Се подготвува филмска екранизација на „Вознемирени луѓе“ од Фредрик Бакман!

Фредрик Бакман за брзо време стана еден од најчитаните и најбараните писатели од Европа, пробивајќи ги границите на својата родна Шведска, благодарејќи на неговите топли и многу човечки приказни кои се поврзуваат со секој што ги чита. Тој е многу популарен и кај нас, пред сè со книгите како: „Човекот по име Уве“, „Брит-Мари беше тука“, „Секое утро патот до дома е сè подолг и подолг“, „Баба ми ве поздравува и ви се извинува“, „Живот за живот“, „Мечкоград“ и „Сè што син ми треба да знае за светот“.

Вознемирени луѓе“ е исто така една од неговите најпопуларни книги, но и една прекрасна книга која доколку не сте ја прочитале досега, дефинитивно треба да ја фатите во рака, а ако ви треба поттик за тоа, ѕирнете го и текстот „Кои три книги од Фредрик Бакман треба да ги прочитате?“. Приказната за едно ограбување на банка кое на чуден начин се претвора во потрага по изгубен осомничен и еден куп сведоци што се однесуваат чудно е приказна која нема да ја пуштите од рака, бидејќи изобилува со топлина и хумор, но се работи и за еден поширок општествен коментар кој е навистина релевантен.

Во 2021 година беше објавена и мини-серија на основа на книгата, продуцирана и поставена на Нетфликс, која е одлична и веќе ја препорачав на блогот, и дефинитивно треба да ја погледнете доколку не сте го сториле тоа, бидејќи е на оригиналниот јазик на кој е напишана и актерската екипа и сценариото се одлични. Но, со оглед на тоа дека Бакман ги надминува границите и стана многу популарен и во САД, стана дел од стандардната листа на бестселери на „Њујорк Тајмс“ и веќе се направи многу успешна екранизација на „Човекот по име Уве“, и тоа со Том Хенкс во главната улога (филм што исто така го препорачав на блогот), наскоро ќе добиеме и филмска екранизација на „Вознемирени луѓе“, составена од одлична актерска екипа.

Според е-порталот „Дедлајн“, кој најчесто прв ги добива екслузивните објави и информации, главната актерска екипа е составена од Анџелина Џоли, Ејми Лу Вуд („Сексуално образование“, „Белиот лотус“) и Џејсон Сигал (најпознат по улогата на Маршал од „Како ја запознав мајка ви“). Навистина импресивна и ѕвездена екипа, но и екипата зад камерата е составена од одлични професионалци, па така, режисерската палка е во рацете на Марк Форстер, познат по филмовите „Наоѓајќи ја Недојдија“, „Ловецот на змејови“ и „Светска војна З“. Сценариото е адаптирано од Дејвид Меги, кој претходно соработуваше со Форстер на „Наоѓајќи ја Недојдија“ и доби номинација за Оскар за „Животот на Пи“.

Сè уште не се познати многу други детали, освен тоа дека сè погласни информациите дека веќе започнало снимањето, па така веројатно ќе можеме да го очекуваме овој филм следната година, но ќе почекаме за повеќе информации.

Leave a comment