Пабло Неруда е еден од најпознатите поети на сите времиња, добитник на Нобеловата награда за книжевност и исклучително влијателна личност во историјата на Чиле. Денес на блогот имате можност да погледнете едно одлично видео создадено од ЈуТуб каналот „Сизиф 55“ во кое се изложуваат фактите на неговиот бурен живот, комплицирана и контроверзна лична историја, но и неговото влијание во книжевниот и политчкиот свет. Во продолжение прочитајте го текстот на македонски јазик, а најдолу погледнете го и самото видео.

(извор: El Viejo Topo)
Пабло Неруда се родил во 1904 година, во едно место кое било оддалечено 350 километри од Сантијаго. Тој бил пораснал во работничко семејство, мајка му била учителка која починала набрзо по неговото раѓање, а татко му бил вработен во железницата. Неруда почнал да покажува интерес за пишувањето на свои десет години, на негодување на неговиот татко.
Тој користел зелено мастило за да изрази надеж и желба и воглавно пишувал за работите што ги сакал. На 13 години ја објавил својата прва творба, „Entusiasmo y perseverancia“ („Ентузијазам и истрајност“), која се појавила во локалниот весник, привлекувајќи го вниманието на идната добитничка на Нобеловата награда за книжевност, Габриела Мистрал, која секогаш го поддржувала неговото творештво. Некаде околу тој период, Неруда всушност го присвоил својот псевдоним Пабло Неруда, име кое денес сите го знаеме, а неговото вистинско име е Нефтали Рикардо Рејес Басоалто. Ова го сторил за да може да го скрие своето пишување и творештво од неговиот татко.
Подоцна се преселил во Сантијаго со надеж дека ќе стане учител. Но, додека бил на студии, тој го посветувал речиси целото свое време на пишување поезија и набрзо одлучил дека тоа е она што навистина го сака. За среќа, тој го сретнал високопочитуваниот издавач Дон Карлос Насименто, кој бил импресиониран од збирката „Дваесет љубовни песни и една песна за очајот“ и благодарение на него, оваа стихозбирка била објавена и до ден денес е најпродаваната книга на шпански јазик.
За жал, и покрај неговиот успех, Неруда на свои 20 години живеел во сиромаштија. За ги подобри своите околности, тој одлучил да се вработи во администрацијата како јавен службеник и неколку пати ја менувал позицијата и работел во Рангун, Коломбо, Батавија и Сингапур. Покрај фактот што тогаш ја запознал неговата прва сопруга, овој период за Неруда бил обележан со силно чувство на изолација и умствен стрес и тој читал многу надреалистична поезија за да се справи со овие чувства.
На крај се вратил во Чиле, но не за долго. Набрзо добил дипломатска служба во Буенос Аирес, Аргентина, па потоа и во Шпанија и на крај и се преселил во Мадрид. Ова само дополнително придонело да го прошири својот книжевен апетит, бидејќи во Шпанија се придружил на широк круг на интелектуалци. Во тоа време се родило неговото единствено дете, ќерка по име Мелва Марина. Мелва страдала од хидроцефалус и Неруда целосно ја напуштил, оставајќи ја својата ќерка на згрижувачко семејство од Холандија. Во овој период тој ја напуштил и својата сопруга за да започне врска со аргентинска уметница која била 20 години постара од него. Неговата ќерка починала кога имала само девет години и тој многу подоцна дознал за нејзината смрт.
Шпанската граѓанска војна започнала додека тој сѐ уште бил во Шпанија и во овој период тој станал изразено политички активен и до крајот на животот се нарекувал себеси комунист, а за оваа нагла промена најмногу придонела веста дека силите на Франко го погубиле неговиот драг пријател, поетот Федерико Гарсија Лорка. Благодарение на неговата дипломатска служба, тој успеал да спаси околу 2000 бегалци од војната, а тоа го сторил со тоа што успеал да внесе што е можно повеќе луѓе на товарниот брод „Винипег“.
По кратката функција во Мексико, каде бил назначен за генерален конзул, Неруда се вратил во Чиле и почнал да изразува големи симпатии кон СССР, пишувајќи неколку песни, меѓу кои и „Песна за Сталинград“, и дополнително многу го фалел Сталин и неговите политики. Тој дури и бил избран за комунистички сенатор на некои северни провинции во пустината Атаками. Додека бил сенатор, тој најмногу протестирал и се бунел за третманот што го добивале чилеанските работници. Ова е најдобро претставено во неговиот говор „Јас обвинувам“, говор што го одржал во Сенатот, во кој ги читал имињата на оние што биле затворени откако се побуниле против условите за работа на малолетниците. По овој контроверзен говор, Неруда почнал да добива закани дека ќе го уапсат и ќе го отстранат од неговата позиција, а Комунистичката партија била забранета, па Неруда избегал од Чиле, патувајќи низ Јужна Америка на коњ.
Кога стигнал во Буенос Аирес, тој го искористил фактот дека тој и неговиот пријател Мигел Астурија физички си наликувале еден на друг, па успеал да замине за Европа со пасошот на Астурија. Таму го запознал Пикасо и еден куп други интелектуалци од тоа време и поминал три години патувајќи низ Европа и Азија.
За жал, во овој период неговото здравје почнало да се влошува и од чилеанската пејачка Матилде Рутија било побарано да се грижи за него, па набрзо тие двајца започнале тајна врска. Истовремено, нелегалната Комунистичка партија на Чиле ја објавила неговата стихозбирка „Сеопшта песна“, која ја опишува историјата на Јужна Америка преку лирска поезија. Кога повторно се вратил дома, Неруда се вратил во едно понадежно Чиле. Социјалистичкиот кандидат Салвадор Аљенде бил првиот избран социјалистички претседател на Чиле и наскоро Неруда бил назначен за амбасадор на Чиле во Франција. Набрзо потоа ја добил и Нобеловата награда за книжевност за неговото творештво за време на граѓанската војна.
На 11 септември 1973 година, озогласениот преврат поддржан од американските сили го заменил Аљенде со генералот Пиноче, воспоставувајќи воена диктатура и со тоа се урнале надежите за создавање на социјалистичко Чиле. Во овој период, на Неруда му бил дијагностициран рак на простата. Тој бил главна мета на ЦИА и неговите куќи биле детално претресувани од војската на Пиноче. Според кажувањата, Неруда рекол: „Гледајте колку сакате, тука има само една опасност за вас – поезија“.
Смртта на Пабло Неруда и денес се смета за мистерија. Иако во официјалните записи стои дека починал од инфаркт, 12 дена по превратот, според некои извори, шест часа пред да почине, докторот му вбризгал инјекција во стомакот и всушност го отрул по наредба на чилеанската власт. Некои веруваат дека Пиноче се плашел дека Неруда планирал да воспостави неофицијална влада во Мексико со цел да му се спротистави на неговиот режим. Некои неодамнешни истражувања укажуваат на тоа има можност дека лабораториски создадена бактерија била искористена за да го усмртат Неруда.

(извор: Би-Би-Си)
Филозофијата и творештвото на Пабло Неруда
Една од најистакнатите теми во поезијата на Неруда е осаменоста, бидејќи за Неруда, отуѓеноста и изолираноста се илузија која мора да биде надмината преку уметноста и творештвото. Голем дел од неговото творештво се фокусира на откривање на поврзаноста меѓу природата, луѓето и апстрактното. Овие граници се надминуваат кога се обидуваме да го изразиме нашето искуство и да го споделиме со другите:
Не постои непремостлива осаменост. Сите патеки водат кон истата цел: да им пренесеме на другите што сме ние. И мора да поминеме низ осаменост и тешкотии, изолација и тишина за да стигнеме до волшебното место каде што можеме да танцуваме.
Тоа се ентузијазмот и истрајноста што тој често ги опишува како неопходни елементи за создавање на добра уметност.
Љубовта и страста се исто така централни состојки во неговото прифаќање на меѓуповрзаноста:
Те сакам без да знам зошто, како или од каде.
Те сакам едноставно, без проблеми или горделивост:
Те сакам на овој начин бидејќи
не знам друг начин на љубење, туку само овој.
За Неруда, љубовта е најголемата животна мистерија, способна да нѐ спаси од илузијата на осаменоста.
Сепак, Неруда се фокусира и на она што води кон љубовта, се фокусира и на поширокиот аспект од искуството само по себе. Копнежот е елемент кој е навлезен во секој стих од неговата поезија. Спојувањето и разделувањето е интегрален дел од романсата и ова е причината поради која неговата збирка „Дваесет љубовни песни и една песна за очајот“ започнува со описот на физичкото присуство на саканата, нејзината коса, мирис, кожа и завршува со прифаќањето на нејзиното отсуство. Но, Неруда наоѓа многу убавина во копнежот:
Вечерва би можел да ги напишам најтажните стихови.
Да напишам, на пример:
„Ноќта е ѕвездена,
треперат модри ѕвезди во далечината“.
„Ноќниот ветер кружи на небото
и пее.“
Вечерва би можел да ги напишам најтажните стихови
Ја сакав, а понекогаш и таа мене ме сакаше мене.
Страста на Неруда се протега и подалеку од она што го чувствувал за жените. Тој имал ненадминат сензорен интерес за природата, особено за флората и фауната на Чиле.
Морска планина лета
кон островите, месечина
од птици што се движат кон југ,
над ферментираните острови
на Перу.
Тоа е жива река од сенка,
комета од безброј
ситни срца
кои го затемнуваат сонцето на светот
како метеор со дебела опашка
што пулсира кон архипелагот.
Како што стареел, така и творештвото на Неруда станувало сѐ повеќе политичко. Неговата „Сеопшта песна“ ја објаснува историјата на Јужна Америка, се работи за лирска епоха на отпорот, опишувајќи ги животните и растенијата во Јужна Америка, но раскажува и за животите на потчинетите и опресираните. Неговата прониклива употреба на прекрасните пејсажи на Јужна Америка е во насока на истакнувањето на насилната опресија и потчинетостa која една таква прекрасна земја требала да ја издржи и да ја истрпи и го остава читателот со длабоко чувство за неправдата и трагедијата.
Авторитаризмот е уште една постојано антагонизирачка сила во животот на Неруда. По неговото искуство со режимот на Франко во Шпанија, Неруда ја користел својата платформа за да го крене гласот против подемот на диктатурите. Ова се одразува преку оддалечувањето од неговиот поромантичен стил на кој му одговара во неговата поема „Да расчистам неколку работи“:
И ќе прашате: зошто неговата поезија
не зборува за соништата и лисјата
и големите вулкани на неговата родна земја?
Дојдете и видете ја крвта на улиците.
Дојдете и видете ја
крвта на улиците.
Дојдете и видете ја крвта
на улиците!
Секако, Неруда бил далеку од совршен човек. Иако се одрекол од Сталин во подоцнежните години на неговиот живот, никогаш целосно не се посветил на одрекување на репресијата на дисидентските писатели во СССР.
Творештвото на Неруда неодамна повторно беше анализирано и критикувано за сексистичкиот третман на жените. Една песна на Неруда дури и референцира неконсензуален сексуален однос, каде тој силувал една слугинка која работела за него.
По одлуката на Комитетот за култура да се преименува аеродромот во Сантијаго и да го носи името „Пабло Неруда“, многу чилеански феминистки излегоа да протестираат против одлука.
Неруда бил далеку од совршен човек и како ќе биде толкувано и гледано неговото наследство е одлука на народот на Чиле, но тој бил комплициран човек опседнат со љубовта кон сѐ што е убаво и чисто и кому му се гадело од историските неправди кои ја обликувале Латинска Америка. Неруда и самиот бил обликуван од историските настани во кои и тој учествувал, и преку неговите херојски дејства за време на граѓанската војна во Шпанија, но и преку отсуството на критика кон советската репресија. Тој бил романтичар посветен на љубовта, но ја напуштил неговата болна ќерка, која била производ на неговата сопствена страст.
„Сизиф 55“ во видеото вели дека според него, овој контекст само дополнително му помага на читателот за подобро да ги искуси прогонувачки убавите и трагични стихови во неговата поезија. Човек заробен во историјата, копнеејќи по повеќе, полн со живот и тага.
Во продолжение погледнете го целото видео:
