Препорака: Пет книги за љубителите на крими-романи и трилери! (5)

Трилери и крими-романи се секогаш меѓу најпопуларните жанрови и најбараните книги за читање, бидејќи има нешто во мистериите и интензивните приказни што нè тера да продолжиме да читаме, да бараме одговори и да се потрудиме да ја расплеткаме приказната уште пред да ја завршиме. Па затоа, денес на блогот можете да прочитате нова листа со препораки за читање, трилери и крими-приказни што сигурна сум дека ќе им се допаднат на љубителите на трилери. Книгите што се препорачани на оваа конкретна листа се на основа на редоследот по кој ги читав, а не според тоа која колку ми се допаднала.

Ја слушнавте ли лагата?“ – Ејми Тинтера

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Опис
: Трилерите многу често се мрачни и негативни и многу луѓе не ги сакаат токму заради престрашните сцени и тешката енергија која ги следи. Но, овој роман се издвојува од стандардните романи од овој жанр токму заради лесната енергија и хумористичната жичка која се провејува и го прави дејството полесно, иако темата е сериозна и се врти околу мистеријата за убиството на Савана, пријателка на Луси, која всушност е главната осомничена за нејзиното убиство.

Пет години пред дејството на книгата да започне, телото на Савана е пронајдено во близина на еден ресторан, а нешто малку потоа Луси е пронајдена како лута изгубена, боса и целата излепена во крв. Набрзо таа станува главна осомничена, иако таа тврди не се сеќава на ништо од таа вечер, но никој не ѝ верува. Сепак, поради недостаток на докази, таа никогаш не е формално обвинета.

Пет години подоцна, еден водител на подкаст кој истражува нерешени убиства решава да го разгледа случајот за својот подкаст и сите духови од минатото се враќаат назад, а Луси се враќа во нејзиното градче во надеж дека можеби и таа ќе добие одговори. Но, не е лесно да се вртатиш во град во кој сите те осудуваат и те гледаат како убиец. Одлична книга, интересна, се чита во еден здив, а покрај тоа пишувањето е лесно и Луси е многу интересен лик, саркастична, со одлична смисла за хумор, што ја прави книгата со малку полесна енергија и не е толку мрачна. Топла препорака!

Клубот на убиства во четврток“ – Ричард Осман

Издавачка куќа: КУЛТУРА
Опис:
Сосема случајно дознав за оваа книга и тоа токму за ова издание на македонски јазик, откако дознав дека ќе има екранизација на истиот на Нетфликс. Кога слушнав за филмот, не знаев дека е направен според книга, па така додека чекав на каса во книжарницата „Сакам книги“, случајно погледот ми застана на насловот и решив да ја земам и да ја прочитам. Оваа книга ќе им се допадне на сите љубители на мистерии и трилери. Се работи за многу забавна книга, но не е многу мрачна и исполнета е и со многу хумор.

Дејството е сместено во едно британско село за пензионери во кое живеат исклучиво постари лица и е изградено да биде како заедница за пензионери. Меѓу сите што живеат таму, четворица жители имаат создадено еден своевиден „Клуб на убиства“ кој се состанува еднаш неделно, во четврток, за да дискутираат за стари и нерешени убиства и се трудат да најдат докази и информации за да помогнат во нивното решавање. Но, она што е нивно хоби и дискусија, одеднаш се претвора во нешто сосема поинакво кога во нивната околина се случува убиство, а убиениот човек е некој што сите го познаваат. Тие се цврсто решени да ѝ помогнат на полицијата при решавање на случајот. Сите четворица се сосема различни луѓе и секој има многу специфичен карактер.

Книгата изобилува со многу хумор и забава, покрај сериозниот тон и истражувањето. Ликовите се одлично изградени и сигурно ќе се поврзете со секој од нив. Освен наративната форма на раскажувањето, делумно дознаваме за приказната и преку дневникот на една од членките на клубот, Џојс, која всушност последна се приклучува на клубот. Одлична книга и ќе ја прочитате во еден здив.

Како убиваат добрите девојки“ – Холи Џексон

Издавачка куќа: МАТИЦА
Опис
: Решив да ја прочитам оваа книга откако дознав дека излезе истоимената серија снимена според книгата. Се работи за една многу интересна мистерија, која ќе им биде интересна на помлади, но и на постари читатели.

Главен лик во книгата е матурантката Пип која треба да истражува одредена тема за својот матурски есеј. Таа, на негодување на многумина, одлучува да го истражува мистериозното, чудно исчезнување и убиство на популарната Енди Бел. Иако нејзиното тогашно момче е осомничено за делото, а потоа мистериозно се самоубива без воопшто да остави порака, сепак Пип има чувство дека некои работи немаат логика и има желба да навлезе малку подлабоко во целата тема. Како што навлегува во истрагата и потрагата по одговори, Пип и самата се вплеткува во една мрежа од лаги и интриги кои ќе се покажат и како многу опасни.

Многу интересна книга, ќе ја прочитате во еден здив, особено ако сте љубители на трилери и крими-мистерии. Пип е интересен лик, млада девојка која решава својата љубопитност да ја искористи за да направи добро дело, дури и кога тоа значи дека некогаш нејзината љубопитност ја става во опасни ситуации.

Тивок оган гори – Пола Хокинс

Издавачка куќа: ТОПЕР
Опис:
Пола Хокинс се стекна со светска слава со нејзиниот роман „Девојката во возот“ кој стана бестселер и дури беше снимена и популарна филмска екранизација. Таа се проби на книжевната сцена како авторка на интензивни трилери кои човек не може да ги испушти од рака. Иако морам да признаам дека „Девојката во возот“ не ми легна баш најмногу, „Тивок оган гори“ беше роман што го прочитав на едно седнување и со сигурност ќе им се допадне на љубителите на трилери и мистерии.

Приказната започнува со тоа што една жена го открива безживотното тело на еден маж на бродот на кој живеел одредено време. Оттаму, полицијата го презема случајот и дознава дека последната вечер ја поминал со Лора, млада девојка која е малку изгубена во животот и многумина ја сметаат за чудна. Кога полицијата оди да зборува со неа, забележува дека ја повредила раката, но таа дава некаков изговор што прави полицијата да почне да се сомнева во неа, особено во прилог на останатите чудни околности. Од друга страна, тука е Карла, тетката на момчето што е пронајдено мртво и нејзиниот сопруг кој всушност ја видел Лора како си заминува во патеката која води кон бродот. Но, Лора сепак не е сама, бидејќи старицата на која таа ѝ врши некои работи за мал надомест се труди да ѝ даде поддршка. Приказната е раскажана од неколку гледни точки и сфаќаме како многу од животите меѓусебно се испреплетуваат, а вистината е многу покомплицирана отколку што изгледа.

Баскервилскиот пес“ – Артур Конан Дојл

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Опис
: И секако, меѓу трилерите и мистериите што ги читав, не можев да оддолеам и на стар, добар класик, една од приказните и случаите на најпознатиот детектив на сите времиња – Шерлок Холмс! Во оваа епизода од авантурите на Шерлок Холмс, се запознаваме со чудната клетва и мистерија за Баскервилскиот пес, легенда која го следи семејството Баскервил со генерации.

Кога и Чарлс Баскервил, последниот сопственик на куќата умира, судејќи според доказите од природна смрт, неговиот доктор доаѓа кај Шерлок и му го раскажува целиот случај, велејќи дека и покрај тоа што нема траги на насилство, во близината на телото е пронајдена трага од стапало на огромен пес и тогаш му ја раскажува легендата за Баскервилскиот пес и го замолува Шерлок Холмс да ја го истражи целиот случај. Покрај докторот, и новиот сопственик и наследник не се чувствува толку удобно и смета дека има нешто во оваа стара семејна легенда.

Додека Шерлок решава да остане во Лондон да следи некои траги, тој го испраќа неговиот верен придружник Вотсон заедно со новиот сопственик на имотот, да го разгледа местото и да го извести доколку забележи нешто сомнително. Оттука почнува да се развива една мистерија која цело време ќе ве тера да погодувате. Како и со останатите приказни за Шерлок и оваа ќе ја прочитате во еден здив, според мене е најинтензивната приказна и случај на Шерлок, особено со навестувањата за натприродни сили.

Одлична книга!

Leave a comment