записничар на човековата природа, без притоа да ја осудува, туку да ја забележи и изложи со цел да ја разбереме е вистинска реткост и одбележје на гениј.
Иако „Мостот на Дрина“ секако е неговото најпознато монументално дело, „Проклета авлија“ е исто така книга која ќе ја прочитате во еден здив и нема да останете рамнодушни. Иако се протега на само нешто повеќе од стотина страници, дејството и сведоштвата на фра Петар во Проклета авлија се потресителни и многу ефективни. Дејството се одвива во затворот кој популарно е наречен Проклета авлија бидејќи се наоѓа во пустелија надвор од Цариград. Фра Петар е црковно лице, уапсен е за нешто што не го сторил, но додека чека да го ослободат тој се запознава со мноштво од затворениците и ја дознава нивната приказна.
Ние се запознаваме со мноштво ликови, секој е таму од различна мака и различна приказна и ги дознаваме сите различни нијанси, но и неправдите и неспособната и хаотична администрација што често знаела да им го направи животот пекол на луѓето. Одлична книга, топла, сочувствителна ќе ја прочитате за само неколку часа. Топла препорака!
„Генијот и божицата“ – Олдос Хаксли

Издавачка куќа: АРТКОНЕКТ
Оцена: 5/5
Осврт: Олдос Хаксли е најпознат по неговото дистописко дело „Храбар нов свет“ кое дефинитивно треба да го прочитате. Но, неговото творештво е богато и изобилно и се работи за многу интересен писател, така што со нетрпение ја очекував оваа книга и дефинитивно не се разочарав.
Приказната е раскажана од гледна точка на Џон Риверс и започнува кога Џон Риверс, веќе во поодминати години, седнува со неговиот пријател и решава да му ја раскаже својата приказна од годините кога бил млад и надежен студент по физика и добил шанса да му биде асистент на прочуениот професор Хенри Мартенс. Риверс во тој период и живее со семејството на Мартенс и тоа првпат кога тој излегува до домот на неговата религиозна мајка, и е многу неискусен за животот.
Токму во тие околности, тој се заљубува во сопругата на Мартенс. Приказната нè води низ различни патеки и истражува различни динамики и односи и не е исклучително фокусирана на љубовната приказна, иако таа е многу важна. Не, книгата е и одлична анализа за животот, навлегува и во многу суштински и човечки филозофски теми на кои сите размислуваме. Сите ликови меѓу себе имаат одредена динамика и секоја од тие динамики се разгледани и анализирани. Покрај тоа, има неверојатно одлични дијалози и размислувања. Одлична книга!
„Тит Андроник“ – Вилијам Шекспир
Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4.5/5
Осврт: Не се потребни многу зборови и објаснувања за Вилијам Шекспир, најголемиот драматург на сите времиња. Неговите дела и денес се изведуваат низ театрите ширум светот, а се и инспирација за многу книги, филмови, музика, цртежи, итн. Одамна немав читано нешто од Вилијам Шекспир, па решив да го прочитам ова издание на неговата трагедија „Тит Андроник“.
Тит Андроник е познат римски генерал, кој после години војување ја носи победата на Рим против Готите и се враќа со воени заробеници, меѓу кои се и кралицата Тамора, нејзините синови и нејзиниот љубовник. Истовремено избран е и новиот владетел Сатурнин, син на покојниот крал, кој стои рамо до рамо со неговиот брат Басијан, кој ѝ фрла око на Лавинија, ќерката на Тит Андроник. Но, во хаотичниот сплет на околности, на површина излегуваат сплетките, одмаздата и насилството што се заканува да го уништи целото семејство на Тит Андроник, но и се заканува дека ќе го фрли Рим во општ хаос и безредие.
Ова е првата трагедија на Шекспир и се работи за многу интересно дело. Иако секако „Хамлет“ и другите трагедии се одамна поставени на превисок пиедестал, сепак и тука се провлекува брилијантноста на Шекспир. Насилството и намерите се директни, остри, на моменти и шокирачки, но иако сцените се непријатни, читателот не може да престане да чита, не може да се сопре себеси, сака да дознае каква ќе биде кулминацијата. Додека читав не можев на моменти да не направам една модерна паралела со творештвото на Тарантино, дури и размислував дека ова би било одлична приказна за Тарантино да ја преточи во филм. Насилството што служи како орудие да ја движи приказната под која има различни нијанси што откриваат чувства за одмазда, чест, храброст и зло и совршено одговара на темпераментот на Тарантино.
Одлична драма, дефинитивно треба да ја прочитате, а доколку можете, пронајдете го ова издание од 2002 година, бидејќи е во препев и превод на познатиот и истакнат македонски поет и писател Богомил Ѓузел и станува збор за одличен превод! Вистински бисер.
„Одбивам“ – Пер Петешон

Издавачка куќа: ИЛИ – ИЛИ
Оцена: 4/5
Осврт: Пер Петешон е многу интересен писател, еден од современите писатели што се фокусираат на поединецот и неговите внатрешни превирања, поединецот што мора да се соочи со своите трауми, со животот кој му се случува, со осаменоста која го надвјаснува. Минатиот месец на блогот ја препорачав неговата одлична книга „Во потрага по бродот“, а овој јули решив да продолжам со него и ја земав во рака книгата „Одбивам“. И воопшто не згрешив, одлична книга!
Книгата започнува едно рано и студено утро, кога на еден мост се среќаваат двајца мажи, едниот е таму за да рибари, другиот минува таму со автомобилот. Едвај и се препознаваат, не се виделе повеќе од 30 години, а пораснале заедно и биле најдобри другари. Томи и Џим отсекогаш биле две сосема спротиставени целини, дури и во моментот кога ги запознаваме. Томи сега е успешен и богат, а Џим едвај се снаоѓа, лута и талка низ животот. Од оваа средба, авторот нè навраќа назад во времето, го расплетува копчето од сегашноста кон минатото и нè воведува во младешкиот свет на Томи и Џим. Томи живее со насилен татко и неговите три сестри, а нивната мајка одамна ги напуштила. Томи еден ден решава да му спротистави, а како резултат на тоа и нивниот татко ги напушта и социјалните служби го разделуваат од неговите сестри. Џим од друга страна пораснал без татко, само со својата религиозна мајка.
Петешон во оваа книга прави извонредно отплеткување на настаните што водат кон распадот на едно пријателство и баналните причини што никогаш не се банални и секогаш кријат некои дополнителни лични причини. Книгата ќе им се допадне на луѓе кои сакаат меланхолични приказни кои полека се развиваат, но на крајот го наградуваат читателот.
