Доколку сте љубители на кафе и книжевно дружење, како и можноста да си заминете со добра книга, оваа сабота во кафе-книжарницата „Бејкер стрит“, во периодот од 10 до 23 часот, се организира акцијата „Остави книга, земи книга“.
Оца е вториот ваков настан што ќе се организира и идејата е да дојдете со книга и да ја оставите во замена со друга книга. Како што велат од „Бејкер стрит“ на нивните профили на социјалните мрежи, тие ќе го започнат циклусот со избрани наслови од нивните приватни библиотеки, како и со „книгите кои не си најдоа свој дом на минатиот настан“.
Како што велат тие, во книгите што ќе бидат достапни за размена, ќе има ретки и одамна распродадени изданија, книги за кои многумина не знаеле дека се преведени на македонски јазик, омилени класици и неочекувани бисери.
Од „Бајкер стрит“ исто така препорачуваат да оставите мало ливче во книгата што ќе ја донесете, како порака за следниот читател и накусо да оставите порака за тоа зошто ја сакате книгата. Книгите што нема да бидат вдомени ќе бидат поставени во нивното катче наменето за книги, достапни за читање на лице место во кафе-книжарницата.
За повеќе информации, следете ја официјалната страница на „Бејкер стрит“ на Фејсбук.

