10 заповеди на Бертранд Расел за среќен живот!

Бертранд Расел е еден од најистакнатите англиски филозофи и интелектуалци од 20 век. Неговите размислувања и денес се чинат многу актуелни и релевантни, неговите аформизми нашироко се цитираат и споделуваат. Досега на блогот сме пишувале за неговите размислувања околу тоа што е неопходно за среќен живот, како и 10 заповеди на Бертранд Расел за живеење во здрава демократија, а денес на блогот читаме еден одличен текст објавен на Open Culture за неговите 10 заповеди за среќен живот.

(извор: J. F. Horrabin, via Wikimedia Commons)

Бертранд Расел можеби го поминал својот долг живот занимавајќи се со големи теми од логиката, математиката, политиката и општеството, но тоа не го спречило сериозно да размислува за тоа како да се справи со своите секојдневни врски. Тоа не значи дека се справил со секоја таква врска со совршена леснотија: имајте ги на ум неговите три разводи, од кои првиот бил формализиран во 1921 година, кога се оженил со својата љубовница Дора Блек. Поседувајќи слични боемско-реформистички идеали, а набрзо добиле и две деца – двојката го основала експерименталното училиште Бикон Хил во 1927 година, со намера да го поттикне развојот на своите млади ученици не само како идни мислители, туку и како целосни човечки суштества.

Неколку години подоцна, Расел ги објавил своите лични „десет заповеди“ во списанието за култура наречено Everyman, а можете и да го прочитате целосно во ова издание на Russell Society News од 1978 година. (Одете на страница 5.)

„Секој, претпоставувам, има свој список на доблести што се обидува да ги практикува, и кога не успева да ги практикува, чувствува срам сосема независно од мислењето на другите, барем што се однесува до свесната мисла“, пишува тој како вовед. „Се обидов да ги ставам доблестите што би сакал да ги поседувам во форма на декалог“, наведени до продолжение:

1. Не лажете се себеси.
2. Не лажете ги другите луѓе освен ако тие не вршат тиранија.
3. Кога мислите дека е ваша должност да нанесете болка, внимателно испитајте ги вашите причини.
4. Кога посакувате моќ, внимателно запрашајте се и размислете зошто ја заслужувате.
5. Кога имате моќ, користете ја за да им помогнете на луѓето да се искачат нагоре, а не да ги ограничите.
6. Не обидувајте се да живеете без суета, бидејќи тоа е невозможно, туку изберете ја вистинската публика од која ќе барате восхит.
7. Не размислувајте за себе како за целосно самостојна единка.
8. Бидете доверливи.
9. Бидете праведни.
10. Бидете добронамерни.

Во целиот текст, Расел го разработува размислувањето зад секоја од овие доблести. „Кога сакате да верувате во некоја теолошка или политичка доктрина што ќе ви го зголеми приходот, ако не сте многу внимателни, ќе им дадете многу поголема тежина на аргументите што одат во ваш прилог отколку на оние против“: оттука е важно да не се лажете себеси. Кога станува збор за лажење на другите, не само што владите треба да им ја кажуваат вистината на своите граѓани, „родителите треба да им ја кажуваат вистината на своите деца, колку и да изгледа тоа незгодно“. И во семејствата, како и во државите, „не може да се очекува од оние кои се интелигентни, но слаби, да се откажат од употребата на својата интелигенција во нивните конфликти со оние кои се глупави, но силни“.

Петтата заповед на Расел важи и за односите меѓу старите и младите, бидејќи „оние што се занимаваат со младите неизбежно имаат моќ, и лесно е да се користи оваа моќ на начини што му се допаѓаат на воспитувачот, а не на детето“. А со својата осма заповед, тој мисли „да сугерира цел сет на монотони, но неопходни доблести, како што се точност, одржување ветувања, придржување кон планови што вклучуваат други луѓе, воздржување од предавство дури и во неговите најблаги форми“. За жал, „модерното образование, со намалувањето на акцентот на дисциплината, мислам дека не успеа да создаде сигурни човечки суштества кога станува збор за општествените обврски“.

Ова „прескриптивно истакнување – особено акцентот ставен на заслугите на некои скромни доблести – можеби бил под влијание на неговото практично искуство со прогресивното образование“, пишува уредникот на „Собраните трудови на Бертранд Расел“, Ендру Боун. Но, Расел продолжил да го ревидира својот декалог долго откако го напуштил училиштето Бикон Хил во 1932 година, а светските настани од следните децении го инспирирале да го користи во служба на она што го сметал за либерален поглед на светот. Една верзија емитувана на Би-Би-Си во 1951 година вклучува заповеди како што се „Немој да се чувствуваш апсолутно сигурен во ништо“, „Најди повеќе задоволство во интелигентното несогласување отколку во пасивниот договор“ и „Не користи моќ за да ги потиснеш мислењата што ги сметаш за штетни, бидејќи ако го сториш тоа, мислењата ќе те потиснат тебе“ – сето тоа што повеќето од последните неколку генерации студенти можеа добро да го интернализираат.

Извор.

Leave a comment