Како Хенри Дејвид Торо го обликувал современиот концепт на граѓанска непослушност?

Хенри Дејвид Торо е познат американски мислител и филозоф роден во 1817 година. Неговото најпознато дело е „Валден“, но кога имал 32 години тој напишал есеј кој фундаментално влијаел на протестите во дваесеттиот век и кој денес се смета за едно од најважните четива за оние кои ги студираат општествените и политички науки. Доколку ве интересираат повеќе детали за неговиот живот, прочитајте го текстот „Интересни факти за Хенри Дејвид Торо“, а денес на блогот прочитајте повеќе за едно од неговите најважни дела, инспириран од текстот на Кет Ешнер за е-магазинот „Смитсонијан“.

(извор: Hulton Archive/Getty Images)

Есејот „Граѓанска непослушност“, првично насловен како „Отпор кон граѓанската влада“, бил напишан откако Торо поминал една ноќ во затворот во Конкорд, Масачусетс – активност што веројатно ќе инспирира секого на граѓанска непослушност. Причината за неговото затворање е нешто што филозофот го сметал за подеднакво досадно: тој цели шест години не го плаќал својот данок на посед, редовен данок што секој морал да го плати.

Но, за Торо тоа не било само избегнување обврска. „Тој не го платил данокот во знак на простест против постоењето на ропството и против она што го сметал за империјалистичка војна со Мексико“, се вели во записите на Конгресната библиотека на САД. Тој бил ослободен кога една негова роднина го платила данокот наместо него, и после ова тој продолжил да го пишува масовно цитираниот есеј кој ја вклучувал реченицата „Под власта која неправедно затвора секого, вистинското место за праведен човек е исто така во затвор“.

Иако реченицата: „Од срце го прифаќам мотото ‘Најдобрата власт е онаа што најмалку владее’“, е исто така добро позната, токму неговата насока на размислување за правдата, коjа се врти околу премисата дека совеста може да биде повисок авторитет од власта, остави голем впечаток на лидерите за граѓански права како Мартин Лутер Кинг и Махатма Ганди.

„Торо беше првиот Американец што ја дефинираше и ја користеше граѓанската непослушност како средство за протест“, напиша Брент Пауел за списанието на Организацијата на американски историчари. Тој ја започна традицијата на ненасилни протести што Кинг многу подоцна ја продолжи. Но, имаше посредник во нивниот контакт: Ганди, кој рекол дека идеите на Торо „многу влијаеле“ врз неговите идеи за протестот.

Но, според пишувањата на Ричард Ленат, член на „Друштвото Торо“, овие познати личности не се единствените кои се инспирирале од борбениот повик на Торо, велејќи дека есејот сам по себе „има повеќе историја отколку што многумина претпоставуваат“.

Идеите на Торо за граѓанската непослушност првпат се прошириле некаде на почетот на 20 век, благодарение на Хенри Солт, англиски социјален реформатор, кој му ги претставил овие идеи и на Ганди, а според книжевниот истражувач Валтер Хардинг, и рускиот автор Лав Толстој бил важен за ширењето на тие идеи низ континентална Европа. Хардинг во своите истражувања и написи вели дека „за време на Втората светска војна, многу од антинацистичките активисти на отпорот, особено во Данска, го „усвоиле“ есејот на Торо како еден вид прирачник за отпор и го користеле многу ефикасно“.

Според Хардинг, во Америка, анархисти како Ема Голдман ги користеле тактиките на Торо за да се спротивстават на регрутацијата во Првата светска војна, а тие тактики повторно биле искористени од пацифистите од ерата на Втората светска војна. Но, дури откако се појавил Мартин Лутер Кинг, есејот навистина се проширил и истакнал во САД. Меѓу останатите што се инспирирале од Торо и користеле дел од неговите идеи и ги прилагодиле на новите времиња, биле и демонстрантите кои протестирале против Виетнамската војна, но и други групи што се бореле за општествени и политички прашања.

Хардинг вели дека и покрај ова подоцнежно глобално влијание, Торо бил „игнориран за време на својот живот“. Според научничката Барбара Л. Пакер, дури и не се знае точно кој ги плаќал даноците во негово име. Во едно интервју, 50 години по инцидентот, затворскиот чувар од тие денови кога писателот бил во затвор, се сетил дека таа вечер тој штотуку стигнал дома кога еден гласник му кажал дека се појавила жена, облечена во превез, со „данокот на г-дин Торо“. Образложувајќи ја оваа анегдота, Паркер пренесува:

„Не сакајќи да се потруди да ги отклучи затворениците кои штотуку ги затворил, [затворскиот чувар] чекал до утрото за да го ослободи Торо и тој подоцна рекол: Торо „беше ифрит лут кога го пуштив на слобода“.

Извор.

Leave a comment