Што читаше Кафе и книги во август?

Дојде септември, почна училишната година и многумина веќе започнаа да се подготвуваат за есента, а некои пак ги користат последните летни денови да отидат на одмор и да уживаат во сонцето. Без оглед на тоа во која група припаѓате, ова е одлично време за читање, па доколку барате инспирација за читање, во продолжение прочитајте неколку предлози за читање составени од најдобрите книги што ги прочитав во август.

Госпоѓицата“ – Иво Андриќ

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт:
Иво Андриќ е единствениот писател од овие простори кој ја добил Нобеловата награда за литература и иако сите се фокусираат најмногу на неговото ремек-дело „Мостот на Дрина“, и останатите негови дела се поеднакво неверојатни анализи на човековата природа и општеството.

„Госпоѓицата“ е еден неверојатно интересен роман кој го истражува животот и ликот на Рајка Радаковиќ, или попозната во Сараево како Госпоѓицата. Дејството се одвива во Сараево, а подоцна и во Белград, непосредно пред, за време на, и по завршувањето на Првата светска војна. Семејството на Рајка е добростоечко семејство во Сараево, почитувано и сакано. Но, нејзиниот татко финансиски пропаѓа и на смртната постела ѝ остава завет на Рајка да внимава на парите, да штеди и да не се расфрла со пари. Тоа Рајка го сфаќа многу сериозно и станува безмилосна во своето штедење и го отфрла целосно општеството околу неа. Единствена амбиција е како да стане богата и во процесот станува и лихварка. Таа станува целосно отуѓена од сите, дури и од својата мајка и не ја интересира и не ја допира ништо, ниту туѓите судбини, ниту војната, само парите, но токму нејзината рамнодушност кон сè околу неа води кон тоа да биде целосно оцрнета и непосакувана во Сараево поради што мора да замине во Белград.

Ликот на Госпоѓицата е неверојатно добро изграден, тука Андриќ се покажува во целиот свој сјај како писател. Ликот ќе ве нервира и ќе ви биде многу одбивен, но Андриќ ги покажува сите комплексности, не се работи само за еднодимензионален негативен лик, напротив таа содржи многу нијанси, особено во однос кон општеството и самата себеси. Ликот на нејзината мајка особено ме погоди, особено во подоцнежниот дел од романот, покажувајќи дека и покрај сè, мајката никогаш не се откажува од љубовта кон своето дете. На некој начин ликот на Госпоѓицата и ме потсети на еден вид женска верзија на Ебенезер Скруџ од „Божиќна приказна“ на Чарлс Дикенс, само што двата лика одат во многу спротивни насоки. Одлична книга!

„Песни“ – Владимир Мајаковски

Издавачка куќа: ПНВ ПУБЛИКАЦИИ
Оцена: 4/5
Осврт
: Владимир Мајаковски е еден од најзначајните советски писатели. Песните од оваа збирка во избор и препев на Славе Ѓорѓо Димоски, се претежно од неговата порана творечка фаза, но има и песни инспирирани од неговите патувања.

Има и поема посветена на Сергеј Есенин, неговиот најголем поетски ривал, за чиј однос има многу ангедоти. Многу интересна поетска збирка. Песните можете да ги читате веднаш, на едно седнување, или пак едноставно да ја дегустирате збирката полека и да читате песна врз основа на расположението.

Се работи за одлична збирка, со одлично избрани песни, препевот е супер и ова е издание што дефинитивно треба да го имате во вашата библиотека. Досега немав многу прилики да го читам Мајаковски, но ова издание ме поттикна и инспирираше да продолжам да барам повеќе изданија и стихозбирки од Мајаковски и се надевам во иднина ќе читам уште повеќе дела од неговото творештво.

Пропаст“ – Владимир Зарев

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 4/5
Осврт
: Неодамна на блогот објавив прекрасни мисли од романот „Пропаст“ на Владимир Зарев. Се работи за еден неверојатен и повеќеслоен роман кој индивидуално ја следи приказната на Сестримски, писател кој веќе со години оди во надолна линија во животот, бракот му е пред распад, а дејството на романот почнува на погребот на мајка му.

Додека се труди да навигира низ тешките околности во кои е западнат, се труди да го заврши романот на кој работи, па истовремено ние како читатели паралелно го следиме него и неговите случувања, но и дејството од неговиот роман кој пак го следи бизнисменот Бојан Тилев, од неговите скромни почетоци, до неговото издигнување како еден од најмоќните луѓе во Бугарија и неговата сегашност, па така читаме и „роман во роман“.

Романот е полн со неверојатна проникливост и општествени коментари, додека преку индивидуални случаи го следи и развојот на бугарското општество од деновите на социјализмот, до транзицијата и несигурните и матни 90-ти години и сегашноста. Зарев е одличен набљудувач и преку суптилен хумор на човечките будалаштини дава одлични подлабоки анализи на целото општество и на пропаста што новите премини и транзиции ги донеле во општеството, но тоа го прави со силна емпатија кон луѓето што страдаат. Неговите ликови не се совршени, напротив, но сепак прави да размислите и да сфатите зошто ги прават работите што ги прават и до кои длабочини можат да отидат луѓето за да се снајдат, збогатат или едноставно да преживеат.

Интересно е и како на моменти ја гледаме и паралелата на главниот лик, но и на главниот лик во романот што главниот лик го пишува. Нивните дејства како да се одвиваат паралелно, но во сосема поинакви и различни околности, што дава одличен контраст и на виделина ја изнесува сета разлика во животните околности на луѓето, а и крајот е малку неодреден, одличен за читателот самиот да размисли и да си создаде теорија како би завршила приказната.

Семејни тајни“ – Лијан Моријарти

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 3.5/5
Осврт:
Ова е интересна приказна, бидејќи е нешто помеѓу трилер и семејна драма, има елементи и на мистерија, но пред сè е приказна за едно семејство, нивните меѓусебни односи и колку животот во едно семејство е полн со нијанси, подеми и падови и како секој различно ги навигира своите животи, но и меѓусебните односи.

Приказната го следи семејството Дилејни, и започнува прилично драматично. Џој и Стен со децении се во брак и сите мислат дека се совршен пар, но еден ден Џој исчезнува. Целосно ја снемува и никој не може да ја добие, а Стен не зборува ништо. Нивните четири деца се обидуваат да ја разрешат мистеријата, но по некое време се вмешува полицијата и Стен е главниот осомничен за нејзиното исчезнување, а како што напредува приказната, убедени се дека Џој е мртва и дека Стен ја убил.

Нивните деца се трудат да откријат што се случило, но тоа отвора и други болки и работи од минатото кои тие морат да ги отворат за да ги разрешат, а сето тоа се случува додека секој од нив минува низ свое сопствено животно патување. Сето ова е помешано и со фактот што Џој и Стен се познато тенисерско дуо кое потоа основало своја тенисерска академија, па сето тоа само додава оган во целата драма.

Малку е тешко жанровски да се дефинира, бидејќи некако самата книга не знае дали сака да е повеќе семејна драма или мистерија/трилер, но човек се загрева како што тече читањето… Интересна приказна, интересни ликови и интересна порака има на крајот, дури и ако на моменти раскажувањето е чудно и недоволно дефинирано.

„Чекај ме“ – Пјетро Дејли Антони

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 3/5
Осврт:
Ова е од оние книги што би ги категоризирала како книги за на плажа или за мрзливо попладне. Оваа книга ми падна во очи поради сижето, бидејќи сакам книги во кои дејството или заплетот се поврзани со книги.

Во оваа книга, ја следиме Микола, која е разведена од својот сопруг и некако се наоѓа во некоја неодредена фаза од својот живот. Еден ден додека случајно влегува во една продавница за стари книги, здогледува една книга и ја купува. Кога почнува да ја чита се шокира кога сфаќа дека една од сцените во книгите е буквално сцена од нејзиниот живот, но не во смисла да се пронајде, туку буквално, до детаљ е опишана случка од еден од најважните и најпотресните денови во нејзиниот живот. Таа е збунета и не знае што да мисли, бидејќи остатокот од книгата на ниту еден начин не е поврзан со нејзиниот живот, ниту некако е поврзан со неа. Таа решава да ја открие мистеријата, а додека го прави тоа, ние полека дознаваме каков бил тој ден и зошто е толку важен за неа, зошто нејзиниот брак се распаднал и сето тоа кулминира со крајот кога откриваме како таа книга е поврзана со неа.

Според мене, крајот е малку предраматичен и некако е изнасилен, но книгата е добра за мрзливо попладне поминато со добро кафе и опуштање.

Leave a comment