Книжарниците на отворено во Париз – заводливите трговци на умот…

Блез Сандрар ја нарекол Сена „единствената река во светот што тече помеѓу две полици за книги“. Токму Букинистите, или продавачите на книги кои нудат употребувани, половни и антикварни книги, ја прават таква. Денес овие заводливи „трговци на умот“ се позната глетка покрај бреговите на Сена во Париз, возбудлива за оние кои уживаат во потрагата по колекционерски книги и место за туристи и посетители кои бараат потопување во париската улична култура или само сувенир за дома. Букинистите, т.е продавачите на книги, го вршат својот занает покрај десниот брег на Сена од Кејот Лувр до Пон Мари и на левиот брег од Кејот Волтер до Кејот де ал Турнел, нивните тезги се измешани со тезги на дилери на марки, монети, ефемерни и стрипови, како и други кои продаваат стари печатени материјали, гравури и дневници, нудејќи им заслепувачки спектар на половни и колекционерски книги и часови фасцинација за ловците на богатство.

(поглед во книжарниците на отворено во Париз, некаде околу 20 век, извор: Book Addicts)

Се смета дека париските продавачи на книги кои во тоа време биле наречени „библиотекари на отворено“, почнале да нудат употребувани книги покрај бреговите на Сена некаде околу 16 век. Добавувачите на нови книги се однесувале кон нив со непријателство, плашејќи се дека ќе ја поткопаат сопствената трговија. Слично на тоа, градските власти биле сомничави кон книгите што се појавувале во подем. Нивните активности не можеле лесно да бидат предмет на официјална цензура и затоа се сметале за опасни и за потенцијален извор на радикално влијание.

Во 1557 година, за време на религиозните војни, библиотекарите на отворено биле обвинети дека се крадци и дека продаваат забранети протестантски памфлети, што било срамно и вознемирувачко и за владата и за црквата. Нивниот број се зголемувал на почетокот на 17 век, а некои од нив го гледале отворањето на Пон Неф (најпознатиот мост во Париз) во 1606 година како можност за јавни читања, музички забави и претстави на отворено. Во својата книга за историјата за Пон Неф од 1862 година, Едвард Фурне напишал дека „на овој познат мост не му било доволно да биде најразновиден и најголем за поставување изложби на отворено, туку бил и огромна читална… таму имало мноштво книги, а низ парапетите се ширеле во размер од двоен радиус на најголемите библиотеки“. Библиотекарите на отворено често користеле колички за да ги превезуваат своите книжевни производи од место до место и ги продавале од послужавници прицврстени на парапетите на мостовите преку реката со кожни ремени.

(извор: vacances-actives-linguistiques.com)

По серија обиди од страна на властите да ги контролираат нивните активности, наредбата од 1649 година конечно ги забранила тезгите и секое друго изложување книги на Пон Неф, а патувачките продавачи на книги биле протерани од градот и можеле да добијат повторен влез само со лиценца. Забраната траела некое време, но полека продавачите на книги се вратиле на легендарниот Пон Неф и на бреговите на Сена, додека тивко биле толерирани од некои режими, а биле обесхрабрени, прогонувани или отстранети од други. Во 1721 година, Луј V забранил изложување книги под закана од парични казни и затвор, а во 1756 година била забранета секаква трговија на Пон Неф. Под поумерениот режим на Луј XVI, продавачите на книги повторно се вратиле на Сена. За време на Француската револуција, и покрај опасностите од уличната трговија, продавачите на книги во Сена напредувале, а вредната содржина на библиотеките на благородништвото и свештенството, систематски ограбувана од санкилотите, се пробивала до нивните тезги.

Наполеон бил толерантен кон уличните продавачи на книги, кои на почетокот на 19 век почнале да се населуваат на одредени места. Во октомври 1822 година, професијата за прв пат била законски призната, а во 1859 година била воведена концесија која дозволувала трговија со книги на одредени места, но под строги услови. Малку подоцна, во 1891 година, им било дозволено трајно да ги закачат своите продажни штандови на оградите. За време на Светската изложба во Париз во 1900 година, се сметало дека имало околу 200 улични книжарници по бреговите на Сена. Новите мерки во 30-ти години на 20 век го формализирале занаетот на уличните продавачи на книги, барајќи од нив да продаваат исклучиво книги и им било забрането да држат и раководат со втора продавница или да имаат друг штанд на друго место.

(извор: solosophie)

Денес, секоја улична книжарница, а ги има 240, сe простира покрај ограда од десет метри на кејот на Сена и секој закупец плаќа годишна членарина, користејќи некоја од вкупно 900 карактеристични зелени кутии, т.е штандови (големината на кутиите била определена и стандардизирана во 1930 година) за да сместат стотици илјади книги, што се протегаат по должина од три километри од брегот на Сена. Се тврди дека сите тие улични книжарници и книги што се изложени на продажба ја сочинуваат најголемата концентрација на продажба на книги на отворено во светот. Бреговите на Сена во Париз беа прогласени за светско наследство на УНЕСКО во 1991 година.

Извор.

Leave a comment