Македонска поезија: „Петок“ од Игор Исаковски!

На денешен ден во 1970 година се родил еден од најпознатите и најзначајните современи македонски поети – Игор Исаковски. По повод годишнината од неговото раѓање, денес во „Буква“ ќе се одржи и промоција на „Совршен поет“ – собрана поезија на Игор Исаковски! Во чест на годишнината од раѓањето на Исаковски и новото издание, денес на блогот ги читаме неговите стихови!

Петок – Игор Исаковски

мислам беше петок
кога реши да заминеш: ден потоа
беше некој викенд ден –
сите беа наместено весели
насекаде светкаа шминки и чаши…

мислам беше петок: на ТВ –
хорори и политичари во живо. радио:
испран џез, блед рок…беше петок:
сѐ беше против моето останување
дома, кога реши да заминеш.

можеби беше и четврток, кој ќе го знае:
излегувам кога ќе ми дојде, се враќам
со денови подоцна. па се сеќавам:
шминки, чаши…и не заборавам дека реши –
со прецизен рез – да се одмориш од мене.

денеска не е петок: недела е. се готват супи,
се печат меса, негде залетува и по некој крем.
денеска си зготвив чај. од портокали, сонце…
скршен ми е прстот, прозорецот ширум отворен.
во недела, само од мојот стан се слуша музика.

Leave a comment