Романот „Господарот на мувите“ од Вилијам Голдинг првпат бил објавен на 17 септември 1954 година и денес нашироко се смета за класик. Доколку не сте го прочитале овој роман, во текстот „Зошто треба да ја прочитате „Господар на мувите“ од Вилијам Голдинг?“ можеби ќе најдете инспирација зошто треба да ја прочитате оваа книга. Грег Меккевит за Би-Би-Си пренесува како каналот на Би-Би-Си наречен „Низ историјата“ се осврнува на тоа како приказната на Голдинг за англиските ученици и нивното вртоглаво слизнување кон варварството за малку избегнала да биде фрлено во канта.

„Пишувај за она што го знаеш“ е совет што често им се дава на амбициозните автори, а „Господарот на мувите“ е спектакуларен пример за тоа како клишеата сè уште можат да содржат суштински вистини. Наставник во училиште за момчиња кој бил сведок од прва рака на нечовечноста на Втората светска војна, Вилијам Голдинг го кондензирал ова знаење и искуство во својот дебитантски роман, навидум едноставна приказна за момчиња кои по една несреќа остануваат заглавени на пуст остров и се приклонуваат кон дивјаштво. Неговата субверзија на познатиот заплет за „заглавување на пуст остров“, продолжи да се поврзува со генерации читатели и служи како мрачно предупредување дека злото на нацистичка Германија може да се повтори насекаде.
„Господар на мувите“ првпат бил објавен неколку дена пред Голдинг да наполни 43 години. Неговата голема идеја била злокобно модерно преосмислување на познатата приказна „Коралниот остров“ на Р.М. Балантајн од 1857 година, приказна за дрскост во која група британски ученици кои преживеале бродолом населуваат пуст остров, претворајќи го во игралиште за забава и игри. Голем дел од неговиот оригинален ракопис бил рачно напишан на тетратки за време на часовите. Тој дури и работел на романот за време на часовите, додека неговите ученици биле зафатени со своите учебници. Неколку од нив имале задача да го избројат бројот на зборови (по страница) што ги напишал.
Во 1953 година, Голдинг го испратил својот роман до девет издавачи и сите тие го отфрлиле. Непоколеблив, тој го понудил ракописот на „Фабер и Фабер“, една од најпрестижните лондонски издавачки фирми. Ракописот паднал во рацете на Чарлс Монтеит, помлад уредник кој работел во издавачката куќа само неколку месеци. Знаците не биле ветувачки.
Апсурдно и неинтересно
Тој во 1984 година за емисијата „Обележувачот“ на Би-Би-Си во изјавил: „Веќе постоеше едно посебно нешто што можев да го забележам, а тоа беше изморениот, изветвен стар ракопис што веќе бил кај многу издавачи пред да стигне до нас, а овој ракопис беше токму таков. Се работеше за голем пожолтен ракопис со страници што почнуваа да се виткаат, со една или две дамки од шолји што биле ставани на него, или чаши за вино, и капки од кафе и чај, и беше врзан во прилично депресивен, влакнест кафеав картон, и имаше кратко, формално пропратно писмо.“
Една од професионалните читателки на издавачот веќе го изнела својот став за ракописот на Голдинг, отфрлајќи го како „апсурдна и неинтересна фантазија“. Заедно со заокружено R за „отфрлање“ (Rejection, м.з), таа напишала: „Ѓубре и досадно. Бесмислено.“
За среќа на Голдинг, Монтеит ѝ дал уште еден обид на книгата и одлучил да ја спаси од заборав. Тој рекол: „Ѕирнав во ракописот и морам да кажам дека воопшто не ме привлече на почетокот, но сепак продолжив и на крајот бев апсолутно воодушевен од него. И тогаш реков дека „мора да го сфатиме ова сериозно“.
Тој ги убедил „Фабер и Фабер“ да ја објават книгата, но Голдинг прво морал да направи некои значајни промени во текстот. Исто така, нејзиниот оригинален наслов, „Странци одвнатре“, морал да биде променет. Според биографот на Голдинг, професорот Џон Кери, оригиналниот ракопис бил религиозен роман кој бил „драстично различен од романот „Господарот на мувите“ што го прочитале повеќето луѓе“.
Капацитет за зло
Зборувајќи за документарецот „Соништата на Вилијам Голдинг“ во 2012 година, Кери рекол дека авторот станал длабоко религиозен по Втората светска војна, кога служел на разорувач на Кралската морнарица, но ревизиите на неговиот уредник Монтеит ги отстраниле овие елементи. „Голдинг отстапуваше, отстапуваше, отстапуваше, сè додека она што излезе на крај не беше роман кој е секуларен; не зазема ниту претпоставува никаква натприродна интервенција“, рекол тој.
Искуството на Голдинг со војната му дало длабоко чувство за капацитетот на човекот за зло и разочарување од идеалистичката политика од неговиот ран живот. „Господар на мувите“ бил неговото предупредување дека нацизмот што ја зафати Германија во 30-ти години на 20 век може да се случи во која било цивилизирана земја. Зборувајќи во „Шоуто на Саут Бенк“ во 1980 година, тој објаснил како војната го преобразила неговиот став кон човечката природа.
„Едноставно се промени затоа што, малку по малку, откривме што правеле нацистите. Еве ја оваа високо цивилизирана раса на луѓе кои правеа, како што ние постепено откривавме, невозможни работи. Се сеќавам, во тие денови, си велев: „Да, па, имам нацист во мене; под соодветни околности, можев да бидам нацист“.
Малку по малку, како што откривав сè повеќе и повеќе од она што се случувало, тоа навистина го промени мојот поглед за тоа за што се способни луѓето, а со тоа и каква е човечката природа. Така што политичките лекови, ако сакате да ги наречеме така, ми се чинеа како да паѓаат со лицето на земја, пред оваа способност за еден вид апсолутно зло што човекот ја има.“
Иако „Господар на мувите“ беше критички успех, дури по објавувањето на американското издание, а особено на мекиот повез во 1959 година, Голдинг стана меѓународен автор на бестселери и почна да заработува големи суми од авторски права. Успехот му овозможил да ја напушти својата работа како наставник и да стане писател со полно работно време. „Не ми се допаѓаше систематската страна на наставата; „Не сум многу систематска личност“, признал тој за „Барактер“ во 1984 година.
За својот статус како книжевен „доцнорастечки“ човек, тој рекол дека неговиот пробив дошол кога сфатил дека мора да престане да ги имитира другите писатели. „Дури кога наполнив 37 години, претпоставувам, ја сфатив големата вистина дека мора да пишуваш свои книги и ничии други, а од оваа појдовна точка следеше сè останато“, изјавил тој за „Монитор“ во 1959 година.
Еден млад обожавател на „Господар на мувите“ бил и романописецот Стивен Кинг, кој ја позајмил книгата од мобилна библиотека откако побарал нешто за „какви се всушност децата“. Тој за „Арена“ во 2012 година изјавил: „Бев целосно воодушевен од приказната уште од самиот почеток затоа што беше како приказна за момчиња, оние на кои бев навикнат. Разликата беше што момчињата беа вистински момчиња – тие се однесуваа онака како што јас сметав дека се однесуваат момчињата.“
Раскажувач од почеток до крај
Кинг продолжи да поставува неколку приказни во измислениот град Касл Рок, кој го именуваше по планинската тврдина на Џек во „Господар на мувите“. Од култната приказна „Плажата“ до драмата за тинејџерски канибализам „Жолти јакни“ преку задолжителната пародија на Симпсонови, „Господар на мувите“ стана камен-темелник на поп-културата. Книгата беше двапати прилагодена за филм во 1963 и 1990 година, а телевизиската екранизација на Би-Би-Си од сценаристот Џек Торн во 2024 година се снимаше во Малезија.
Оригинален и длабоко имагинативен автор, Голдинг продолжи да пишува книги за последните денови на неандерталците, морнар заглавен на атлантска карпа и изградбата на кула на средновековна катедрала. Во 1983 година, тој беше награден со Нобелова награда за литература „за неговите романи кои, со прецизноста на реалистичната наративна уметност и разновидноста и универзалноста на митот, ја осветлуваат човечката состојба во денешниот свет“.
За Голдинг, тајната на неговиот успех самата по себе била речиси клише. Тој за „Обележувач“ во 1984 година изјави: „Јас сум и на дното и на врвот, раскажувач од почеток до крај. Она што ми е важно е дека ќе има приказна со почеток, средина и крај“.
