Македонска поезија: „Птица“ од Михаил Ренџов!

На 25 август 1936 година се родил Михаил Ренџов, македонски поет и писател. Тој има издадено различни дела од различни жанрови како разновидни поетски форми, проза, есеистика и книжевен превод, но најпознат е по неговата поезија. Работел во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје како советник по библиотекарство и во одреден период бил директор на оваа институција. Тој бил член на Македонскиот ПЕН-центар и член на Друштвото на писателите на Македонија од 1965 година. За жал, тој почина минатата година, на 8 октомври 2024 година.

Меѓу неговите најпознати поетски книги се „Иселеник на огнот“ (1965), „Ноќно растење на зборот“(1967), „Каде од оваа страна“ (1968), „На работ од сонот“ (1972), „Страв“ (1976), „Полноќ“ (1979), „Нерези“ (1982), „Аутодафе“ (1985), „Феникс“ (сонети, 1987), „Земја. Потоп“ (1991), „Шпил“ (1994), „Вечната бесконечната“ (1996), „Јас оксиморон“ (1998), „Псалми“ (2000), „Галичица“ (2007), „Окарина“, „Јас. Елегии“.

Меѓу неговите најпознати поеми се „Тој“ (1993) и „Предвесница“ (2009), а познат е и по драмската поема „Апокалипса“ (2002); прозната книга „Захариј и други раскази“ (2004); на книгите за деца „Сонување патување“ (1991) и „Ангела сонува“ (1998).

Од неговата преведувачка дејност посебно внимание заслужува препевот на асиро-вавилонски еп „Гилгамеш“ објавен во три изданија.

За своите дела тој има добиено и бројни награди, како „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“, „Григор Прличев“, „Ацо Шопов“, „11 Октомври“ и други.

Денес на блогот ги читаме неговите стихови.

Птица – Михаил Ренџов

Мала птица, таго,
Чуден бол и леснина
Пронаоѓам вечни траги
Во летот и песната
Мала птицо, таго.

Пробуди ја мислата моја
Во лист, во камен, во око
Паѓа дожд во летни бои
Во златна жица на летен спокој
Пробуди ја мислата моја.

Таа веда во крв ми расне
Во зрела житна кора
Штом ветрот ѕвезди гасне
Мислата пламнува во зборот
Таа мисла во крв ми расне.

Мала птица, таго,
Длабок сон и леснина
Остануваат како граги
Само летот и песната
Мала птица, таго.

Фотографија на Devin Avery за Unsplash

Leave a comment