Ракописот со наслов „Кривата Дијана (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска, е добитник на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2025 година. Во соопштението на „Арс Ламина“ се наведува дека во најтесниот избор влегле и романите: „Пацер“ од Коста Бојчески, „Изгубени низ дупки во џебовите“ од Ники Борас (Владо Јаневски) и „Солдат 1882“ од Добре Тодоровски.
На седмиот конкурс за наградата „Пегаз“, што ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, пристигнале 45 ракописи. Тричленото стручно жири во состав: Соња Стојменска-Елзесер (професорка и писателка), Иван Додовски (професор, писател, книжевен и театарски критичар) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“) било задолжено за прегледување на ракописите и изборот на победникот.
Во образложението на Комисијата, како што е наведено во соопштението, се вели дека по прочистувањето и по темелното читање на ракописите кои ги пресретнаа условите за учество на конкурсот, жири-комисијата утврди жанровска и тематска разновидност, при што најдоминантни беа романите од жанрот криминалистички и детективски роман, потоа научно-фантастични романи, исповедна, интимистичка проза, историски романи и сл. Исто така, жирито посебно го прокоментира и го издвои впечатливото присуство на т.н. женско писмо, на силна женска нарација која во незавиена форма и експресивно зборува за женската сексуалност во зрелите години, за партнерските премрежиња, за самостојноста и за соочувањето со траумата. По ваквиот пресек, жирито заклучи дека на структурно и на тематско рамниште, преовладуваат современи, постмодернистички книжевни постапки, во духот на динамичното и дигиталното совремие и на светските трендови, при што со својата филмичност и тензичност, книжевноста се допира со филмската уметност.
Според жирито, романот „Кривата Дијана“ отскокнал од сите конкурентски ракописи и членовите едногласно одлучиле да му ја доделат наградата „Пегаз“ за 2025 година, а својата одлука ја поткрепи со следното образложение:
„Романот ’Кривата Дијана‘ со поднаслов ’Роман за верижната вина‘ од писателката Фросина Пармаковска е проза на актуелниот момент, на вчерашноста и на сегашноста, со антиципација на иднината заглавена во тркалото на колективната несреќа во општества какво што е македонското.
Следејќи ја личната приказна на неименуваниот наратор, за кој уште од првите страници добиваме назнака дека поминува низ некаква траума, го следиме формирањето на синџирот на заедничката траума, што го создаваат индивидуалните постапки, премолчувањата, инертноста, пасивноста и резигнираноста. Во овој роман, напишан со длабоко понирање во душата, со непретенциозна религиозна нота и со интроспекција на внатрешните немири, препознаваме траги од творечката преокупација на Достоевски, кај кого вината е најчесто морално-духовна и онтолошка, и која не е ограничена на личниот чин, туку се пренесува во сферата на меѓучовечката и на космичката одговорност. Иако романот содржи суптилна критика на политичката моќ претставена преку персонифицираниот ’систем‘ како нешто отпорно на промени и суверено, сепак, тоа не ја компромитира книжевната вредност на романот, напротив, од него прави книжевна тема“.
Фросина Пармаковска е родена во Скопје, во 1985 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на катедрата за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институтот за македонска литература, на тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и во македонскиот роман“. Таа е членка на Друштвото на писателите на Македонија од февруари 2018 година.
Изминативе години таа значително се проби на македонската книжевна сцена и стана една од најчитаните македонски писателки, особено поради делата „Вишнова хроника“ (Или-Или, 2014) и „Одбројување“ (Или-Или, 2017), роман за кој ја доби наградата „Роман на годината“ за 2017 година. Меѓу останатите нејзини дела се и: „Сè уште можам нешто да сторам“ (Или-Или, 2023), „На враќање“ (Или-Или, 2020) и „Пишувајќи ги изгубените топки“, роман (Култура, 2013).
Покрај наградата Роман на годината за „Одбројување“, нејзините романи „Вишнова хроника“ и „Сè уште можам нешто да сторам“ влегоа во финалето за истата награда, а „Сè уште можам нешто да сторам“ ја доби наградата „Рациново признание“. Во 2018 ја доби наградата за најуспешен автор меѓу два саеми на книгата, доделена од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).
Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021), „Зелениот дворец“ од Сибо (2022), „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска-Атанасова (2023) и „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски (2024).
Во меѓувреме, отворен е и осмиот конкурс за наградата „Пегаз“ за 2026 година. Можат да конкурираат сите необјавени романи напишани на македонски јазик, наменети за возрасни. Ракописите треба да ги достават самите автори, на електронската пошта pegaz@arslamina.com, како ворд или ПДФ-документ, најдоцна до 1 јуни 2026 година.

