Неколку интересни мисли од „Чичко Горио“ на Оноре де Балзак!

Оноре де Балзак (20 мај 1799 – 18 август 1850) е еден од најпознатите француски писатели на сите времиња. Балзак има многу обемно творештво, но неговите дела тој ги поврзал во една целина која ја нарекол „Човечката комедија. Меѓу најпознатите се романите: „Шагринска кожа“, „Чичко Горио“, „Изгубени илузии“, „Селани“ и други.

Се смета за еден од предводниците на реализмот во европската книжевност, поради тоа што се стремел да го прикаже општеството на многу реалистичен начин, во неговиот сјај, но и неговата беда. Тој е познат по тоа што создал илјадници ликови и поради тоа неговите романи се повеќеслојни, со повеќе заплети, па дури и споредните ликови имаат своја историја и развој.

„Чичко Горио“ е еден од неговите најпознати романи, кој редовно е дел и од задолжителните четива во средното училиште и дефинитивно е книга што треба човек да ја прочита во животот. Се работи за интелигентна анализа на одвратноста на снобовското и елитистичко општество, но и за привлечноста и заслепувачкиот сјај кој прави луѓето едноставно да се загубат себеси и сите вистински и правилни морални вредности во животот, вклучувајќи и да ги напуштат оние кои би направиле сè за нив.

Чичко Горио е станар во пансион и многумина не ја знаат целосната негова приказна, освен тоа дека бил прилично имотен човек и трговец, но со текот на времето, станува сè посиромашен, а никој не може да си го објасни тоа. Полека се открива дека тој има две добро омажени ќерки, но се чини дека нема многу комуникација со нив. Преку ликот на младиот и наивен студент Растињак, ние заедно со него ја откриваме целосната приказна, заедно со темната страна на дволичното и расипано општество во Париз. Книга која со причина е класик, но и која и денес е многу релевантна за многу работи, особено меѓучовечките односи. Во продолжение можете да прочитате неколку интересни мисли од ова дело.

„И кој може да оцени што е погрозно да се гледа – закоравени срца или празни черепи?“

„Омразата не произлегуваше од љубовта туку од измамените надежи. Ако човечкото срце бара да си почине при освојувањето на височините на љубовта, тоа ретко се запира по стрмното удолниште на омразата.“

„Една од најодвратните особини на ситните души е што сметаат дека и другите луѓе ги имаат нивните подлости.“

„Според логиката на празноглавите луѓе, кои сите до еден се дрдорковци бидејќи немаат ништо умно да кажат, оние што не зборувале за себе, се занимавале со нечесни работи.“

„Од десетте ноќи што студентите си ги планираат за учење, седум ги преспиваат.“

„Ако сте несреќник што украл некаква ситница, ќе ве покажуваат на плоштадот пред Палатата на правдата како некакво чудо. Ако пак украдете милион, во салоните ќе ве сметаат за доблесен.“

„Ни трошка не сум среќна. Златните окови најмногу тежеле.“

„А чувствата не се ли светот збран во една мисла?“

„Го гледаше светот како каллив океан во кој човекот потонува до гуша штом ќе стапне во него.“

„Добрите души не остануваат долго на овој свет. А како да се сврзат возвишените чувства со едно бездушно, ситничарско и површно општество?“

*мислите се преземени од: Балзак, Оноре де. Чичко Горио. Скопје: Полица, 2020

Leave a comment