Збирка драми на Горан Стефановски ќе биде објавена во САД!

Одлична вест за македонската книжевност и драматургија, збирка со драми на Горан Стефановски, преведени на англиски јазик, наскоро ќе биде објавена во САД! Збирката се вика „4 by Stefanovski and a 1 act“ и е во издание на независната издавачка куќа „Лаертес“.

Нина Камберос, главна уредничка во независната издавачка куќа „Лаертес“, на својот Фејсбук профил објави:

„Конечно, збирка посветена на Горан Стефановски е на прагот да влезе во светот, со сите човечки длабочини и сложености што ги подразбира една таква антологија.“

На веб-страницата каде е претставено изданието, се наведува дека предговорот, т.е воведниот текст е на Крис Торч, независен културен експерт, дизајнер на проекти и консултант за политики, со богато практично искуство во ангажман на публика, уметничко кураторство и меѓукултурна политика, и кој всушност имал можност да соработува со Горан. Во текстот со наслов „Тврдоглаво достоинство“, меѓу останатото, Торч наведува:

Оваа антологија премостува два брега од поновата балканска историја: три драми се напишани пред крвавиот распад на СФРЈ, две драми се напишани потоа, кога неговиот свет беше разбиен на парчиња и тој веќе ја започна својата бавна емиграција од контекст што никогаш не го напушти, туку го носеше со себе во својот ментален ранец, сè додека не му заврши животот, премногу рано.

Во еден од нашите најрани разговори, како одговор на моето наивно прашање за тоа како ја дефинира својата „националност“, тој одговори со популарната поговорка: „На Балканот, никој никогаш не се раѓа и умира во иста земја“. Ова секако беше точно за него. Но, тоа исто така ги отсликуваше личните истории на повеќето луѓе во регионот: постојано се менуваа, секогаш се преформираа, постојано се напаѓаа, се прилагодуваа на нови господари, се прилагодуваа на нови јазици, традиции и вредности. Токму оваа културна и политичка флуидност дефинираше голем дел од зрелата визија на Горан.

Во еден дел од текстот, Торч потенцира зошто Горан е толку важен и зборува за неговите ликови:

Горан им даде глас на едноставните луѓе кои се борат со егзистенцијата, очајни за љубов, врзани од историските императиви. Тој длабоко се грижеше за луѓето што ги поставуваше на сцената. Тие се родени „локално“, но се препознатливи „глобално“.

Најважно од сè, неговите ликови никогаш не се „добри“ или „лоши“. Дури и највулгарните се некако сочувствителни, дури и најубавите се оштетени. Ова е светот каков што го знаеше и каков што одбра да го претстави: Талкаме по земјата со мала сигурност, секогаш зачудени, но никогаш изненадени.

Дел од воведните текстови е и „Силјан Штркот од Дебар Маало“ на Слободан Унковски, во превод на Патриша Марш-Стефановска од македонски на англиски јазик во кој зборува за неговото лично познанство и соработка со Горан Стефановски, како и за спомените, претставите и неколку анегдоти, и меѓу другото наведува:

Сите коцки се склопија за да го направат Горан Стефановски драматург: реалната драма на неговото пошироко семејство, бегалци од Западна Македонија пред Втората светска војна, кои завршиле во Скопје; неговото детство растејќи во театарот во Прилеп и во таканареченото Дебар Маало на градот; неговите родители актери-режисери, кои биле протерани од Скопје од политички причини, а подоцна се вратиле назад; и мaкедонската литература, која влегувала во својот зрел период во тоа време, токму преку жанрот на драмата. Сепак, би рекол дека тоа беше, пред сè, неговиот вроден талент, неговата огромна љубопитност за сите аспекти на животот, неговата отвореност кон светската литература и музика, длабоко вкоренетиот немир и возбудливост на неговата мајка Нада, актерка со длабоко познавање на животот, заедно со аналитичката природа на неговиот татко, театарски режисер, Мирко, неговата решителност и енигматична, жива двосмисленост, обете на висок адреналин.

Понатаму, на веб-страницата се наведени се извадоци од осврти кон неговото творештво, како на пример:

„Стефановски ја дијагностицира црната дупка на нашето време – колективната амнезија родена од губењето на сопствената приказна и недостатокот на интерес за приказната за Другиот. Тоа е болеста на нашата современа Вавилонска кула, нашиот глобален свет.“

~ Гоце Смилевски, „Горан Стефановски – драматург во Вавилонската кула“

„Во драмата на Стефановски не е сè добро, ниту надворешно во општеството ниту во поединецот… Политиката и историјата стануваат олицетворени ликови.“

~ Џејмс Мекинли, „Вовед во „Хај-Фај“ и „Дупло дно“: Драми од Горан Стефановски“

„Стефановски создал специфичен и препознатлив театарски свет, во кој ликовите од неговите драми се историски испреплетени помеѓу исток и запад, помеѓу трогателно минато и непредвидлива иднина, помеѓу послушност и бунт.“

~ Наум Пановски, „Сараево на Горан Стефановски или Сара во земјата на ужасите“

Понатаму, тие исто така наведуваат и извадок од осврт на Софија Поповска кон „Диво месо“, можеби и најпознатата и најцитираната драма на Горан:

„Метафората на патогенот (за „диво месо“ што расте околу влакно во грлото сè додека неговата жртва не се задуши) е особено погодна за опишување на империјалистичката интервенција во културите… [која] воведува драстично еднострана динамика на моќ, во корист на едниот и уништување на другиот.“

Околу драмата „Дупло дно“, избрале извадок од „Драмите на Горан Стефановски“, предговорот на Веле Смилевски во изданието „Избрани драми“:

„Креативниот импулс се манифестира кај Јаков, кој, со уметноста како почетна точка, ќе мора да помине низ пеколот на лудилото за да стане револуционер во препознавањето и именувањето на нештата.“

За опис на „Тетовирани души“, избрале извадок на Александар Миленков објавен во „Нова Македонија“

Во „Тетовирани души“, Стефановски ги соочува своите ликови со апсурдноста на нивното сопствено постоење во средина каде што не припаѓаат. За да ја надмине оваа ситуација, Македонецот во Америка е принуден да создаде свои митови, што некако ќе му овозможи да преживее.

И за драмата „Екс-ју“, избрале осврти од три странски влијателни магазини/весници, како на пример, извадок од текст на Мајкл Билингтон објавен во „Гардијан“:

„Екс-ју“ на Горан Стефановски, драма за жена која бара информации за самоубиството на нејзиниот татко за време на Балканската војна, е навистина вознемирувачка.

Како и текст објавен во „Тајм Аут“:

„Екс-Ју“ ги надминува експозициите и исечоците од вести за да предизвика чувство на загуба кое е поетски, човечки трогателно.

И завршуваат со извадок на Глен Њуи од книжевниот додаток на „Тајмс“:

„Делото на Горан Стефановски е многу вешто… избегнува… едноставна реконструкција…“

Покрај овие информации, има и два извадоци од „Казабалкан“ преведени на англиски јазик. Изданието чини 24 долари и доставата за меѓународни нарачки е бесплатна и моментално може да се резервира и да се направи нарачка (pre-order).

За повеќе информации, посетете ја веб-страницата и секцијата посветена на збирката на Горан Стефановски.

Leave a comment