Феноменалната авторка Капка Касабова, најпозната по врвната документаристичко-патеписна проза, доаѓа во Македонија! Вечерва, со почеток од 20 часот, во кафе-книжарницата Буква, ќе имате можност да присуствувате на книжевна вечер со Капка каде Ана Витанова Рингачева и Александар Маџаровски ќе разговараат со Касабова и ќе ги споделат своите импресии за нејзиното пишување и дела. Кон разговорот ќе се придружи и преведувачот на нејзините книги Бранислав Мирчевски.
Настанот е во организација на издавачката куќа „Или-Или“ кои всушност ги издадоа нејзините книги „Кон езерото“ и „Граница“ на македонски јазик. Ова ќе биде и одлична можност за присутните да поразговараат со авторката токму за овие дела.

Капка Касабова е родена во Софија во 1973 година, а на 18 години емигрирала со семејството во Нов Зеланд, каде што студирала и ги објавила првите поетски книги на aнглиски јазик. Од 2005 година живее во Шкотска.
Како што е наведено во најавата за настанот, Капка Касабова е повеќежанровска писателка. Нејзини најпознати прозни книги се: „Улица без име“ (2008), „Дванаесет минути љубов“ (2013) и книгите од балканската тетралогија „Граница“ (2017) „Кон езерото“ (2020,) „Еликсир“ (2023) и „Анима“ (2024).
На официјалниот настан на Фејсбук можете да прочитате и повеќе за нејзините објавени дела на македонски јазик и да следите повеќе детали за настанот. Истото можете да го сторите и на официјалната страница на ИЛИ-ИЛИ на Фејсбук.
