Погледнете го промотивното видео за новата екранизација на „Оркански височини“!

Кога во септември 2024 година беше објавено дека ќе се снима екранизација на еден од најпознатите романи на сите времиња, веста беше пречекана со неверојатни реакции од сите страни. „Оркански височини“ на Емили Бронте е роман кој и по векови од неговото објавување делува толку актуелно и важно и разработува различни теми, со фокус на главните ликови Кети и Хитклиф.

(официјалниот постер за „Оркански височини“/извор: Wuthering Heights Movie на X)

Мрачната готска драма и љубовна приказна надминува обична љубовна драма и е полна со толку многу нијанси, што е предмет на дебати, анализи и цели книги за темите од романот, меѓу кои се и љубовта, одмаздата, општествените класи и траумите што се пренесуваат со генерации. Затоа и не треба да изненадува тоа што уште од самиот почеток, со самата вест за снимањето на филмот и изборот на главните актери и сите придружни детали, јавноста бурно реагираше и имаше многу жестоки дебати и поделени мислења, но ќе мора да почекаме да го видиме крајниот производ за да видиме каква ќе биде визијата и насоката за оваа екранизација.

Деновиве конечно излезе и промотивниот постер, придружен со првото промотивно видео за филмот, во кој главните улоги ги толкуваат Маргот Роби (Кети) и Џејкоб Елорди (Хитклиф), а режисерка, продуцентка и сценаристка на екранизацијата е Емералд Фенел, која застана зад камерата и за филмовите „Млада жена со голем потенцијал“ (Promising Young Woman) и „Салтбурн“ (Saltburn), додека студиото Warner Bros. застана зад создавањето на филмот.

Филмот ќе ја има својата премиера и ќе започне да се прикажува во кино-салите ширум светот на 14 февруари 2026 година.

Во продолжение погледнете го и промотивното видео за филмот:

Leave a comment