Во тек е снимањето на новата екранизација на „Гордост и предрасуди“!

По веста дека ќе се снима екранизацијата на „Разум и чувствителност“, обожавателите на Џејн Остин добија уште една одлична вест за новата најавена екранизација на најпознатиот роман на Остин, „Гордост и предрасуди“. Се чини дека ова на дело на Остин му е „судено“ да добива своја екранизација на секои дваесетина години, барем што се однесува на популарноста и амбициозноста на проектот. Последни такви популарни екранизации на делото беа филмот „Гордост и предрасуди“ од 2005 година и телевизиската серија на Би-би-си од 1995 година, а еве сега се снима и нова ограничена серија од шест епизоди во продукција на Нетфликс.

(фотографија на Лудовик Роберт/извор: Netflix)

Што се однесува до актерската екипа, Ема Корин, најпозната по нејзината улога во филмот „Носферату“, ќе влезе во улогата на омилената хероина на многумина, Елизабет Бенет, Џек Лоуден ќе биде господин Дарси, а Оливија Колман ќе биде г-ѓа Бенет. Ема Корин, која играше и во една друга книжевна екранизација на Нетфликс, „Љубовникот на леди Четерли“, рече дека „да се игра Елизабет Бенет е можност што се случува еднаш во животот“, продолжувајќи: „Да се може да се оживее овој иконски лик, заедно со Оливија и Џек, со феноменалните сценарија на Доли, е навистина најголема чест. Едвај чекам новата генерација повторно да се заљуби во оваа приказна.“

Во оваа екранизација на Џејн Остин ќе ги видиме и:

  • Руфус Сјуел како г-дин Бенет,
  • Фреја Мејвор како Џејн Бенет,
  • Џејми Деметриу како г-дин Колинс,
  • Дарил Мекормак како г-дин Бингли,
  • Луис Партриџ како г-дин Викам,
  • Рија Норвуд како Лидија Бенет,
  • Сиена Кели како Каролин Бингли
  • Фиона Шо како Лејди Кетрин де Бург
  • Хопи Париш како Мери Бенет
  • Холи Ејвери како Кити Бенет

Режисер на серијата е Еурос Лин, а сценаристка е писателката Доли Алдертон, која пред неколку месеци изјави дека е многу среќна што е дел од екипата:

„Еднаш во генерација, група луѓе имаат можност да ја прераскажат оваа прекрасна приказна и се чувствувам многу среќна што имам можност да бидам дел од неа“. „Гордост и предрасуди“ од Џејн Остин е основата и темелот на романтичната комедија како жанр – и за мене беше радост да се навраќам на нејзините страници за да пронајдам и познати и свежи начини за оживување на оваа сакана книга. Книгата е совршена за адаптација – полна со драма и длабочина, како и со комедија и шарм. Во неа лежи можноста да се испитаат сложеностите на љубовта, семејството, пријателството и општеството, додека се стремиме кон восхитувачкиот набљудувачки глас на Остин. Со оглед на тоа што Еурос Лин ја режира нашата прекрасна екипа, толку сум возбудена што повторно ќе им ги претставам овие урнебесни и комплицирани ликови на оние кои ја сметаат „Гордост и предрасуди“ за своја омилена книга, како и на оние кои сè уште не ги запознале своите Лизи и г-дин Дарси“.

Она што е интересно и им падна очи на многумина е што Нетфликс потенцираше дека оваа серија ќе биде „верна адаптација на делото на Остин“. Ова доаѓа по ужасната екранизација на „Убедување“ на Џејн Остин од 2022 година во продукција на Нетфликс, со Дакота Џонсон во главната улога, која повеќе делуваше како пародија на книгата отколку нејзина филмска екранизација и повеќе го следеше игривиот тон на „Бриџертон“ отколку меланхоличниот и интроспективен тон на „Убедување“ и хероината Ен Елиот. По бурните реакции и на критичарите и обожавателите, Нетфликс сега се обидува да ги убеди сите дека ја научиле својата лекција и дека ќе се држат до изворниот материјал, а нам ни останува да чекаме.

Извор 1.
Извор 2.

Leave a comment