Промоција на „Совршен поет“ – собрана поезија на Игор Исаковски!

Издавачката куќа „Или-Или“ летово најави дека во соработка со семејството на Игор Исаковски подготвува едно сеопфатно издание кое ќе ја содржи собраната поезија на прерано починатиот поет, кој нѐ напушти на 15 декември 2014 година. Игор Исаковски е можеби еден од најзначајните и најпознатите современи македонски поети, чија оригинална, интензивна и неверојатно силна и емотивна поезија направи тој лесно да се поврзе со македонските читатели и веста дека поезијата конечно ќе ја имаме на едно место и во едно издание е навистина за поздрав!

Во таа насока, изданието со наслов „Совршен поет“ е веќе испечатено, токму навреме за одбележување на годишнината од неговото раѓање (19 септември) и можете да го нарачате преку интернет или во книжарницата „Или-Или“, а со цел соодветно да се промовира изданието и истовремено да се одбележи годишнината од неговото раѓање, во петок (19 септември), со почеток од 20 часот, во кафе-книжарница „Буква“ ќе се одржи промоцијата на ова капитално дело што се протега на 700 страници и го содржи севкупното поетско творештво на Игор Исаковски.

За повеќе информации, следете го официјалниот настан на Фејсбук и официјалната Фејсбук страница на „Или-Или“.

Leave a comment