Владимир Зарев е еден од најзначајните современи бугарски писатели, чиј специфичен стил на пишување навистина го издвојува од останатите. Тој има напишано повеќе од десет романи, а романот „Пропаст“ е објавен во 2003 година и еден од неговите најуспешни романи, бидејќи е преведен на многу јазици, како и на македонски јазик во издание на „Или-Или“, а по него е снимен и филмот „Времето е наше“.

„Пропаст“ е многу интересен роман кој е прилично специфичен и човечен во исто време. Се работи за еден писател кој се наоѓа во многу лоша финансиска ситуација, неговиот брак е пред распад и никако не може да седне да го заврши неговиот следен роман, насловен „Пропаст“. Ние го следиме неговиот живот од младоста до сегашноста, најчесто преку навраќањето назад во минатото, а паралелно на тоа, имаме и „роман во роман“, затоа што паралелно го читаме и неговиот роман за еден бизнисмен и за неговиот подем и како се издигнува и се стекнува со моќ, а многу често ликовите од романот на Сестримски се преклопуваат со неговиот живот.
Роман за општеството, за распадот на стариот систем и раѓањето на новиот, како и сивата зона меѓу две различни уредувања и што тоа им носи на луѓето, некои во тоа време се издигнале, додека многумина целосно пропаднале. Романот изобилува со филозофски размислувања и прекрасни мисли и решив да ги запишам и да ги споделам на блогот, а поширок осврт ќе имате можност да прочитате во следната традиционална месечна листа со препораки.
Во продолжение прочитајте прекрасни мисли и размислувања од романот „Пропаст“ на Владимир Зарев.
„Нашиот живот сетики се состои од подробности, кои за да ги восприемиме и осмислиме, треба да ги заборавиме. Она што не сме го заборавиле, всушност сме си го измислиле самите. Животот тежи од подробности, заборав и нашите измислици за кои наивно веруваме дека се спомени. Човечкото постоење не е ништо друго освен очекување да се случи нешто што после треба да го заборавиме, да го наружаме, да го претрупаме со значења. Спомените се наше домислување на самите себе, копнеж да се приврземе, да се задржиме во нив откако ќе ја вклучиме нашата интелигенција и тага. Сè друго е биолошка нафака, наша сенка во времето.“
„Секоја смрт на близок човек е дел од нашето постојано умирање. Со заминувањето на човекот што се сака, губиме нешто и од нас, од нашата љубов, нашето споделување и сигурност. Останува празнина и таа не може да се исполни со ништо. Како откорната штица од ограда што треба да нè крие и чува.“
„Поучно е да се оди на гробишта, зашто само на ова упокојно место човек ја разбира сета минливост на животот, неговата бесмисла, ја дофаќа својата суета, поразот на глупавите амбиции. Каков страшен мускул е животот, а каква пак стрпливост има смртта!“
„Творештвото е магија, повисок израз на човечко неумеење, ако разбираш како се склопени речениците – тие се нечија куќа, забава или утеха, но го засегаат само оној кој ги напишал.“
„Не знам дали оваа држава е ваша, но веќе не е моја.“
„… но Катарина не се сакаше себеси, па поради тоа не ја сакаа и другите.“
„Изгледа кога човек е многу среќен или кога е многу несреќен, тој се чувствува сам меѓу другите, тие не успеваат да допрат до него, да му попречат.“
„Ние сме до непристојност среќни и зашеметувачки несреќни.“
„Сепак, должен сум да ве предупредам, сè во нас и со нас се случува во мозокот, господине Сестримски. Таму е човечкото его, таму се води битката, а до победата не се доаѓа лесно.
„Многупати се прашувам постои ли, навистина, човечката душа? Ако ја има, зошто тогаш се плашиме од смртта?“
„Со самото свое раѓање човекот почнува да умира, нашиот живот е нашето постојано умирање. Се плашиме, веројатно, не од таинството на смртта, а од сонот за животот. Се плашиме наеднаш да не се разбудиме во смртта и тогаш…“
„Светот е таков каков што е, треба да го прифатиме.“
„- А со какви чувства се пишува убава книга? – Со тага – одвратив суверено. – Во болката без причина, во тагата без објаснување се скриени две третини од човечката вообразба.“
„Од искуство знам дека нема ништо полигаво и нееднозначно од човечката вистина, дека таа се преоблекува како облеката зад која се криеме секој ден.“
„Во оваа книга пишува дека целото човечко поведение, од раѓањето до смртта, може да се објасни со желбата за власт. Ако детето се гали, тоа, всушност, се учи да владее над родителите; ако некој безличен тапчо си земе куче, тоа е затоа да има барем едно суштество над кое ќе владее. Љубовта и сочувството се облик на власт, пишува таму, омразата исто така. Верноста но и неверството се власт, дури и потчинетоста понекогаш е власт…“
„Се потврдува, за жал, дека парите се најодржливата форма на власт.“
„За себе тој беше убеден дека играта со демократијата е нечија вешта и приходна ззабава и дека многу брзо ќе заврши; дека во ретката мрежа ќе се фатат малите рипки, веројатно неколкумина наивни интелектуалци, но дека сепак, таа е сè уште некому нужна за расчистување на сметките.“
„Во сјајот на привидната слобода е скриен помрачениот ум на секој тиранин.“
„Има закон и тој треба да се почитува, но постојат и други, посудбински нешта – идеалите, на пример.“
„Каква тупаница е животот… Те мава право по уста или во сончевиот јазол. Ќе ти се стовари ненадејно но болно, таму каде што си најслаб. И дури и да отвориш очи, да земеш воздух, да се свестиш, останува уморот. Како белег, како неизлечлив жиг врз срцето. Уморот, кој те принудува повторно да мрдаш, да се раздвижиш, единствено возможниот излез, таа наследена, ветерничава, донкихотовска последователност. Нели сега тврдат дека ветерниците биле енергијата на иднината.“
„И одеднаш сфатив дека тие не сакаат слобода, туку своја нова потчинетост, и налегнале тука за да ги променат униформите и за да ја збогатат својата биографија за потребите на новиот господар – демократијата. Се најдов измамен и докрај изгнасен.“
„Горделивата независност е привилегија што можат да си ја дозволат само духовно извишените или многу богатите.“
„И ден-денес се чудам како по романтичните месеци на сеопштата сплотеност, политичарите успеаја да ги поделат луѓето, да ја разгорат омразата, само и само да ја прикријат сопствената некадарност и незаситната алчност.“
„Изгледа добрината – вистинската одмолчена добрина – нема човечки црти.“
„Потоа го сонував времето и се разбудив со јасно сознание дека вистински совршено е само она што не ни припаѓа.“
„Тогаш разбрав дека веројатно времето не постои, дека тоа е илузија на нашиот несовршен ум, со кој ние го мериме најнесигурното – часовите, дните и годините на својот живот.“
„…човечкиот живот, независно колку бил успешен и како другите ќе го оценат по нас, секогаш завршува со пораз.“
„Одамна знаев дека милостината е скриен израз на цинизам; пуштаме париче во чиничето на просјакот за да се разграничиме од неговата несреќа и да ја возвеличиме својата благосостојба; дека покажаната великодушност е лажна и ние, всушност, милостината ја даваме за себе.“
„Освен тоа, човечката наивност е љубовница на глупоста“.
*мислите се преземени од Зарев, Владимир. Пропаст. Скопје: ИЛИ-ИЛИ, 2019
*превод на Бранислав Мирчевски
