Македонска поезија: „Мечкин камен“ од Анте Поповски!

Честит и вечен нека ни е Илинден! За многу години!

Мечкин камен – Анте Поповски

Мене оваа каменеста родница ме родила
и овие стебла веќе што се веднат
во кората моето име го чуваат.

Сева корија и сиов камен што го гледате
длабоко под мене протегна жилав корен
и мојава става што вишнее усамена под ридов
– сте вие.

Внучиња,
едни тагуваа што ве немаат
други што ве оставаат
и потоа заедно легнаа под мене
мракот мој да не го видите.

Внучиња,
оваа каменеста родница нè родила
и сева корија и сиов камен што го гледате
била – вие.

И мојава усамена става на оваа голотија
сте – вие.

В плоден лес камен рожба да е
да зрее и црно нешто да го покрива
и цут на гранки и нож по тоа
да вишне на врв
на ножот птица да починува
– без тебе.

В плоден лес сив молчелив камен зреел
вишнеел корен остер нож да чува за
црнините.

Расни ме боже, раце големи дај ми
да бидам последно тело црнината што ќe ја
догребе
од сите тревки и од историјата на една песна
многу што ја сонија
– Македонија:

Тргнав да ја барам
телото го изгубив.

Ја прашав каде
ми рече уште долу.

Рекоа тука е крајот
таа рече уште долу.

Слегував,
Слегував,
не стигнав.

Од каде почнува?

Десет луни ја цицав
Таа моето тело
ќe гo исцица.

Нозе ќe ѝ купам
врз тело да ми стежне
во нејната утроба да ме врати.

Три пати подолги ми пораснаа прстите
три пати посилно стегнав со забите
се наведнав
ѝ го префатив вратот на твоите камењари
за да те бацам.

– Позајми ми снага да ги раскрстам рацете
те испив.

Се прегрнавме и нема разделување.
Кога ќe требе да го изговорам твоето име
позајми ми ги вилиците.
Кога ќe сакаш да речеш ми тежиш
ќe ти ги вратам триредно назабени.

Врз моето тело зеленее трева
и високи тополи шумат.

Небото вели не знам кој шуми
гранките или коренот.

Ти додаваш – само една жила
со мојата утроба некого спојува.

Земјо,
зар не збунува присуството
на таа жила што нè дели
никојпат да не нè раздели?

Земјо,
тагата ни ја открадна.

Стиснете ги тревките
неа ќe ја исцедите.

Наслоните се врз каменот
името ќe и го чуете.

Симнете се во рекине
дното со неа ќe ве почести.
Легните да починете
и ноќта со неа ќe ве покрие.

На овој даб името ќe ти го напишам
дождовите да го симнат
жедните в земја
да ги напоиш.

На оваа нива грутка од тебе ќe посеам
класатка да никне
со неа внучињата да ни ги храниш.

На овој рид ќe те оставам
и кога ќe заминам
пак да те гледам

Голема.

3а неколку нови чекори недостижност
ме остави утринава зад тебе.

Чинам се делиме:

Твојот пат нагоре
мојот пат кон тебе води.

Стални ме, во твоите корени скри ме
никојпат да не се разделиме.

Leave a comment