Успешниот и трагичен живот на Ги де Мопасан…

Ги де Мопасан живеел краток, но многу продуктивен живот, а неговите кратки раскази и романи сè уште се меѓу најчитаните романи во француската литература. Денес на блогот прочитајте еден текст на „Meridian Writing“ на Би-Би-Си во кој накусо се изложуваат главните моменти од животот и делото на еден од најзначајните француски писатели.

(извор: linternaute.com)

Ги де Мопасан постигнал навистина ретка работа – писател кој бил успешен во своето време, неизмерно популарен, просперитетен и почитуван од општеството. Но, тој никогаш не се оженил, бил прогонуван од болест и депресија и починал сам во ментална институција. Тој секогаш копнеел да направи кариера од своето пишување, но остварувањето на таа амбиција го уништило. Иако сакал шеги и шокирање на луѓето, бил пречувствителен и често очаен. Тој бил, како што рекол неговиот пријател Емил Зола, „најсреќниот и најнесреќниот човек“.

Младиот Мопасан

Мопасан пораснал во родната Нормандија. Иако семејството Мопасан било аристократско, а таткото на Ги немал потреба да работи, тие во многу нешта наликувале на ситните снобови. Тврдењата на неговата мајка дека нејзиниот син е роден во локалниот замок подоцна се покажале неточни кога истражувачите го откриле неговиот извод од матичната книга на родените. Под цврстата семејна фасада имало пукнатини. Неговиот татко, Густав, бил женкар, а неговите постојани афери довеле до трајно разделување од мајката на Ги, кога младиот Мопасан имал 11 години.

Во училиште, Мопасан бил добар ученик и во 1869 година почнал да студира право во Париз. Сепак, на 20 години ги напуштил студиите за да служи во војската за време на Француско-пруската војна. Неговите писма од теренот им покажале на неговите родители дека тој имал вештина за пишување и раскажување приказни.

По враќањето, неговата мајка го запознала со еден од нејзините пријатели, кој ќе има огромно влијание во животот на Мопасан. Неговото трајно пријателство со авторот на „Мадам Бовари“, Гистав Флобер, не само што му обезбедило еден вид татковска фигура, туку и го охрабрило да влезе во светот на книжевноста. Наскоро се дружел со водечките писатели од тоа време, меѓу кои Емил Зола, Иван Тургенев и Хенри Џејмс, а и покрај неговата здодевна дневна работа како државен службеник, неговото слободно време го поминувал забавувајќи се и дружејќи се со жени кои во тоа време имале озогласена репутација.

За ова време тој напишал:

„Таа беше апсолутно лудо внесена во сето тоа. Ни кажа дека е родена со чаша апсинт во стомакот, што нејзината мајка го пиела непосредно пред да ја роди и оттогаш никогаш не се отрезнила… Секоја недела патувавме по Сена со толпа од пет жилави, лежерни момци, управувани од живо суштество со расеан мозок под чадор од насликана хартија. Ја обожававме, најпрво од различни причини, а потоа и од една конкретна…“

Книжевна настава

Покрај забавата, Мопасан се придржувал до зборовите на својот ментор, а Флобер го советувал својот ученик и се трудел да му ја пренесе неговата филозофија на пишување. Тој го советувал да пишува за работите што ги знае и да ги отфрли сите идеи за заработка од својата уметност. Мопасан правел онака како што му било кажано, но напорот од дневната работа, пишувањето навечер и справување со низата болести на неговата мајка почнал да го зема својот данок. Во писмо до Флобер, тој јасно ги искажал своите чувства на очај:

„Три недели се обидувам да работам секоја вечер и не можев да напишам ниту една страница… ништо. Резултатот е дека постепено паѓам во црна депресија и ќе ми биде тешко повторно да се искачам.“

Сепак, тој страдал од повеќе од напад на меланхолија. Неговите симптоми вклучувале срцеви палпитации и проблеми со кожата и иако неговиот лекар дијагностицирал ревматска состојба, Флобер имал други идеи:

„Ме слушаш ли млад пријателе? Мораш да работиш понапорно. Имам сомнеж дека си малку мрзлив. Премногу курви! Премногу веслање! Премногу вежбање! На цивилизираниот човек му е потребно многу помалку движење отколку што тврдат докторите.“

(Целото писмо е објавено на блогот под насловот Прочитајте ги советите кои Гистав Флобер му ги дал на Ги де Мопасан!)

Дијагнозата на Флобер била поточна отколку што можеби тој претпоставувал, бидејќи состојбата на Мопасан навистина била предизвикана од раните фази на сексуално преносливата болест сифилис.

Натуралисти

Во меѓувреме, преку Флобер, Мопасан се придружил на група писатели, меѓу кои бил и Емил Зола, и почнале да се нарекуваат натуралисти. Нивната цел била да го прикажат животот, страдањето и експлоатацијата на обичните луѓе и во 1880 година објавиле антологија насловена како „Вечери во Медан“ („Soirés de Medan“), во која била вклучена приказната на Мопасан за една проститутка со прекар Boule De Suif („Топка маст“).

Во тоа време, кратките приказни биле многу популарна книжевна форма, а творештвото на Мопасан било добро прифатено, станувајќи хит меѓу луѓето речиси преку ноќ. Неговата способност да прикажува вистински луѓе, заедно со хумор и искрена сексуалност, ги освоила читателите и во текот на 80-ти години на 19 век тој создал 300 кратки раскази, шест романи, три патеписи и еден том стихови.

На почетокот на успехот на Мопасан, неговиот ментор починал. Неговото творештво почнало да ги одразува неговите морничави мисли и често добивало форми на кошмарни приказни и параноични приказни. Освен неговиот песимизам, публиката го сакала едноставниот реализам во неговото пишување и неговиот успех продолжил.

(Извор: Babelio)

Успех

Иако книжевната кариера на Мопасан веројатно траела само околу десет години, тој бил исклучително успешен. Се откажал од својата работа во државната служба и жестоко се стремел кон кариера како писател. Со успехот на „Живот“ во 1883 година, неговиот живот станал круг на луксуз и софистицираност. Патувал низ светот и одржувал стан со посебен анекс за тајни средби со жени.

Во оваа фаза бил опишан како целосно здрав, што е во согласност со втората фаза на сифилис, и тој целосно го искористил интересот што му го пружале жените од општеството. Во неговиот вообичаен, натуралистички стил, неговиот роман „Бел-Ами“ од 1885 година ја раскажува приказната за бескрупулозниот измамник, Жорж Дурој, кој скока од жена до жена во неговата борба за предност во суровиот свет на Париз од крајот на сиеклот.

Болест

До втората половина на 80-ти години на 19 век, здравјето на Мопасан било во опаѓање. Неговите пријатели почнале да го забележуваат неговото необично однесување, а неговото пишување станало шокантно, а понекогаш и скандалозно. Мопасан отсекогаш имал вкус за морбидноста, но, во комбинација со неговите стравови за себеси, сега тој напишал серија вознемирувачки приказни како што се „Ивет“, која детално опишува крвав самоабортус; „Ле Орла“, која презентира дневнички приказ за падот на нараторот во лудило, и „Пјер и Жан“, профил на двајца браќа, кој се сметал за неморален бидејќи херојот е успешен во своите погрешни постапки.

Во 1888 година, братот на Ги де Мопасан, Ерве, станал насилно психотичен и се обидел да ја убие својата сопруга. Тој бил примен во лудница каде што починал во 1889 година. Се претпоставува дека Ерве, кој имал ограничена интелигенција, исто така страдал од сифилис.

Мопасан станувал сè потажен додека сифилисот му го напаѓал ‘рбетниот мозок. Тој станал опседнат со идејата дека муви му го голтаат мозокот и во јануари 1892 година се обидел да се самоубие и кога не успеал во тоа, си забодел нож за хартија во грлото и следниот ден бил сместен во лудница. Починал неколку месеци подоцна, малку пред неговиот 43. роденден.

По смртта на Мопасан, неговиот пријател Емил Зола прецизно ја истакнал неговата привлечност:

„Ако беше разбран и сакан од самиот почеток, тоа беше затоа што француската душа во него ги пронајде даровите и квалитетите што ги создаде најдобрите достигнувања. Тој беше разбран затоа што поседуваше јасност, едноставност, умереност и сила. Тој беше сакан затоа што поседуваше смешна добрина; длабока сатира што опстојува дури и низ солзите.“

Извор.

Leave a comment